Суво четкање на телото за мазна кожа без целулит
Почетна » Убавина и мода » Тело » Суво четкање на телото за мазна кожа без целулит

Суво четкање на телото за мазна кожа без целулит

Сувото четкање е ефикасен метод за разубавување на кожата и намалување на видливоста на женскиот непријател наречен целулит. Прифатен од многу славни дами како Миранда Кер и Ел Мекфирсон, четкањето на телото насуво е едноставен домашен третман кој за кратко време ќе ви премине во навика.

Одзема околу 10-ина минути дневно, па вреди да тестирате што сѐ може да направи за вас. Нема да ви го испразни паричникот, а може да ви помогне засекогаш да се збогувате со нерамнините на задникот и бутовите, сувата кожа и поткожните влакненца.

Суво четкање

Придобивки од сувото четкање

  • Намалување на видливоста на целулитот. Во потрага сте по природен начин за отстранување на непосакуваниот изглед на кожата кој потсетува на кора од портокал? Сувото четкање е вистинското решение. По само 3-4 недели ќе забележите намалување на нерамнините на кожата на бутовите и задникот.
  • Свиленкасто мазна и цврста кожа. Четкањето е евтин метод за ексфолијација, односно за отстранување на површинскиот слој мртви клетки, кој го елиминира безживотниот изглед на кожата и ја прави пријатна на допир.
  • Подобрување на циркулацијата. Сувото четкање може да се разгледува како еден тип масажа и во тој контекст го подобрува протокот на крв. Четкањето го стимулира и движењето на лимфата низ лимфниот систем.
  • Намалување на поткожните влакненца. Најефикасното оружје против поткожните влакненца е редовното ексфолирање на кожата, а сувото четкање го нуди токму тоа.
  • Зголемување на енергијата и релаксација. Многу жени го започнуваат денот со суво четкање и туширање и се категорични дека тоа им помага да останат енергични до крајот на денот. Самото четкање резултира со пријатни сензации на кожата кои релаксираат.

Техниката на четкање

Прво и основно, неопходно е и кожата и четката да бидат суви. Четкањето се изведува со долги движења и нанесување на умерен притисок. Важно е да се движите од крајните делови на телото кон срцето. Можете да правите еднонасочни прави движења или елипсоидни движења.

Започнете од нозете и движете се нагоре кон колената, а потоа од колената кон задникот. Посветете им повеќе време на проблематичните области на кои целулитот е најзабележлив. Се препорачува стомакот да го четкате со кружни движења во насока на движењето на стрелките на часовникот. Истото важи и за долниот дел од грбот.

Рацете четкајте ги од прстите кон лактите, а потоа од лактите кон рамената. На крајот преминете на вратот и деколтето, движејќи се од главата кон градниот кош. Бидете нежни.

Најголем дел од луѓето го практикуваат четкањето наутро, но можете да го правите во кој било период од денот. Секогаш туширајте се по четкањето за да ја отстраните „мртвата“ кожа и нанесувајте природно масло за нега на кожата или пак хидратантно млеко.

Завршете го туширањето со наизменично менување на топла и ладна вода. (Поминете неколку секунди под млаз ладна вода, а потоа неколку под млаз од топла вода. Повторете го тоа неколку пати.)

Каква четка да се користи?

Суво четкање

Четката за тело треба да биде со меки влакна за да не предизвикува болка и непотребна иритација.

Најдобро е да се користи четка со природни влакна затоа што е понежна за кожата, но може да се најдат и добри четки со меки синтетички влакна. Долгата рачка значително може да ви го олесни процесот на четкање.

Не заборавајте редовно да ја миете четката со топла вода и сапун за да ги отстраните нечистотиите.

Колку често може да се четка кожата?

Со оглед на тоа што четкањето не ја надразнува здравата кожа, може да се практикува секојдневно, пред туширање. Поради пријатното чувство и релаксирачкиот ефект, многу жени го практикуваат и двапати дневно и велат дека создава зависност.

На почеток е сосема доволно да ја четкате кожата 3 пати неделно. По завршувањето на третманот, кожата ќе биде розевкаста, но не треба да биде многу црвена и да боли или да е чувствителна на допир. Прескокнете го четкањето ако имате изгореници од сончање или отворена рана и внимавајте на бемките.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 27%
  • 73%
Се испраќа...

(Вкупно: 885 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?