Почетна » Кариера » На работното место » Како да се справите со љубоморните колеги?

Како да се справите со љубоморните колеги?

Љубомората не ни е непознато чувство. Сакале или не, сите сме ја почувствувале и сите сме се нашле на двете страни на љубомората – сме биле љубоморни и сме забележале дека некој ни е љубоморен.

Како нормална појава, љубомората допира до сите сфери на животот – во љубовта, пријателството, роднинските врски, но и во работата. Луѓето поминуваат голем дел од денот на работното место, па кога таму се соочуваат со проблемот љубомора, тој им одзема многу енергија и им создава дополнителен стрес.

Навистина е непријатно кога погледите се насочени кон вас, а знаете дека некои од нив не се баш исполнети со радост за вашиот постигнат успех. Тие постојано ве демнат, ве меркаат од глава до пети и ви испраќаат негативни сигнали. Љубомората од колегите може да биде манифестирана на различни начини – некои „боцкаат“ со завидливи погледи и неумесни коментари, но други може да преминат на поболни методи како омаловажување и поставување на „сопки“ на патот кон успехот.

Без разлика која е причината за појава на љубомора, таа честопати ја уништува работната атмосфера. Ако не пронајдете начин да се справите со неа, освен вашето расположение, и вашите перформанси на работното место можат да бидат сериозно засегнати.

Љубомора на работното место

Најчести причини за љубомора на работното место

Независно дали ја заслужувате љубомората или не, дали доаѓа само од еден или од повеќе колеги, таа постои, а ваша задача е да го откриете изворот кој ја предизвикува. Еве кои се најчестите причини за љубоморните погледи на вашите колеги кон вас:

  • Желбата да бидат како вас. Вашето недостижно ниво може да се должи на вашето богато искуство, образование, вештини... Која и да е причината, факт е дека вие вршите импресивна работа која не останува незабележана од претпоставените и ве носи само нагоре и нагоре. Сосема е нормално да бидете „идолот“ кој колегите сакаат да го имитираат. Но, често нивниот неуспех резултира со појава на љубомора.
  • Вие имате најдобро образование во вашата област. Не секој има можност да се образува на најдобрите универзитети или да стекне титула магистер или доктор на науки. Ако вам ви била дадена шанса да го стекнете најдоброто образование во дадена област, се разбира дека љубоморните погледи на колегите нема да ве заобиколат. Како очекувате тоа да се случи кога сите го сакаат вашето мислење, а не она на колегите, сите ги сакаат вашите решенија, а решенијата на колегите се игнорирани, вие постојано напредувате, а колегите тапкаат в место.
  • Вашето унапредување. Вие сте во компанијата/институцијата само неколку години, а веќе добивте унапредување? Нормално е на вашите колеги кои работат таму со години да им излегуваат љубоморни искри од очите. Тие никогаш нема да сфатат дека потенцијалот за напредок и знаењето не зависат толку многу од возраста, колку од енергијата, времето и вниманието посветени на работата. Тие не можат да ја разберат страста со која вие ја вршите својата должност, па сè што можат да направат е да ви бидат љубоморни.
  • Привлечен надворешен изглед. Мислевте дека вашиот привлечен надворешен изглед не влијае врз вашите односи со колегите, особено со колешките? Се лажете. Тој многу често е причина за појава на љубомора, која иако не е поврзана со работата, сепак може да ви наштети.
  • Сите комплименти се насочени кон вас. Дали ви се случило постојано да добивате комплименти на работното место од претставниците на спротивниот пол? Ако вашиот одговор е „Да“, бидете сигурни дека веќе сте си ја навлекле љубомората на колешките.
  • Имате подобар живот од нив. Ова е честа причина за љубомора, затоа што многу луѓе никогаш не се задоволни од тоа што го поседуваат. Тие секогаш сакаат да имаат нешто повеќе, сакаат да го имаат туѓиот живот затоа што го сметаат за подобар, а никогаш не се обидуваат енергијата да ја насочат кон подобрување на сопствениот. Без разлика дали имате поубав автомобил од нив, поголема куќа или пак семејство со кое се гордеете (а тие постојано се жалат од своето), тие секогаш ќе ви прават љубоморни сцени.

Совети како да постапувате со љубоморните колеги

Тешко е да уживате во работата кога постојано ги чувствувате негативните вибрации испраќани од вашите љубоморни колеги. Психолошкиот притисок кој со себе го носи љубомората има моќ да ви го влошува секој работен ден. Во продолжение ќе најдете совети кои ќе ви помогнат да се справите со љубомората на колегите, со цел да си го направите престојот на работа попријатен.

