Почетна » Убавина и мода » Шминка » Како правилно да ги чистите четките за шминка?

Како правилно да ги чистите четките за шминка?

Негувањето на кожата на лицето е наша секојдневна мисија, но често забораваме на важноста на чистотата на приборот за шминкање. Четките се неопходни алатки за беспрекорно нанесување на шминката, но колку што можат да бидат полезни за разубавување, толку можат да бидат и штетни ако не ги одржуваме правилно. Имено, врз деликатните влакна на четките се насобираат мртви клетки и природни масла од кожата, прашина и слоеви декоративна козметика, па се создаваат идеални услови за размножување на бактерии, кои се виновни за затнување на порите, појава на акни, иритации и црвенило.

Чисти четки за шминка, чисто лице.

Вистината е дека најголем дел од жените екстремно ретко ги чистат четките. Добрата вест е што оваа задача можете да ја завршите за кратко време, а и не ви се неопходни специјални средства за тоа (сè што ви е потребно може да се најде во вашиот дом).

Четки за шминка

Со што можете да ги чистите четките?

  1. Шампон. Најдобро е да користите бебешки шампон, но не е проблем да користите и обичен шампон. Во мал сад измешајте малку шампон со млака вода. Откако ќе се раствори шампонот, потопете ги четките и мешајте со нив низ растворот. Масирајте ги четките нежно со прстите. Најголем дел од жените го користат овој метод за чистење, затоа што е наједноставен.
  2. Шампон + ладно цедено маслиново масло. Во мал сад измешајте еднакви количества шампон и ладно цедено маслиново масло и додајте малку вода. Маслиновото масло помага да се регенерираат влакненцата. Мешајте со четките низ растворот и повремено масирајте ги. Овој метод се препорачува за чистење на четки за ајлајнер, мрсна сенка за очи и кармин.
  3. Детергент за миење садови. Ставете неколку капки од детергентот за миење садови врз чисто меко сунѓерче. Поминувајте нежно со навлажнета четка по површината на сунѓерчето, правејќи кружни движења, а потоа измијте со млака вода. Повторете 2-3 пати. Детергентот за садови е антибактериски и длабински ги отстранува маслата и остатоците од шминка.
  4. Бел оцет + детергент за миење садови. Направете микс од 1 шолја топла вода, 1 голема лажица детергент за миење садови и 1 голема лажица бел оцет. Потопете ги четкичките и оставете ги неколку минути. Нежно измасирајте ги со прстите, па измијте ги со млаз млака вода. Детергентот освен што ќе помогне во дезинфекцијата, ќе ја отстрани и непријатната миризба на оцет.

Практични совети

Без оглед на тоа кој од понудените раствори за чистење ќе го изберете, за зачувување на четките во добра форма важно е да ги следите и следните совети.

  • На почетокот ставете ја четката под млаз вода, за да се отстрани поголемиот дел од остатоците од шминка. Внимавајте да не ја водените рачката и четката да биде насочена надолу за влакната да останат во правилна положба.
  • Откако ќе ја исчистите четката со некој од растворите и ќе ја измиете со млака вода, нежно притиснете ја за да се исцеди водата. Во овој момент со прстите измазнете ги влакната за да не се изгуби првобитната форма.
  • Легнете ги четките да се сушат на сува крпа или кујнска хартија.
  • Поставете ја крпата со четките на работ на маса или покрај мијалникот, за четките да висат, а не да останат сплескани на крпата.
  • Оставете ги четките да се сушат природно. Потребни се околу 10-12 часа.
Четки за шминка

Колку често се препорачува да се чистат четките?

Одговорот зависи од тоа колку често се шминкате. Четките за коректор, течна пудра и кармин треба да се чистат најмалку еднаш неделно, бидејќи влажноста го забрзува размножувањето на бактериите и полесно ги задржува прашината и нечистотиите на влакната.

Останатите четки најдобро е да ги миете еднаш на две недели, но многу експерти се согласуваат дека е доволно и еднаш месечно.

Дополнителни препораки

  • Никогаш не ги оставајте четките да се сушат во вертикална положба, односно со рачката надолу, бидејќи водата ќе се цеди во металниот дел каде се наоѓа лепилото кое ги држи влакната. Доколку ја направите оваа грешка, ризикувате четката да се одлепи.
  • Не ги измивајте четките со жешка вода и не ги сушете со фен, бидејќи може да се уништат влакненцата или да се изгуби убавата форма.
  • Бришете ги рачките на четките со влажни марамчиња.
  • Редовно перете ги и несесерите во кои ги чувате шминките.
  • Доколку вашата четка е направена од природни влакна, можете да користите регенератор за коса за да ја одржувате мека.

Нека ви стане навика измивањето на четките еднаш неделно или еднаш на две недели. Ќе се заљубите во мекоста и допирот на чистите четки врз вашата кожа. А покрај тоа што ќе се заштитите од бактериите, ќе го продолжите и животниот век на вашите омилени четкички.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11126 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.