Почетна » Здравје » Заболувања » Анемија предизвикана од недостаток на железо

Анемија предизвикана од недостаток на железо

Анемијата претставува состојба на апсолутно намалување на црвените крвни зрнца, односно на концентрацијата на хемоглобин. Овој недостиг предизвикува здравствени проблеми, затоа што благодарение на хемоглобинот се овозможува транспорт на кислородот до сите ткива во телото. А без кислород, не е можно нормално функционирање.

Постојат различни типови анемија, а анемијата предизвикана од недостиг на железо е една од најчестите.

Уморна женаАнемијата предизвикана од недостиг на железо предизвикува замор и истоштеност

Што претставува?

Анемијата предизвикана од недостиг на железо уште се нарекува и сидеропенична анемија и се појавува кога во крвта има недостиг на здрави црвени крвни зрнца кои му даваат на телото енергија и здрав изглед на кожата.

Како што потскажува и самото име, овој тип на анемија се појавува кога во телото нема доволно железо, затоа што без железо телото не може да произведува хемоглобин. Во таков случај, кислородот не се разнесува доволно до сите клетки на телото и се појавува замор, истоштеност, слабост и блед тен на кожата.

Анемијата предизвикана од недостиг на железо се појавува многу почесто кај жените, особено во репродуктивната возраст, па затоа треба да се посветува поголемо внимание на внесувањето на железо.

Симптоми

Анемијата се развива постепено, па на почетокот многу е тешко да ги забележите симптомите. Со текот на времето, анемијата се влошува, а симптомите стануваат позабележливи. Некои од симптомите по кои можете да го познаете присуството на анемија се:

  • замор, истоштеност
  • вртоглавица
  • главоболки
  • многу блед тен
  • проблеми со концентрацијата
  • кршливи нокти
  • недостиг на воздух
  • ладни стапала и дланки
  • нерегуларен ритам на срцето
  • отсуство на апетит
  • синдром на немирни нозе
  • невообичаена потреба за консумирање на мраз

Ако се сомневате дека имате анемија, посетете доктор. Со помош на тестови на крвта и физички преглед може да биде дијагностицирана анемијата и веднаш да се започне со нејзино лекување.

Причини за појавата

Доколку не консумирате доволно железо или пак поради некаква причина губите многу железо, тогаш телото не може да создава доволно хемоглобин и се појавува анемија. Најчести причини за појава на овој тип анемија се:

  • Недоволно внесување на железо во телото. Често луѓето се грижат за внесувањето на доволно витамини, но забораваат на неопходните минерали. За правилно функционирање на телото и избегнување на анемијата, потребно е да се внесува доволно железо, особено преку исхраната.
  • Загуба на крв. Крвта содржи железо во црвените крвни зрнца, па ако губите крв, губите и железо. Обилните менструации или внатрешно крварење можат да бидат причина за загуба на крв и појава на анемија.
  • Неспособност на телото за апсорбирање на железо. Железото кое се внесува преку исхраната се апсорбира преку почетниот дел на тенкото црево. Различни заболувања на овој дел од цревата или хируршко отстранување на дел од цревата може да ја нарушат нормалната апсорпција на железо.

Ризични групи

  • Жените. Жените во репродуктивна возраст се изложени на поголем ризик од појава на ваков тип анемија, основно поради загубата на крв за време на менструација. Жените кои имаат обилни менструации и бремените жени треба да бидат особено внимателни.
  • Новороденчиња и деца. Новороденчињата кои се родени со мала телесна тежина и/или предвремено, се изложени на поголем ризик од појава на анемија. Децата кои не се хранат здраво и разнообразно исто така се склони да развијат анемија предизвикана од недостиг на железо.
  • Вегетаријанците. Месото е богат извор на железо. Поради тоа што вегетаријанците не консумираат месо, тие се изложени на поголем ризик од појава на анемија. Плус тоа, железото коешто се наоѓа во животинските продукти (црвеното месо, црниот дроб и јајцата) се апсорбира полесно од организмот, отколку железото во храната со растително потекло.
  • Луѓе со болести на дигестивниот систем. Кај оваа група апсорпцијата на железото е побавна и поради тоа тие тешко ги примаат препорачаните дневни потреби за железо.

Лекување

Доколку вашиот доктор утврди дека имате анемија предизвикана од недостиг на железо, тогаш најверојатно ќе ви препише таблети со железо. Повеќето луѓе започнуваат да се чувствуваат подобро само по една седмица, но лекувањето најчесто продолжува во текот на неколку месеци.

Ако мислите дека имате анемија, не започнувајте лекување на своја рака!

Превенција

Анемијата предизвикана поради недостиг на железо лесно може да биде избегната ако консумирате доволно храна богата со железо како свинскиот црн дроб, говедските бубрези, црвеното месо, рибата, брашното, јаткастите плодови, гравот и жолчката од јајце. Храна богата со железо е и спанаќот, леќата, јагодите, кивите, карфиолот, брокулите, компирите, доматите.

Кога консумирате храна богата со железо, избегнувајте чај, кафе, млеко и соја, затоа што тие го спречуваат апсорбирањето на железото. Калциумот исто така ја спречува апсорпцијата. Затоа, ако примате дополнително минерали надвор од исхраната, избегнувајте ја комбинацијата железо-калциум.

Секогаш кога консумирате храна богата со железо, за да ја подобрите апсорпцијата, консумирајте и храна богата со витамин Ц, како сокови од цитрусни плодови (портокал, грејпфрут), овошје (јагоди, кајсии, киви) или пак зеленчуци (брокули, домати).

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11093 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.