Почетна » Убавина и мода » Лице » Како да имате фотогенична насмевка на секоја фотографија?

Како да имате фотогенична насмевка на секоја фотографија?

Одамна заврши времето кога фотографиите ги овековечуваа само најважните случувања и достигнувања. Во дигиталната ера во која живееме секој носи со себе мобилен телефон со камера или фотоапарат и позирањето за фотографии е секојдневно искуство, па не е на одмет да ја совладате уметноста на фотогеничната насмевка.

Најпривлечната насмевка е искрена, блескава и одмерена, но не е резервирана само за холивудските ѕвезди. Со малку вежбање пред огледалото и со неколку трикови можете да постигнете вашето насмеано лице да биде подготвено за фотографирање во секој момент.

Фотогенична насмевка

За да бидете неодоливо убави и од лицето да ви зрачи искрена насмевка на секоја од фотографиите од свадбениот ден, празничните прослави и секојдневните друштвени собири, не ги заборавајте следниве совети:

Поминете со јазикот преку забите пред да се фотографирате

Сакате вашите заби да блескаат на фотографиите? Непосредно пред да светне блицот поминете со јазикот преку забите. Тоа ќе ги навлажни и ќе им даде природен сјај.

Покажете само ¾ од насмевката

Веројатно имате барем една фотографија на која широката насмевка покажува малку повеќе од непцата отколку што би сакале другите да видат. Големите еуфорични насмевки се посакувани во реалноста, но тие не изгледаат толку привлечно кога се сместени на фотографија.

Идеалната насмевка ги вади на виделина забите од горната вилица, но не и непцата на кои тие се наоѓаат.

Држете ги вилиците благо разделени една од друга

Можеби сте забележале дека кога се смеете од срце, горната и долната вилица не ви се допираат, туку се благо разделени. Имитирајте го тоа секогаш кога се фотографирате. Држете ги вилиците на мало растојание, доволно за да можете да го пикнете малото прсте меѓу забите.

Разделувањето на вилиците ќе ви помогне да изразите возбуденост, а со тоа насмевката станува поприродна и поискрена.

Додајте сјај за усни во центарот на долната усна

Блескавата насмевка е еден од најважните атрибути за повпечатливи фотографии. Сјајот нанесен на средината од долната усна ја рефлектира светлината и насмевката станува поблескава.

Друг начин за да го постигнете овој ефект е преку нанесување на кремаст кармин кој содржи сјај. Матираните кармини може да имаат спротивен ефект, бидејќи ја апсорбираат светлината, па вашата насмевка може да изгледа премногу мрачна.

Насмевнете се додека издишувате

Непосредно пред да ве фотографираат, вдишете длабоко. Додека фотографот го притиска копчето, издишувајте со насмевка на лицето. Мускулите на лицето ќе бидат релаксирани, а вие ќе изгледате посмирено и поспокојно. И се разбира, вашата насмевка ќе биде поприродна.

Наклонете ја главата настрана

Повеќето луѓе немаат симетрично лице или симетрична насмевка. Па, фотографијата ќе изгледа многупати подобро ако благо ја наклоните главата налево или надесно, т.е. да не сте директно насочени кон фотоапаратот.

Пронајдете ја идеалната насмевка според формата на усните и забите

Со каква насмевка треба да го украсите вашето лице зависи од формата на вашите усни и заби.

  • Полна горна усна. Премногу широката насмевка ќе ја истанчи горната усна. Насмевнете се доволно за да ги покажете горните заби, но умерено.
  • Тенка горна усна. Насмевнете се така што краевите на горните заби нежно да ја допираат долната усна. „Судирот“ меѓу забите и долната усна ќе го одвлече вниманието од тенката горна усна и ќе добиете побалансирана насмевка.
  • Долги или нерамни горни заби. Ако горните заби не ви се рамни, или пак, сметате дека се предолги, тогаш за време на насмевката вашата долна усна треба да го крие долниот дел од горните заби.

Вежбањето пред огледало и анализирањето на стари фотографии ќе ве подучи која е вашата идеална насмевка.

Изберете црвен пред розов кармин

Розовите кармини ја истакнуваат пигментацијата на забите. Ако немате идеално бела холивудска насмевка, најлесниот начин да ги избелите забите е да го прескокнете розовиот и да нанесете црвен кармин.

Носете сребрен накит

Златниот ѓердан можеби ќе го надополни совршено вашиот аутфит, но за жал, може да го намали блесокот на вашата насмевка. Жолтиот накит фрла жолта нијанса и на забите.

Од друга страна, сребрениот накит ќе придонесе за побела и посјајна насмевка.

Мислете на среќни мигови

Насмевката доаѓа однатре, во неа се рефлектирани вашите чувства и мисли. Многу луѓе се смеат механички додека се фотографираат, без да внесуваат чувства во насмевката. Ако не сте многу вешти во имитирањето на искрена насмевка, обидете се самите да си измамите насмевка на лицето.

Пред да погледнете во фотоапаратот, помислете на смешна случка или на личност која ви буди позитивни емоции. Помислете на првиот бакнеж, на првиот чекор на вашето малечко, на денот кога дипломиравте или едноставно замислете го вкусот на омиленото чоколадо. Евоцирањето на среќни спомени ќе резултира со ведра насмевка која ќе ја носите со гордост.

За крај, Фотошоп може да направи многу за разубавување на фотографиите, но не може да ја „маскира“ вештачката насмевка. Насмејте се од срце и тоа дефинитивно ќе се отслика на фотографиите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9504 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.