Почетна » Семејство » Бебе » 15 златни правила за мајки кои дојат

15 златни правила за мајки кои дојат

Доењето е прекрасно искуство, средство со кое мајката му го предава најдоброто и најхранливото од себе на своето малечко и начин на кој таа создава нераскинлива врска со него. Но, и покрај приказните дека доењето е инстинктивно и доаѓа природно, во почетокот тоа може да биде вистински предизвик за новите мајки.

Доење

Следниве правила ќе ви помогнат да воспоставите правилно доење и да избегнете некои од грешките кои ги прават новите мајки:

  1. Верувајте му на своето бебе, не на часовникот. Можеби пред да станете мајка вашиот живот беше структуриран и организиран, но сега потребно е да заборавите на времето и да го следите ритамот на вашето бебе. Тоа знае што му треба, затоа што неговиот мозок е создаден за преживување. Колку повеќе му дозволувате на бебето да цица, толку повеќе млеко вашето тело ќе лачи во иднина. Доењето по барање е клучот кон создавање и одржување на оптимална лактација, а бебињата кои се доени на овој начин одлично напредуваат и самите си создаваат рутини.
  2. Не купувајте адаптирано млеко за „во случај да ви притреба“. Многу е веројатно да посегнете по него во тешките времиња и моментите на слабост ако го имате во вашиот дом. Запомнете, колку повеќе адаптирано млеко му давате на бебето, толку помалку мајчино млеко ќе имате.
  3. Не се дијагностицирајте самите со „слабо млеко“. Најголем дел од мајките во одреден период од патувањето наречено доење се грижат дека немаат доволно млеко или дека млекото им е „слабо“. Ако и вие сте дел од нив, голема е веројатноста да грешите. Не постои такво нешто како „слабо“ млеко, а и количината на млеко која мајката ја создава ако правилно дои, најчесто перфектно се совпаѓа со количината која му е потребна на бебето. Ако забележите дека бебето не „полни“ доволно пелени (5-6 за еднократна употреба или 6-8 памучни пелени) во текот на 24 часа, не голта воопшто додека цица, плаче дури и откако ќе го надоите или не добива доволно во тежина, консултирајте се со стручно лице.
  4. Избегнувајте ги цуцлите и шишињата. Колку помалку време бебето поминува на градите, толку помалку ќе бидат тие стимулирани и толку помалку млеко ќе создаваат.
  5. Дозволете му на бебето да ја испразни целосно едната града пред да му ја понудите другата. Можеби уште слушате од вашата мајка или свекрва дека бебето треба да се дои 10 минути на едната града, па 10 на другата. Да, така беше во минатото, но подоцна се докажа дека бебињата кои се доени на тој начин не напредуваат доволно и побрзо огладнуваат. Сега знаеме зошто е тоа така. Млекото кое бебето го добива во почетокот од подојот содржи помалку масти, отколку млекото кое доаѓа на крајот. Млекото богато со масти е многу важно за напредувањето на бебето во тежина, за развојот на неговиот мозок и за столицата. Ако го храните бебето по „старата школа“ тоа нема да може да го добие ова млеко.
  6. Секогаш нудете му ја на бебето градата која беше последна во претходниот подој. Откако бебето ќе ја испразни првата града, поттикнете го да ждригне, а потоа ставете го на другата града. Бебињата најчесто не ја празнат целосно втората града или воопшто не ја прифаќаат, па на следниот подој, препорачливо е да започнете од неа. На тој начин двете гради ќе добијат еднаква стимулација. Ако не помните, добра идеја е да ставате безопасна игла на прерамката од градникот која ќе означува дека таа града беше последна претходниот подој. Или пак, можете да ставате ластик или белегзија на соодветната рака. Земете го и запишувањето во тефтер како алтернатива.
