Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да си создадете навика?

Како да си создадете навика?

Широко распространето е мислењето дека навиките се создаваат додека сме сè уште деца. Како деца ја усвојуваме навиката за секојдневна лична хигиена или навиката за учење. Многу возрасни луѓе воопшто не се ни обидуваат да претворат некое дејство во навика, затоа што сметаат дека нема да можат да успеат.

Вистината е дека навиките се создаваат сè додека имате желба за тоа. Дали знаевте дека е потребен само 21 ден за да креирате навика? Научно е докажано дека откако ќе практикувате едно исто нешто секојдневно во период од 21 ден, тоа станува дел од вашиот живот. Ќе ви биде полесно да си одделите време за него и ќе придобиете мотивација да сакате да го практикувате, без да чувствувате дека сте принудени да го правите.

НавикаНаучниците тврдат дека за 21 ден може да се создаде навика.

Сигурно многупати сте посакале да имате навика за секојдневно вежбање, јадење здрава храна, пиење на повеќе вода или пак почесто читање книги. Па, кога веќе ја имате желбата, нема што друго да ве спречи. Заборавете ги различните изговори кои си ги кажувате секој ден и започнете да преземате конкретни чекори за да си го направите животот подобар преку здрави и корисни навики.

Еве неколку важни чекори и совети кои треба да ги примените ако сакате да развиете нова навика:

  • „Раздели, па владеј“. Не очекувајте дека за 21 ден целосно ќе го промените својот начин на живот. Наместо да си поставите за цел да воведете една комплексна навика како водење на здрав живот, разделете ја на повеќе помали – консумирање на здрава храна, секојдневно вежбање, медитирање и сл. Воведувајте ги во својот живот постепено.
  • Дефинирајте ја навиката во детали. Ако сакате да ви стане навика пиењето на повеќе вода, не ја дефинирајте навиката како „секојдневно консумирање на повеќе вода“. Наместо тоа, определете ја како „пиење на 6 чаши вода дневно“. Истото важи и за другите дејствија кои сакате да ги претворите во навика. Наместо да си поставите за цел „секојдневно вежбање“, поставете си цел „вежбање по 30 минути дневно“, наместо „читање книга секој ден“ – „читање по 30 страни дневно“ и т.н.
  • Бидете трпеливи. Некои луѓе се посклони кон прифаќање на нови навики, а други не. Затоа, најдобро е да си кажете дека ќе практикувате едно нешто во текот на 1 месец. Дајте си рок од 30 дена и кога рокот ќе помине, најверојатно вие ќе си развиете рутина која ќе ви биде многу лесно да ја одржите.
  • Спроведувајте ја секојдневно. Активностите кои не ги правиме секојдневно, потешко можеме да ги претвориме во навика. Во текот на еден месец практикувајте ја вашата нова навика секој ден. На крајот, ќе ја правите автоматски.
  • Напредувајте постепено. Ако целта ви е да вежбате по 30 минути дневно, првите денови започнете да вежбате по 10 минути и постепено напредувајте. Ако целта ви е да станувате 2 часа порано, започнете со станување половина час порано и секој ден зголемувајте го тоа време.
  • Имајте потсетник. Не можете да очекувате дека секој ден навреме ќе се сетите за исполнувањето на вашата мала мисија. Тешко дека ќе одите на вежбање, ако за тоа сте се сетиле во 11 часот вечерта. Потребно е нешто што ќе ви даде знак, ќе ве потсети дека е време за акција. Наместете си аларм за да ве потсети дека треба да одите во фитнес сала.
  • Практикувајте ја новата навика во исто време секој ден. Ќе ви биде многу полесно ако секој ден практикувате едно исто нешто во точно определено време. Наместо секој ден да мислите кога да вежбате, испланирајте си да вежбате секој ден наутро или пак кога ќе ги завршите обврските. Полесно ќе се навикнете да станувате порано, ако тоа го правите секој ден во 7 часот.
  • Убијте ги негативните мисли. Една од најдобрите техники за да го продолжите секојдневното практикување на дадена активност е да мислите позитивно. Поради простата причина што сме луѓе, тешко можеме целосно да ги отстраниме негативните мисли, но можеме да ги убиеме. Едноставно употребувајте го зборчето „но“.
    Пример: „Не можам да вежбам, премногу сум тромава, НО ако продолжам да го правам тоа сигурно ќе станам пофлексибилна, пофокусирана и подобра.“
  • Мотивирајте се преку визуализација. Замислете си две потенцијални верзии од себе – во едниот случај сте ја придобиле навиката, а во другиот не. Добро помислете како би се чувствувале или како би изгледале ако ја создадете навиката (послаби, посамоуверени, со повеќе знаење, поздрави). Мотивирајте се врз основа на она што сакате да бидете.
  • Сметајте прво на себе. Многумина сметаат дека ако имаат пријател кој секојдневно ќе ги принудува да направат одредена активност, ќе им биде полесно да ја претворат таа активност во навика. Можеби навистина тоа помага, но често се случува таа личност неколку дена да не може да ви посвети време и целиот труд ќе падне во вода. Потпирајте се прво на себе, а пријателите сметајте ги како дополнителна помош.
  • Поставете си услов или пак награда во случај на успех. Дајте му 1000 денари на својот партнер или најблиската пријателка и кажете му/ѝ да ви ги врати само ако го спроведете успешно планот и претворите одредена активност во навика. Ветете си дека ќе се наградите со некое ново парче облека, нова книга и сл.

Создавањето навика не е лесно, но е остварливо, а резултатите ќе ве убедат дека трудот се исплаќа.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11084 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.