  • Бегајте од озборувањата. Кога ќе наидете на колеги кои озборуваат, пронајдете си изговор и оддалечете се од нив. Ако не можете да излезете од просторијата, престорувајте се дека имате неодложна работа и не се вклучувајте во нивниот разговор. Доколку учествувате во озборувања, полесно ќе им биде на колегите да започнуваат да озборуваат за вас, веднаш штом ќе го свртите грбот.
  • Не се фалете со вашите успеси. Бидете поскромни. Кога би влегле во канцеларија фалејќи се дека наскоро ве очекува унапредување, зголемување на платата или дека сте имале состанок со претпоставен од врвот на хиерархијата, дури и најголемиот светец во собата не би можел да ја потисне љубомората. Истото важи и за успесите на приватен план. Ако постојано се фалите дека сопругот ви подарува скапи поклони, дека децата ви се најдобрите ученици или дека редовно одите на скапи шопинг-терапии, тешко ќе се ослободите од љубоморните погледи. Бидете умерени, особено ако знаете дека околу вас владее љубомората.
  • Бидете љубезни со љубоморните. Знаете како велат: „ Пријателот држете го блиску, а непријателот уште поблиску“. Со колегите поминувате голем дел од времето, па најдобро е да сте во добро односи. Ако вие сте љубезни, дури и на најзависливите и најзлобните би им било тешко да најдат лоши зборови за вас.
  • Но, не дозволувајте да газат врз вас и вашата репутација. Кога ќе слушнете дека некој ве напаѓа и се обидува да го извалка вашиот имиџ, не седете пасивно, туку спротивставете му се. Покажете дека не сте личност која мирно ги поднесува ударите, туку дека сте личност која знае силно да возврати. Со аргументи докажете дека колегата неосновано ве напаѓа. Ако му дозволите еднаш да се извлече со лажни обвинувања, тој само ќе собере повеќе сила и ќе продолжи со нападите.
  • Пофалете ги за добро завршената работа и подобрете им ја самодовербата. Најчеста причина за љубомора од страна на колегите е нивната ниска самодоверба. Но, вие можете да направите тие да се чувствуваат подобро во својата кожа и да ги минимизирате љубоморните погледи. Комплиментите како „Вчера одржа многу добра презентација“ или „Како се сети на тоа? Предложи одлично решение“ ќе ја подобрат самодовербата на колегите и ќе го избркаат „зеленото чудовиште“ од нивните мисли.
  • Разговарајте отворено и искрено со нив. Добрата и отворена комуникација е најдобриот начин за намалување тензијата на работното место. Издвојте си малку време и разговарајте насамо со колегата кој ви испраќа љубоморни сигнали. Но, во никој случај не го обвинувајте дека ви е љубоморен, бидејќи никогаш нема да ви го признае тоа. Наместо тоа, обидете се да се зближите и да разговарате на теми кои не се поврзани со работата.

Преку комплиментите можете да ги откриете и добрите актери кои умешно ја прикриваат љубомората. Потребно е само да ја следите внимателно нивната реакција.

Љубоморните луѓе тешко примаат комплименти, бидејќи мислат дека им зборувате со иронија, па немаат искрена насмевка и се чувствуваат непријатно. На лицето на други може да забележите вина, предизвикана од фактот дека кријат негативни чувства кон вас. Трети пак, откако ќе добијат ваш комплимент, може да се однесуваат како да се пресреќни и да започнат да се фалат уште повеќе со надеж дека вие ќе искоментирате „Леле, колку убаво, посакувам и јас да го имав тоа“ или „Отсекогаш сум го посакувала тоа“.

Што ако колегите упорно ја негуваат љубомората?

Не очекувајте дека работите ќе се променат преку ноќ и дека односите меѓу вас ќе се подобрат како некој да ве допрел со волшебно стапче. Еве што можете да направите наместо да сонувате дека љубоморните колеги ќе бидат отпуштени:

  • Сетете се зошто сте вработени во таа компанија/институција. Вашите напори на работното место треба да бидат насочени кон постигнување на професионалните цели. Фокусирајте се на исполнувањето на вашите задачи и остварувањето на вашите амбиции, наместо на љубоморните колеги.
  • Запомнете, вие не сте таму за да стекнувате нови пријателства, туку за да заработите. Некои од нас постојано се обидуваат да бидат пријатели со колегите. Се разбира дека е добро да имате добри односи со колегите, но ваша примарна цел е да заработите. Па, не вложувајте залудно напори ако гледате дека тие не даваат никаков резултат.
  • Не се чувствувајте лошо поради сопствениот успех. Сте посветиле голем дел од животот и сте вложиле многу енергија за да станете она што сте. Не им дозволувајте на колегите да го загорчат вашиот сладок успех.
  • Концентрирајте се на вашата работа. Задржете го професионализмот, фокусирајте се на брилијантната работа која ја извршувате во компанијата/институцијата и држете ги емоциите настрана од неа. Запомнете, никому не должите објаснување за тоа зошто сте толку добри во она што го правите.
  • Бидете внимателни. Има луѓе на кои љубомората им е начин на живот и кои чувствуваат гнев секогаш кога ќе се појави некој подобар од нив. Овие луѓе постојано ќе гледаат да ви наштетат и ако не сте внимателни, можат сериозно да ве вознемират. Разговарајте со вашите претпоставени ако имате проблем со ваква личност.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9533 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.