10 начини на кои пушењето ја уништува вашата природна убавина
Почетна » Убавина и мода » Тело » 10 начини на кои пушењето ја уништува вашата природна убавина

10 начини на кои пушењето ја уништува вашата природна убавина

Ако сте пушач, веројатно знаете колку многу пушењето му штети на здравјето – срцето, белите дробови, мозокот, па дури и сексуалниот живот се жртви на вашата лоша навика. Колку пати додека сте дискутирале за пушењето сте кажале „Нема потреба да ги откажам цигарите. Јас немам проблеми со здравјето“ или „Утре не знам што ќе биде. Нема причина за да си скратувам од задоволството“ ?

Да, точно е дека не ги гледате негативните ефекти кои цигарите ги имаат врз здравјето, но дали би се откажале од пушењето доколку ефектите се видливи? Што ако несовршеностите во вашиот надворешен изглед се дело на цигарите? Цигарите не го уништуваат само вашето здравје, тие исто така го уништуваат и вашиот физички изглед. Вашата кожа, забите, косата, очите, односно сите делови што треба да бидат скриен адут на вашата убавина, страдаат како последица на цигарите.

Пушењето и убавината

Еве кои се последиците од пушењето, кои се видливи со голо око, а ја засегаат вашата природна убавина:

Губење на природниот сјај на кожата

Цигарите ви го одземаат она што ви го подарила природата – здравиот блесок на кожата. Дури и во медицината е прифатен терминот „лице на пушач“ (smoker’s face), кој се користи за да опише одредени карактеристики на лицето кои се последица од пушењето и се заеднички за повеќето пушачи, но не и за непушачите – брчки околу устата и очите, предвремено остарена кожа и жолтеникав тен.

Цигарите содржат јаглерод моноксид кој го заменува кислородот во крвта и никотин кој ги стеснува крвните садови и го намалува протокот на крв. Помалиот проток на крв во кожата и недостигот на кислород и хранливи состојки ѝ штетат на кожата со тоа што ја прават сува и ѝ ја одземаат здравата боја. Поради тоа, некои пушачи имаат блед тен, додека кај други се забележува нееднакво обојување на кожата.

Предвремено стареење и брчки

Иако брчките понекогаш се знак на мудра личност со богато животно искуство, тоа не е случај кога се лоцирани на кожата на млада личност која пуши. По сончањето, пушењето е најголем предизвикувач на предвремено стареење.

Секоја запалена цигара со помош на никотинот ги стеснува крвните садови кои ја хранат кожата со оксидирана крв и хранливи состојки. На овој начин кожата започнува да ја губи својата еластичност и станува посклона кон создавање брчки, особено околу устата и очите. Очите страдаат кога ги подзамижувате во обид да го спречите чадот да не навлезе во нив, а усните кога повлекувате од цигарата. Појавата на збрчкана и бледа кожа е 4-5 пати почеста кај пушачите.

Цигарите исто така намалуваат голем број на хранливи состојки, вклучувајќи ги витаминот Ц, витален антиоксиданс кој ја штити кожата и витаминот А. Пушачите просечно изгледаат за 1,4 години постаро од непушачите.

Опуштена кожа

Тутунот од цигарите содржи повеќе од 4.000 хемикалии. Слободните радикали кои се ослободуваат за време на пушењето ги уништуваат колагенот и еластинот, задолжени за зацврстување и затегнување на кожата. Изгубеното количество на колаген предизвикува кожата на грлото, околу очите, на деколтето, нозете и рацете да ја изгуби својата цврстина и еластичност, односно да се појави опуштена кожа.

Бавно заздравување на раните и повидливи лузни

Никотинот предизвикува вазоконстрикција (стеснување на крвните садови) и го ограничува протокот на крв богата со кислород до тенките садови на кожата. Поради тоа, на раните им е потребно подолго време за да заздрават. Пушачите имаат поголеми и поцрвени лузни отколку непушачите.

Испукани усни и жолти заби

Копнеете по убава насмевка? Цигарите нема да ви ја подарат. Напротив, тие бавно ја уништуваат природната боја на усните, правејќи ги темни и непривлечни. Усните на пушачите најчесто се испукани, а исто така врз нив се видливи тенки линии кои се последица на честото собирање кое е речиси неопходно за повлекување на чад.

Ако кон непривлечните усни ги додадеме и жолтите заби, кои најверојатно како пушач веќе ги поседувате „благодарение“ на наталожениот никотин врз нив, вие дефинитивно ја губите својата шанса за холивудска насмевка.

Танчење на влакната на косата и предвремено опаѓање

Ако пушите, кажете ѝ збогум на здравата коса полна со живот. Како последица на никотинот и јаглеродниот моноксид кои ги содржи чадот од цигарата, вашата коса го губи својот сјај, а влакната стануваат потенки и лесно се кинат.

Кај пушачите, јаглеродниот моноксид се пренесува преку крвта до сите делови од телото, вклучително и до фоликулите на влакната и го намалува присуството на кислород во скалпот. Кога косата не добива доволно хранливи состојки и кислород од крвотокот, таа станува безживотна и „умира“. Пушачите се двапати посклони кон опаѓање на косата и предвремено оќелавување од непушачите.

Отечени капаци и темни кругови околу очите

Пушењето е една од основните причини за недоволен сон, а недостигот на добар сон уште следниот ден се покажува на вашето лице преку појава на отечени очни капаци и темни кругови околу очите. Дури и кога кај пушачите спиењето квантитативно ги задоволува стандардите за добар сон, тоа не гарантира квалитетен сон.

Пушачите се чувствуваат ненаспани четирипати почесто од непушачите. Зошто? Затоа што телото е „гладно“ за никотин, а тоа предизвикува прекинување на сонот и немир во текот на ноќта. А, не е тајна дека недоволниот сон е голем непријател на вашата убавина.

Катаракта

Со секоја запалена цигара вие го зголемувате ризикот од катаракта и макуларна дегенерација, што може да доведе до загуба на видот. Катаракта претставува заматување на очната леќа. Оваа состојба ги засега пушачите двојно повеќе отколку непушачите, затоа што чувствителните крвни садови во ретината можат лесно да бидат оштетени од чадот.

Жолти прсти и нездрави и кршливи нокти

Никотинот од цигарите на само што ги обојува забите и ѕидовите во домот во жолто-кафеава боја, туку и ги пожолтува прстите и ја уништува цврстината на ноктите. Бидејќи цигарите не му го даваат на телото потребниот кислород, страдаат и ноктите. Бавното растење и искршените нокти се едни од честите последици на пушењето.

Во жолтите прсти нема ниту грам женственост. Затоа, наместо да се трудите да ги елиминирате жолтите дамки со различни третмани, речете им „збогум“ на цигарите.

Го уништува вашиот природен мирис

Пушачите најчесто имаат непријатен здив и лош мирис на косата и облеката. Воопшто не е пријатно да прегрнувате или бакнувате личност која штотуку ја изгаснала цигарата. Женската убавина вклучува и пријатен мирис на телото, а верувајте, ниту еден парфем не може да ја прикрие силната одбивна миризба на чадот од цигарите.

Не заборавајте, вашето тело започнува да заздравува и да си ја враќа природната убавина уште во првата минута од откажувањето од цигарите. Вреди да се проба, нели?

Анкета

Анкета
Каков е вашиот став за вакцина против КОВИД-19?
  • 14%
  • 22%
  • 65%
Се испраќа...

(Вкупно: 4939 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.