7 типа фустани кои би требало да ги има во секој женски плакар
Почетна » Убавина и мода » Мода » 7 типа фустани кои би требало да ги има во секој женски плакар

7 типа фустани кои би требало да ги има во секој женски плакар

Фустаните се незаменливо и практично парче облека – за неколку секунди сте облечени од глава до пети, а сјаете со женственост и шарм. Благодарение на нив не мора да смислувате складни комбинации за да си дадете одговор на прашањето „Што ли да облечам сега?“.

Во зависност од стилот на облекување, низ женските плакари можат да се најдат помалку или повеќе фустани, во различни форми и варијации. Богатата понуда на модната индустрија може да ве намами со текот на времето неосетно да си создадете мини колекција од фустани. Но, без разлика на трендовите, има неколку типа фустани со кои ќе имате идеален аутфит буквално за секоја прилика.

Мало црно фустанчеЦветно летно фустанчеМодерни „голи“Дамски минималистички фустанКомфорен макси фустанСекси фустан за самоуверените деновиДолг вечерен фустан

Мало црно фустанче

Апсолутно задолжително женско парче облека е класичното мало црно фустанче. Изберете фустан со едноставен крој, без многу впечатливи детали или специфичен материјал, за да можете да го прилагодите на секоја прилика.

Совршеното црно фустанче трпи многу трансформации, па со соодветни модни додатоци можете да го носите за обично вечерно излегување, за свадба, при посета на родителите на партнерот, на бизнис коктел... Нема стилист или дизајнер кој не се согласува дека малото црно фустанче е „must-have“ за секоја жена.

Цветно летно фустанче

Цветниот принт никогаш нема да ги напушти модните трендови, бидејќи симболизира разигран микс на романтика и женственост. Кога цветниот принт ќе го соедините со фустан, имате неодоливо привлечна комбинација со која можете да заведувате без да вложувате многу труд.

Одличен е за дневна прошетка под силното сонце, а кога е надополнет со повеќе модни додатоци, совршен е за лудите летни забави. Но, заладувањето на времето не е причина да го заборавите цветниот фустан. Облечете сако или џемперче и повторно ќе шармирате.

Впечатлив и забавен вечерен фустан

За вечерите кога сакате да блеснете, а немате многу време за креирање на комплицирани модни комбинации, имајте на дофат забавно фустанче во кое нема да останете незабележани.

Ограничете ги модните додатоци за да не изгледате натрупано и оставете го вечерното фустанче да зборува за вашиот забавен и авантуристички карактер. Грабнете ги најудобните обувки со високи потпетици и подготвени сте за ноќ за паметење.

Дамски минималистички фустан

Во сите оние прилики кога треба да покажете пософистициран и повоздржан изглед, нема да погрешите ако изберете фустан со едноставен крој и должина до или под колената.

Употребата на модни додатоци сведете ја на минимум за да зрачите со сериозност и едноставна елеганција. Фустаните од овој тип се идеални за на работа, фамилијарни средби, коктели со колегите, па дури и за интервју за работа.

Комфорен макси фустан

Кога тропските температури ќе завладеат, а вие не сакате да ги разголите вашите нозе, на помош доаѓа комфорниот макси фустан. Независно дали активно завршувате обврски низ град, дали сте на релаксирачка кафе средба или пак планирате вечерна забава, со долгиот фустан со широк долен дел ќе се чувствувате безгрижно во секој момент.

Во текот на денот комбинирајте го со апостолки или римјанки, а во текот на вечерта со сребрени или златни сандали и со алки на рака, за да изгледате како летна божица.

Секси фустан за самоуверените денови

За деновите кога се гордеете со своето тело и кога сакате да им дозволите на вашите облини да зборуваат најгласно за вашиот изглед, неопходно е да поседувате секси припиен фустан.

Следете го правилото „Или подлабоко деколте или поразголени нозе, но не и двете истовремено“ за да не ги преминете границите на умерениот примамлив сексапил. Запомнете, не мора да покажувате многу кожа за да ги истакнете најдобрите делови од вашето тело.

Долг вечерен фустан за најсвечените прилики

Во животот на секоја жена доаѓаат моменти кога таа треба да покаже елегантен изглед на вистинска дама. Свечените настани за кои поканата доаѓа со барање за почитување на одреден официјален „дрес-код“, бараат во вашиот плакар посебно место да заземе долгиот свечен фустан.

Вечерната тоалета која достига до подот ќе ги сопре погледите на вас и ќе ви овозможи да го постигнете женствениот и свечен изглед кон кој целите. Вашиот избор нека падне на црн фустан без детали за да можете да го носите во повеќе од една прилика, а сепак секогаш со модни додатоци да постигнувате сосема различен изглед.

Какви фустани ќе ви го разубавуваат плакарот е целосно ваш избор, но најважно е да ги носите со самодоверба и стил.

„Со текот на годините научив дека она што е најважно кај еден фустан е жената која го носи“ – Ив Сен Лорен.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 6266 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.