Почетна » Љубов и секс » Сингл » Како да станете магнет за мажите?

Како да станете магнет за мажите?

Жените сакаат да бидат како неа, а мажите – со неа. Жената со магнетска привлечност поседува шарм и харизма кои оддалеку ги пленат претставниците на спротивниот пол. Сигурно многупати сте се прашувале како некои жени со просечна убавина се толку неодоливи што мажите не можат да го тргнат погледот од нив. Тие го поседуваат оној Х фактор по кои сите други копнеат.

Мажите се визуелни суштества. Тие го избираат својот „плен“ според она што го гледаат, а потоа преминуваат кон запознавање на внатрешната убавина. Но, додека некои жени се фокусираат само на подобрување на својот надворешен изглед, жената магнет знае дека магијата на нејзината неодоливост е спој од надворешната и внатрешната убавина.

Жена со магнетска привлечност

За да станете магнет за спротивниот пол, прво треба да ги отстраните сите бариери кои ве прават несигурни и незадоволни од себе, кои ве спречуваат да се забавувате и да уживате во она што сте. Еве како да ја истакнете својата најдобра верзија и да станете магнет за машкиот пол:

  1. Однесувајте се како дама. Мажите сакаат жени кои се однесуваат како дами. Научете како да се движите елегантно, како да ги потиснете потезите кои ја откриваат вашата нервоза (тресење на ногата, допирање на лицето, гризење на усните, напнато играње со прамени од косата, тропкање на масата) и имајте добри манири. Жената магнет секогаш ја истакнува својата женственост, бидејќи знае дека токму тоа ги полудува мажите.
  2. Не се облекувајте за жените, туку за мажите и за себе. Модните комбинации кои ги следат најновите трендови можеби ќе предизвикаат воздишки кај вашите пријателки, но кај мажите може да поминат незабележано, дури и да имаат лош ефект. Жените се склони да се дотеруваат за да се импресионираат една со друга, а не за да ги маѓепсаат мажите. За да ги заробите погледите на посилниот пол, најважно е да се чувствувате комотно и пријатно во она што го носите. Вие може да бидете облечени во екстравагантен фустан со стотици мониста и блескави камења и сепак да не успеете да добиете ниту еден комплимент или маѓепсан поглед. Мажите обожаваат поедноставен начин на облекување. Можете да бидете неодоливи и во наједноставното црно фустанче или фармерки и бела маичка, сè додека знаете како да ги носите и се вклопуваат во вашиот стил.
  3. Користете позитивен невербален јазик. Арогантните и ладни жени кои глумат недостапност имаат и најмал успех, бидејќи создаваат негативност која ги оттурнува мажите. За да бидете целосна нивна спротивност, морате да покажете дека сте отворени за комуникација. Пресретнете го неговиот поглед и задржете го контактот со очите неколку секунди, насмевнете се умерено, држете ја главата исправена и забавувајте се. Откријте свој уникатен начин на флертување. Мажите нема да ви пријдат ако се правите недостапни и ако не им дадете зелено светло.
  4. Излегувајте со идејата дека сте во потрага на забава, а не на партнер. Премногу сингл девојки излегуваат со помислата „Денес морам да си најдам момче“, а потоа дремат разочарано во очекување на вистинскиот. Зафатени со својата мисија тие пропуштаат да се забавуваат и имаат вкочанет изглед, а тоа воопшто не е привлечно за спротивниот пол. Кога излегувате, целта нека ви е да се забавувате. Насмевнете се. Насмевката е најмоќниот женски адут. Таа рефлектира пријателски расположена и топла личност, до која би посакал да биде секој маж.
  5. „Обојте“ се во црвено. Бојата на љубовта отсекогаш го привлекувала машкото око. Сите истражувања потврдуваат дека жените облечени во црвено се далеку попривлечни за мажите. Извадете го црвеното фустанче од вашиот плакар и не се двоумете дали да го облечете. Не само што ќе станете магнет за машките погледи, но и ќе се чувствувате како фатално привлечно.
  6. Засакајте го вашето тело. Шармот и неодоливоста немаат ништо заедничко со формата на женското тело или со килограмите. Магијата на привлечноста е во самодовербата, во начинот на кој жената ужива во сопствената кожа, во женственото самоуверено држење на телото. Мажите нема да ги забележат двете „нови“ килца кои вие секој ден ги анализирате пред огледалото ако се чувствувате задоволни со нив.
  7. Бидете ангажирани и активни. Вкочанетото стоење со „мртов“ поглед, зјапањето во екранот од мобилниот телефон, молчењето не се сигнали кои испраќаат порака дека уживате во вечерното излегување. Покажете дека сте забавна личност и дека околу вас постојано се случува нешто интересно, за оној што ве набљудува да посака да влезе во вашиот свет. Танцувајте, разговарајте со луѓето околу вас, смејте се... На тој начин ем вие ќе се чувствувате посреќни, ем ќе ја интензивирате вашата привлечност.
  8. Не ги исмејувајте мааните на другите жени. Не го исмејувајте физичкиот изглед на другите жени, ниту пак нивната смисла за мода, особено кога сте во друштво на потенцијален кандидат за вашето срце. Лошите коментари за прекраткото здолниште на девојката од соседната маса и лошата шминка на девојката што минала покрај вас нема да ја зголемат вашата популарност кај мажите. Со таквото озборување и исмејување вие покажувате несигурност, а некој може да си помисли и дека рефлектирате љубомора. Подобро воздржете се од зајадливи коментари, за да не изгубите од својата привлечност.
  9. Совладајте ја уметноста на површните разговори полни со хумор (чамче-муабет). Откако храбриот додворувач ќе дојде до вас, потребно е да ја истакнете привлечноста на вашиот карактер. Се разбира, вашите први разговори нема да се многу длабоки, па вашата комуникација ќе се сведе на површни забавни муабети. И неврзаните разговори можат да ја покажат вашата интелигенција и смисла за хумор. Не ги потценувајте.
  10. И што е најважно, бидете уверени дека поседувате магнетска привлечност. Веројатно сте забележале дека во деновите кога се чувствувате убаво и привлечно добивате повеќе комплименти и ви приоѓаат повеќе луѓе. Тоа не е случајност. Кога вашите очи зрачат самоувереност, кога се чувствувате како да можете да го покорите светот, другите луѓе не можат да го игнорираат вашето присуство и вашиот неодолив магнетизам.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10613 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.