Како да станете ранобудни и да имате повеќе енергија наутро?
Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да станете ранобудни и да имате повеќе енергија наутро?

Како да станете ранобудни и да имате повеќе енергија наутро?

Дали сте од оние луѓе кои ги мразат утрата и секогаш посакуваат да имаат уште неколку часа за спиење? Дали ви е потребен барем половина час за да се свестите и енергично да го зграпчите денот? Ако одговоривте потврдно, значи и вие сте ноќна птица која тешко се поврзува со поимот ранобудни. Но, тоа не значи дека не може да се промените и да го засакате раното будење.

Ранобудна девојка

Посакувате со свиркање и потпевнување да го започнете денот и да имате посреќни утра? Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ја направите транзицијата:

  1. Дознајте колку часа сон ви се доволни. Никогаш нема да уживате во утрото ако не сте добро наспани. За некои луѓе тоа значи деветчасовен сон, а други пак се чувствуваат одлично и само со 6 часа сон. Просечниот број на часови кои се препорачува луѓето да ги минат во спиење е 8. Но, просекот не е најдоброто решение за сите. Па, колку часа сон ви се потребни најдобро знаете само и единствено вие самите. Набљудувајте колку сте енергични и расположени во текот на денот и пронајдете поврзаност со бројот на отспиени часови. Ако се чувствувате наспани со 9 часа, наредниот ден станете 15 минути порано. Така намалувајте го времето за спиење додека не пронајдете колку часа сон вас ве задоволуваат.
  2. Не местете 5-6 аларми кои ќе ви го кршат сонот на секои 5 минути. Не ја користете опцијата „Snooze“ и не си местете неколку аларми со цел утрото да можете да ги исклучувате и да дремнувате уште некоја минута. По првиот аларм вие нема да можете да влезете во длабок сон, а експертите велат дека така само ќе се измачувате и ќе се разбудите без енергија. Многу поумна тактика е да го наместите алармот тогаш кога навистина треба да се разбудите. На тој начин нема да се будите на секои 5 минути и да имате „плиток“ сон, туку ќе го искористите времето за цврст сон и квалитетен одмор. Наместо пред легнување додека го местите алармот да си велите „Ќе ме разбуди прво во 7, па потоа ќе имам време да дремнам уште малку“, речете си дека штом го чуете алармот, мора да се исправите на нозе.
  3. По будењето пуштете си весела енергична музика. Наместо копчето „Snooze“, притиснете копче кое ќе стартува оптимистичка динамична песна која ве исполнува со енергија и која вашето намуртено лице ќе го освежи со насмевка.
  4. Расонете се со светлина. Многу повеќе искушува спиењето во соба во која не се гледа прст пред око, но така лесно можете да изгубите осет за времето. Светлината го намалува нивото на мелатонин, хормон кој ве прави поспани. Наместете ги ролетните така што утрото да може да влегува светлина во собата и користете завеси кои пропуштаат светлина. Откако сонцето ќе започне да влегува во вашата соба, вие природно и постепено ќе се расонувате. Будењето со сонце е многу попријатно отколку будењето со непријатниот звук на алармот. Откако ќе станете, пијте го кафето до прозорец од кој влегува дневна светлина.
  5. Опкружете се со бои. Живите весели бои помагаат за подобрување на расположението наутро. Купете си чаршафи во циклама, портокалова или црвена боја или имајте на видик некој силно обоен дел од спалната за да бидете посвежи и наместо да се будите со нервоза, да се будите посмирени и понасмеани.
  6. Ставете букет со цвеќиња блиску до вас. Истражување спреведено на Харвард покажало дека луѓето кои вообичаено не се ранобудни се чувствуваат посреќни и поисполнети со енергија ако првото нешто што го гледаат наутро е букет цвеќе.
  7. Направете ја промената постепено. Ако сте ноќна птица, ќе ви биде многу тешко да заспивате порано. Затоа, промената нека се одвива постепено, т.е. легнувајте в кревет секој ден по 10 минути порано. За помалку од една седмица ќе си легнувате еден час порано. Истото важи и за станувањето наутро. Доколку вообичаено ги отворате очите во 8 часот, а сакате да станувате во 7:30 часот, тогаш на секои 3 дена местете го алармот да ѕвони за десетина минути порано.
  8. Еден час пред легнување оддалечете се од екраните. Тоа значи без телевизија, интернет и мобилни телефони. Не си создавајте навика да заспивате со вклучен телевизор или лаптоп, затоа што нивната светлина ви го нарушува сонот. Последниот час пред легнување искористете го за туширање, приготвување на облеката за наредниот ден и за смирен разговор со најблиските. Создајте си ритуал и телото веднаш ќе се научи кога е време да потоне во светот на соништата.
  9. Останете постојани. Луѓето најчесто си ги нарушуваат навиките за време на викендот. Не може да очекувате да почитувате едни правила во текот на неделата, а други за време на викенд. Спиењето до подоцна во сабота и недела ќе ви ги направи понеделничките утра уште понепријатни и подепримирачки. Иако е речиси невозможно за време на викендот да си легнувате и станувате исто како и во текот на неделата, трудете се колку-толку да го зачувате распоредот и да го прекршувате со не повеќе од 1-2 часа.
  10. Престанете да си велите „Не сум ранобудна личност“. Убедете се себеси дека можете да станувате порано. Мотивирајте се со мали награди кои ве исполнуваат. На пример, ако станете порано, ќе имате дополнителен половина час во денот за пиење кафе со пријателките, да бидете со саканиот или да си поиграте со вашите деца. Тој половина час можете да го искористите и за домашна нега на телото, за учење на некоја нова фризура, правење на маникир или вежбање.

Анкета

Анкета
Сметате ли дека треба да се продолжи породилното отсуство?
  • 23%
  • 70%
  • 8%
Се испраќа...

(Вкупно: 1982 гласа)

Цитат

Да бидеш себеси во свет кој константно се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување.

Ралф Валдо Емерсон

Виц

Кога жена вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема НОВИ алишта.

Кога маж вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема ЧИСТИ алишта.