Како да ја контролирате силната желба за слатки задоволства?
Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да ја контролирате силната желба за слатки задоволства?

Како да ја контролирате силната желба за слатки задоволства?

Не поминува ниту еден ден без да се почестите со неколку од омилените рајски колачи? Не можете да кажете „Добра ноќ“ без да го довршите отвореното чоколадо? Станувате нервозни кога вашиот сакан ќе заборави да ви го купи омилениот кроасан? Не можете да се сконцентрирате на учењето кога до вас нема слатки бонбони? Многу луѓе секојдневно чувствуваат силна желба за слатка храна, која ја опишуваат и со зборот „зависност“. И не се далеку од вистината – шеќерот навистина може да создаде зависност.

Повремената желба за слатка храна не e загрижувачка. Но, ако желбата за благо се појавува премногу често и не можете да ја игнорирате, време е да преземете нешто. Не е тајна дека преголемото консумирање на шеќер е закана за здравјето и може да доведе до прекумерна тежина, дентални проблеми, подуеност, главоболки итн.

Желба за слатко

Независно дали редовното консумирање на слатки задоволства за вас е зависност или едноставно само лоша навика, вие не морате да бидете роб на шеќерот. Следниве совети ќе ви помогнат да го намалите внесениот шеќер и да ја одржите потребата за слатка храна во границите на нормалното:

  1. „Далеку од очите, далеку од срцето устата“. Ако чоколадото ви е на дофат, многу лесно може да заврши и во вашата уста. Потешко е да јадете нешто што не е во ваша близина, па ослободете се од слатките искушенија и заменете ги со здрава храна. Доколку за да каснете чоколадо треба да ја посетите најблиската продавница, голема е веројатноста дека ќе се откажете од идејата за нешто слатко.
  2. Постепено намалувајте го шеќерот во кафето или чајот. На секои два-три дена, намалувајте го количеството шеќер што го ставате во кафето или чајот. Вие можете да го научите сетилото за вкус да започне да ужива во храна и пијалаци кои не содржат премногу шеќер. Ако сте го пиеле кафето со две лажички шеќер, за два месеца без проблеми можете да стигнете до помалку од една лажичка.
  3. Одложете го шеќерното задоволство. Секогаш кога ќе ви се пријаде омиленото чоколадо, речете си дека ќе се почестите за 15-ина минути. Силната потребата за слатко обично трае околу 10-20 минути, а потоа започнува да се намалува. Воздржете се барем 15 минути и најверојатно ќе се откажете од идејата да го отворите новото чоколадо. На крајот дури и да посегнете по него, верувајте дека ќе изедете помалку коцки.
  4. Измијте ги забите за да го прескокнете десертот. Често копнеете по десерт непосредно по оброкот? Следниот пат умислено посегнете по четката за заби откако ќе дојадете. Слатката храна нема толку примамлив вкус кога во вашата уста има траги од ментол.
  5. Во моментите на криза посегнете по гума за џвакање. Сакате да се ослободите од желбата за благо? Наградете се со гума за џвакање. Со ментолот ќе го „залажете“ вашиот мозок и набрзо желбата за вкусни наполитанки ќе исчезне.
  6. Наместо да правите еден џиновски чекор, направете повеќе мали. Не одете во крајности исфрлајќи наеднаш сè што е слатко од вашата исхрана. Направете мали, но трајни промени. Секоја седмица исфрлајте од вашата исхрана по еден производ богат со шеќер и по одредено време тој повеќе нема да ви недостига.
  7. Почестете се со комбинација „слатко задоволство + здрава храна“. Не се ни обидувајте целосно да ја исфрлите слатката храна од вашиот живот, бидејќи еден ден кога ќе ви дојде преку глава, ќе изедете сè што е слатко пред вас. Дајте му го на телото она по кое копнее, но умерено и во комбинација со нешто здраво. Ако ви се јаде чоколадо, стопете 6-7 коцки и во нив макајте парчиња банани, јаболка или овошје по избор. Доколку не можете да им одолеете на чоколадните бонбони, земете 2-3 и во истата чинија истурете малку суво овошје (суво грозје, брусница). Така побрзо ќе се заситите, а освен тоа ќе внесете и витамини и минерали.
  8. Знајте дека медот е здрава алтернатива која сигурно ќе ве задоволи. Многу често пред спиење луѓето посакуваат сладок десерт. Најдоброто решение е да каснете една мала лажица мед.
  9. „Избркајте“ го лошото расположение. Можеби веќе сте забележале дека кога сте тажни, депресивни, нервозни, под стрес или едноставно кога ви е здодевно, почесто купувате и јадете чоколадо, слатки бонбони или пиете газирани пијалаци. Тоа е т.н. емоционално хранење. Всушност, вие посегнувате по благото кога сте во потрага по смиреност и среќа, затоа што шеќерот го подобрува расположението. Кога ќе почувствувате дека негативните емоции напаѓаат, станете и направете нешто што ве усреќува. Дури и мал телефонски разговор со саканиот или најдобрата пријателка може да ве спаси од едно изедено чоколадо, односно над 500 калории.
  10. Напијте се чаша вода кога имате потреба од благо. Понекогаш кога ве фаќа криза за слатка храна, вие всушност сте дехидрирани. Затоа, пред да грабнете калоричен десерт, испијте чаша вода и почекајте неколку минути за да видите дали вашата потреба за благо исчезнала.
  11. Не прескокнувајте оброци. Намалувањето на нивото на шеќер во крвта кај некои индивидуи се должи на нередовната исхрана, која ја намалува и енергијата во телото. Желбата за слатка храна е реакција на мозокот, кој активно бара брзи начини за повторно да ги наполни батериите на телото. Консумирајте 5 оброци дневно – 3 големи и 2 ужини, распоредени на интервали од 3-5 часа.
  12. Секогаш пазарувајте со полн стомак. Тргнете да пазарувате гладни и ќе се вратите дома со кеси полни со нездрава слатка и калорична храна. Кога сте гладни, сè изгледа привлечно, затоа што нивото на шеќер во крвта ви е ниско. Полниот стомак не само што нема да ве турне во рафтот со слатки искушенија, туку и ќе ви заштеди пари.
  13. Никогаш не јадете слатко пред компјутер или телевизор. Додека зјапате во екранот може да го изедете цело чоколадо, а да не сте ни свесни за тоа. Ако веќе одлучите дека мора да поуживате во слатко задоволство, затворете ги очите и концентрирајте се на слатката хармонија во вашата уста. Свесното хранење докажано ќе ви помогне да го намалите внесениот шеќер во телото.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 25%
  • 75%
Се испраќа...

(Вкупно: 565 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?