Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Митови и факти за спиењето

Митови и факти за спиењето

Поминуваме третина од нашиот живот во спиење, па нормално е нашиот интерес кон овој природен процес да биде голем. Научниците постојано се обидуваат да откријат зошто ни е неопходно спиењето и што точно се случува додека патуваме во светот на соништата.

Еве неколку од најчестите митови за спиењето и фактите кои се кријат зад нив:

Мит: Попладневната дремка е загуба на време

Факт: Ако не сте наспани, ништо не може да ве освежи подобро од попладневна дремка. Се разбира, со неа не можете да надоместите за краткото спиење во текот на ноќта, но ќе си ја вратите енергијата и ќе можете без проблеми да го завршите денот. Единствено што треба да внимавате е дремката да не ви трае повеќе од 45 минути, затоа што потоа ќе се чувствувате поспано.

Жена што спиеПопладневната дремка не треба да трае повеќе од 45 минути

Мит: Ако не можете да заспиете, лежете додека не ви се приспие

Факт: Ретки се ноќите кога ќе ја ставите главата на перница и веднаш ќе потонете во длабок сон. Сè почесто луѓето се мачат да заспијат поради стрес, вознемиреност и проблемите со кои се соочуваат секојдневно. Кога не можете да заспиете, добро е да полежите 15-20 минути и да дадете максимум од себе за да се релаксирате. Но, ако и понатаму сонот ви бега, станете од кревет затоа што ризикувате да се вознемирите и да се фрустрирате. Експертите советуваат во таков случај да станете од креветот и да слушате музика за релаксирање или да читате книга. Кога ќе почувствувате дека ви „паѓаат“ очите, вратете се повторно в кревет.

Мит: Секој треба да спие по 8 часа дневно

Факт: 8 не е магичен, туку просечен број на часови потребни за човек да се наспие и да може да функционира нормално. Иако Томас Едисон спиел по 4 часа, а Бил Клинтон тврди дека му се доволни 4-5 часа сон, мала е веројатноста и вие да сте дел од луѓето кои можат да спијат помалку, а да функционираат нормално без да го нарушат своето здравје. Научниците процениле дека само 10% од луѓето се „програмирани“ да спијат повеќе или помалку од препорачаните 7-8 часа. За да откриете кој е вашиот магичен број, изберете еден ден во кој сте се чувствувале свежи и полни со енергија и запомнете колку часa сте спиеле претходната ноќ. Или пак, една вечер спијте 9 часа и потоа секој ден намалувајте по 15 минути од времето за спиење и набљудувајте како се чувствувате. Така лесно ќе можете да откриете колку часа сон вам ви се неопходни.

Мит: За време на викенд можете да надоместите за недоволното спиење во текот на седмицата

Факт: Најголем дел од луѓето со нетрпение чекаат да дојде викендот за да можат да спијат повеќе со цел да надоместат за малкуте часа поминати в кревет во текот на работната седмица. Иако во мала мера може да се надомести за неспиењето во текот на другите денови, научниците не го препорачуваат спиењето до доцна за време на викенди. „Телото ја сака постојаноста“ – вели експертот за спиењето Роберт Стикголд од Харвард, кој долгото спиење за време на викендите го нарекува „спиечка булимија“. За да не го изложувате телото на стрес и постојано да го менувате циклусот на спиење, експертите препорачуваат секој ден да се легнува и станува во исто време, дури и во текот на викендот.

Мит: Вежбањето пред спиење ќе ве умори и полесно ќе заспиете

Факт: Вежбањето навистина ќе ви помогне да спиете подобро, но само ако го практикувате барем 3 часа пред легнување. Во спротивно, вежбањето ќе направи да ви се ококорат очите и да се мачите да потонете во светот на соништата. Причината за тоа е што вежбањето го загрева телото, а полесно можете да заспиете ако телото има пониска телесна температура. По вежбањето, потребно е да изминат околу 6 часа за телото да си ја врати нормалната температура. Токму затоа експертите препорачуваат да се вежба наутро или попладне, но не навечер.

Мит: Алкохолот помага да спиете подобро

Факт: Алкохолот не е сојузник на добриот сон. Иако тој може да придонесе да заспиете побрзо, ќе го наруши квалитетот на вашиот сон. Кога во вашето тело присуствува алкохол, нема да можете да потонете во длабок сон, ќе се будите лесно и често во текот на ноќта, а и поголема е веројатноста да ‘рчите или да имате други проблеми со дишењето.

Мит: Не е важно во колку часот ќе си легнете

Факт: Поверојатно е ноќните птици да покажат симптоми на депресија отколку оние кои си легнуваат порано, дури и кога спијат ист број на часови. Повеќе истражувања покажале дека доцното легнување не само што може да предизвика депресија, туку и може да ви донесе лошо расположение и да влијае негативно на целосното здравје. Ако сакате да започнете да заспивате порано, на секои 2-3 дена легнувајте петнаесетина минути порано од претходниот пат. Така постепено ќе си ја промените навиката за легнување.

Мит: Нешто не е во ред со вас ако не ги помните соништата

Факт: Сите сонуваат, но некои луѓе помнат што сонувале, а други не. Ако не можете да си припомните што сте сонувале, тоа не е ништо страшно и нема никакви негативни ефекти. Дали ќе памтите што сте сонувале зависи во голема мера од тоа кога ќе се разбудите. Ако се разбудите за време на сонот или веднаш по сонувањето, тогаш поголема е веројатноста дека ќе можете да се присетите што сте сонувале.

Мит: На тинејџерите им е потребен подолг сон

Факт: Тинејџерите во просек треба да спијат од 8 и пол до нешто повеќе од 9 часа, а на просечниот возрасен човек му се доволни 7-8 часа, т.е. нормално е тинејџерите да спијат повеќе.

Мит: Недостатокот на сон ќе ви донесе вишок килограми

Факт: Не еднаш е потврдено дека спиењето влијае на телесната тежина. Спиењето всушност влијае на одредени хормони, поточно лептин и грелин, кои од своја страна влијаат на апетитот. Грелин е хормонот кој го стимулира апетитот, а хормонот лептин испраќа сигнал до мозокот кога сте сити. Ако не спиете доволно, се намалува нивото на лептин, а се зголемува нивото на грелин во телото. Тоа најчесто води до прејадување и зголемена телесна тежина.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11129 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.