10 нешта кои не би требало да ги правите по раскинување
Почетна » Љубов и секс » Сингл » 10 нешта кои не би требало да ги правите по раскинување

10 нешта кои не би требало да ги правите по раскинување

„Љубовта започнува со насмевка, расте со бакнеж, а завршува со солза.“

Не постои човечко суштество кое е имуно на љубовната болест наречена скршено срце. Сите кои љубат, се изложени на ризикот да доживеат болна разделба која остава лузни на срцето, затоа што не е лесно ладнокрвно да гледаш како (некогаш) сакана личност исчезнува од видик.

Љубов

Но, откако врската ќе го стигне својот крај и патиштата ќе ви се разминат, не дозволувајте тагата, лутината, очајот или љубомората да ве поттикнат да правите нешта кои само ве држат в место, ви ја зголемуваат болката или ви испишуваат очај на лицето. Што не би требало да ви паѓа на ум по раскинување?

  1. Се залажувате дека на неговиот „ѕид“ на Facebook ќе најдете добри вести за вас. Додека ги читате неговите статуси си помислувате „Дали ова се однесува на мене?“. Го шпионирате на Facebook со надеж дека ќе прочитате „кодирана“ порака која ќе ги потврди вашите сомнежи дека сè уште сте во неговото срце. Демнењето на неговиот профил е лоша постапка од неколку аспекти – прво, интензивно ќе негувате лажна надеж дека врската ќе ви се обнови дури и ако нема реална основа за тоа и второ, ќе ви се зголемуваат лутината и љубомората кога ќе наидете на пораки кои укажуваат дека тој продолжува со својот љубовен живот. Престанете да изигрувате детектив. Она што не го знаете не може да ве повреди, нели?
  2. Негирате дека сте тажни, кога вашето срце е скршено од болка. Дозволете си да бидете тажни, плачете, викајте, исповедајте се пред пријателките. Извадете ги на виделина сите силни негативни емоции – лутина, тага, срам, страв, осаменост, очај, љубомора... Користењето на маска со лажна широка насмевка кога внатрешно се распаѓате е контрапродуктивно. Колку побрзо се соочите со своите чувства и реалноста, толку побрзо ќе го разбудите оптимизмот во вас.
  3. Изразувате незадоволство или привлекувате внимание преку емотивни статуси на Facebook. Заборавете на статусите кои ги навредуваат сите мажи на светот или оние кои опишуваат дека минувате низ ужасен период. Драматизирањето ги иритира вашите пријатели на Facebook, па подобро е да побарате пријатели во реалниот живот и ним да им кажете што ви тежи на душата. Заборавете и на флертувачките коментари кои имаат цел да ја разбудат љубомората кај партнерот, а исто така заборавете и на објавувањето на балади кои би требало да го вратат во старите добри среќни времиња. Немојте да мислите дека вашата емотивна Facebook страница ќе го натера да ви се врати.
  4. Се обидувате да изградите лажно пријателство само за да останете поблиску до него. Во одреден момент ќе сфатите дека некои личности можат да останат во вашето срце, но треба да го напуштат вашиот живот. Да ја спасувате врската преку пријателство, кога вашето срце сè уште му припаѓа нему, е како да започнувате однапред изгубена битка. Болката ќе биде неизбежна кога тој ќе реши да продолжи понатаму. Една од најтажните глетки на светот е да го видите саканиот среќен со друга.
  5. Прифаќате покана за секс. Тоа што некогаш сексот ве поврзувал, не значи дека по раскинувањето ќе изгради мост помеѓу вас. Да имате бесмислен секс со личност која повеќе не можете да ја наречете свој партнер е губење скапоцено време кое можете да си го посветите себеси, за да си ги подредите мислите и да среќавате нови личности. Не му дозволувајте на бившиот да ги искористува чувствата кои сè уште ги имате кон него за телесно задоволство.
  6. Веднаш се „фрлате“ во нова врска, со надеж дека таа ќе ви ги излекува раните. Не можете да летате со скршено крило и не можете да сакате со скршено срце. Ако сè уште имате чувства кон бившиот, влегувањето во нова врска не е фер ниту кон вас, ниту кон новата личност во која гори надеж дека можете да бидете среќни заедно. Дајте им време на раните да зараснат и поуживајте барем накратко во слободата.
  7. Чувате потсетници кои ви будат болни спомени. Добрите спомени од минатото секогаш ќе ве растажуваат и ќе ве враќаат во моментите кога бевте среќни со него. Послушајте ја мудроста „далеку од очи, далеку од срце“. Соберете во кутија сè што ве потсетува на него – билети од концерти, меки плишени мечиња, плутени тапи од вино и ставете ги во приватно катче во домот. Опкружете се со нови луѓе, посетувајте нови места. Новиот почеток ќе создаде нови спомени кои неосетно ќе ги заклучат старите во минатото за полесно да го заборавите.
  8. Упорно ја храните осаменоста. Непосредно по раскинувањето, сосема нормално е да ви доаѓа да се свиткате во фетална позиција на креветот и да останете во својата соба со денови. Но, колку и да копнеете да останете изолирани од светот, тоа не е ни приближно добра опција. Свртете се кон пријателите и семејството и дозволете им повторно да ви ја стават насмевката на лицето. Да, можеби ни на крај памет не ви доаѓа идејата за забава, но во таквите моменти, без позитивни луѓе ќе се чувствувате како риба без вода.
  9. Несвесно го „казнувате“ сопственото тело за крајот на врската. Стомакот и срцето се два неповрзани органи. Полнењето на едниот нема да го излечи другиот, а и нема да го пронајдете одговорот на вашите прашања на дното од теглата со чоколаден крем. Да, сигурно се чувствувате лошо, но емоционалното јадење нема да ја подобри ситуацијата. Наместо кон фрижидерот, насочете се кон салата за вежбање. Ем ќе блескате во омилениот фустан, ем ќе си го подобрувате расположението.
  10. Заборавате дека не треба да го контактирате кога алкохолот зборува наместо вас. Поставете си правило дека не треба да му се јавувате или да му испраќате пораки кога алкохолот го поматува вашиот разум. Не правете нешто за кое најверојатно ќе жалите само неколку часа подоцна.

Анкета

Анкета
Сметате ли дека треба да се продолжи породилното отсуство?
  • 19%
  • 73%
  • 8%
Се испраќа...

(Вкупно: 19564 гласа)

Цитат

Да бидеш себеси во свет кој константно се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување.

Ралф Валдо Емерсон

Виц

Кога жена вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема НОВИ алишта.

Кога маж вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема ЧИСТИ алишта.