  7. Најдете ја најудобната положба за вас пред да започнете со доење. Не мора секогаш да го доите бебето во најчестата положба, т.н. лулка. Бидете авантуристи и експериментирајте со различните положби во кои може да доите. На пример лежечката положба ви овозможува не само да го доите бебето, туку и да се одморите, па и да ги затворите очите на неколку минути.
  8. Не се споредувајте со другите мајки, ниту пак со вашата. Секое новороденче е различно и секоја врска која се создава меѓу мајките и бебињата е различна. Ако едно нешто функционира за една мајка, не значи дека ќе функционира за сите. Избегнувајте компарации, особено ако ви создаваат негативни чувства. Многу често жените го употребуваат и изговорот „Мајка ми не можеше да не дои ни мене ни сестра/брат ми“ за да се откажат пребрзо од доењето. Потребно е да знаете дека доењето не е генетски предодредено.
  9. Секогаш имајте чаша вода покрај себе. Доилките треба да пијат многу вода и да се хранат здраво. Доењето може да одземе многу време, па секогаш имајте чаша вода покрај себе. Добра идеја е и да си подготвите здрава ужина која може да се јаде со една рака за да не го прекинувате доењето.
  10. Ако доењето боли, променете ја положбата на бебето. Иако инстинктот на мајка ќе ви кажува да ја трпите болката за да го задоволите вашето малечко, многу е важно да научите правилно да го поставувате вашето бебе да цица. Лошата положба не само што предизвикува болка, туку и може да ви ја оштети брадавицата и да ја попречи лактацијата поради неефикасна стимулација на градите. Мала болка во почетокот од доењето е нормална, но не и болката која продолжува во текот на целото доење. Не би требало да правите лоши гримаси во текот на целиот подој. Ако боли, променете ја позицијата на бебето.
  11. Спијте кога бебето спие. Можеби овој совет ви делува како клише, но сонот е вашето најсилно оружје. Сè останато може да почека, особено во првите седмици од доењето.
  12. Дојте го бебето пред да започне да плаче. Плачењето најчесто е знак дека бебето очајно сака да јаде и во тие моменти тешко е да го натерате да цица ефикасно. Потребно е прво да го смирите со гушкање, нишање, контакт кожа на кожа и зборување, а потоа да го поставите да цица. Доењето е најефикасно кога бебето не е премногу гладно. Надојте го ако тоа покажува знаци на глад како ставање на раката во устата, вртење на главата лево-десно со отворена уста и нервозни движења.
  13. Стојте подалеку од луѓе кои ви солат памет. Подгответе се да се соочите со коментари како „Детето е гладно, немаш доволно млеко“, „Дај му шише адаптирано млеко и ќе спие како бајче“, „Што, уште го доиш?“ И да ги игнорирате. Никој не смее да носи одлуки наместо вас, затоа што подоцна вие ќе треба да живеете со последиците од истите. Најдете што е најдобро за вас и уживајте во времето додека градите специјална врска со вашето малечко.
  14. Бидете трпеливи и верувајте во себе, трудот ќе се исплати. Првите денови од доењето се предизвик. Ако и вие, како и голем број жени, во овој период се соочувате со проблеми, најверојатно многупати ќе посакувате да се откажете. Во тие моменти, верувајте во себе и дајте си време за да се прилагодите. Колку и да ви изгледа тешко денес, ќе биде полесно утре. Кога еднаш ќе биде воспоставено, доењето ќе се претвори во прекрасно искуство на кое ќе се сеќавате со насмевка дури и откако ќе престанете да доите.
  15. Гледајте на доењето како на специјално време кое го минувате насамо со вашето малечко. Деновите во кои го доите вашето бебе ќе поминат пред да трепнете и колку и невозможно да ви изгледа тоа во почетокот, ќе ви недостигаат. Доењето ви нуди можност да поминете бесценето време насамо со вашето бебе, да зјапате еден во друг, да се допирате и галите без да мислите на сè останато, истовремено поврзувајќи се на повисоко ниво. Искористете го максимално.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11084 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.