Почетна » Убавина и мода » Мода » Празнични идеи од најголемите бјути трендови за 2012

Празнични идеи од најголемите бјути трендови за 2012

Нè очекува највеселиот период од годината. Празничната еуфорија ќе ни ги разбуди оптимизмот и желбата за забава, ќе ни ги рашири насмевките и ќе нè инспирира позачестено да експериментираме со изгледот.

За претстојните луди забави, црпете идеи од највпечатливите бјути трендови за 2012, кои упорно продолжуваат да го зголемуваат кругот на обожавателки.

Висок кок

Висок кок

Никој не одолеа на елеганцијата и шармот на високите пунџи. Од модните блогерки и манекенките на пистите, до холивудските ѕвезди на црвениот тепих, сите станаа приврзанички на високо собраната коса, стил кој инстантно се популаризираше уште на почетокот на 2012.

Разбушавен кок, идеално оформена „крофна“ со чорап, замазнета балерина пунџа украсена со тенка плетенка... Изборот е голем, па имате можност да го прилагодите на приликата.

Омбре маникир

Омбре маникир

Креативните маникири ја потиснаа популарноста на еднобојните нокти. Маникирот „омбре“ подразбира постепено преминување на лакот од посветол кон потемен, или пак, постепено преливање на различни бои од една кон друга. Поиграјте си со градацијата на лакот и вашите раце гарантирано ќе привлекуваат погледи.

Црвени усни

Црвени усни

Бојата на страста ги става на преден план сексапилот и самодовербата. Нека црвениот кармин биде ваш скриен адут со кој инстантно ќе го преобразувате изгледот од кежуал/деловен во гламурозен и софистициран. Чувајте црвен кармин блиску до себе и по завршувањето на работното време за нецела минута ќе можете да се подготвите за коктел забава.

Поглед на паун

Поглед на паун

Колоритните перја на пауните нека ве водат при изборот на сенки за очите. Дозволете им на сините, виолетовите и зелените нијанси да доминираат и да ја истакнат бојата на вашите очи. Изберете безбоен кармин за да избегнете нападен изглед.

Обемна плетенка настрана

Обемна плетенка настрана

Пред неколку години плетенката се асоцираше со фризура за мало девојче или старомоден изглед. Но, веќе неколку сезони наназад плетената коса е неспорен моден хит. Сплетете ја косата полабаво за да го зачувате волуменот. Плетката „рибина коска“ е особено привлечна, но ако брзате, и едноставната плетенка со три прамена ќе ви помогне да дојдете до урбан изглед.

Мачкин поглед

Мачкин поглед

Во 2012 година владееше ретро стилот, а заедно со него на сцената дојде и шминката „мачкини очи“. Вежбајте ја прецизноста за да можете пред забава, за неколку минути, со ајлајнер да направите совршена линија која ќе ја потенцира вашата женственост и ќе ја акцентира убавината на вашите очи.

Бордо кармин

Бордо кармин

Усните обоени во бојата на бургундецот имаат моќен заводлив ефект. Делуваат мистериозно и се знак на самоувереност. Со бордо кармин на лесен начин и наједноставната модна комбинација ќе ја направите полуксузна и поелегантна. Најдобро е темноцрвените усни да ги комбинирате со нежни златни или бели сенки за очи.

Блескави светулки

Блескави светулки

Сребрените и златните светликави сенки за очи и лакови за нокти мамеа обожавателки во текот на целата година. Не пропуштајте да го искористите гламурозниот ефект на светкавата шминка и блескавите лакови за да го збогатите изгледот за посвечените прилики.

Син „зачаден“ поглед

Син „зачаден“ поглед

Класичниот црно-сив „зачаден“ поглед во текот на 2012 стана поколоритен. Користете сини сенки за да го постигнете вечно модерниот „smokey eye“ изглед. Мејкап артистите оваа шминка на очите најчесто ја комбинираа или со светло црвен или со светло розов кармин.

Па, на кои од трендовите планирате да им дадете шанса за време на празничните прослави?

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9489 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.