Почетна » Љубов и секс » Проблеми во врската » 8 митови за неверството

8 митови за неверството

Изневерата за некои луѓе можеби звучи примамливо и возбудливо, но на крајот таа секогаш ги урива темелите на врската и нанесува голема болка. Многу се пишува и зборува за неверството и токму поради тоа се појавуваат одредени невистинити тврдења кои сите ги прифаќаат како факти.

Постојат многу митови за изневерата. Некои велат: „Ако еднаш бил неверен, пак ќе биде“, други пак тврдат: „Мажите изневеруваат повеќе од жените“. Но, колку вистина се крие во тие клишеа?

МИТ 1: Мажите изневеруваат повеќе од жените

Колку и да било тоа точно во минатото, денес работите се менуваат. Сè повеќе жени ги изневеруваат своите партнери и ако се генерализира, мажите и жените изневеруваат подеднакво често.

Една од причините поради кои почесто слушаме за неверства од мажи е тоа што жените поумешно успеваат да ја сокријат изневерата.

НеверствоДенес мажите и жените изневеруваат скоро подеднакво често

МИТ 2: Ако изневерувал во минатото, ќе го направи тоа пак

Во овој мит се крие одредена доза на вистина, но не може да се прими како целосно точен. Ако вашиот партнер ги изневерувал сите свои поранешни партнерки, многу е голема веројатноста да ве изневери и вас. Експертите сметаат дека шансите повторно да изневери се зголемуваат ако во минатото успешно изневерувал без да биде фатен.

Но, има и такви луѓе кои научиле колкава штета прави неверството. Доколку некоја негова значајна врска се распаднала поради неверство, тој добро знае кои се последиците, па најверојатно нема да се осмели да ја направи истата грешка по втор пат.

МИТ 3: Ниту една врска не може да продолжи по неверство

Да, неверството ја руши врската, затоа што ги разнишува темелите врз кои се гради секоја врска, т.е. ја убива довербата. Но, тоа не значи дека врската не може повторно да биде изградена.

Често се случува изневерата да ги освести двајцата партнери дека нешто не е во ред со врската и дека треба активно да работат за да ги поправат проблемите. Таа може и да ги поттикне поефективно и поотворено да комуницираат. Ако двајцата партнери имаат голема желба врската да продолжи и волја да ги решат проблемите, тогаш неверството не значи и крај на врската.

МИТ 4: Сеедно е дали неверството траело една ноќ или подолг период

Не е исто. И еднократното неверство ја руши довербата во врската, но ако аферата трае подолг период, се вложуваат повеќе чувства.

Многу полошо е ако неверството е повеќекратно, затоа што така се создава и емотивна интимност.

МИТ 5: Луѓето изневеруваат затоа што не се среќни во врската

Дури и најздравите и најуспешни врски не се имуни на неверството. Луѓето изневеруваат од различни причини. Некои затоа што се себични, незрели или затоа што бараат повеќе возбуда, други пак затоа што бараат нешто што не го добиваат во врската.

Во секој случај, експертите сметаат дека жените почесто изневеруваат кога нешто им недостига во врската. Мажите се посклони од жените да изневерат дури и ако добиваат сè во врската.

МИТ 6: Луѓето изневеруваат само кога повеќе не се вљубени во својот партнер

Според проценките на експертите, отсуството на љубов кон партнерот е причина само за многу мал процент од неверствата што се случуваат. Доволна е една мала криза во врската или момент на лудост за да се случи изневерата. Затоа, таа не треба секогаш да се сфаќа како знак дека љубовта исчезнала.

Но, кога ќе се случи неверство, оној што е изневерен треба да се запраша дали љубовта е доволна за да се премине преку таквиот чин.

МИТ 7: Сексот е главниот мотив за секое неверство

Најчесто изневерата вклучува секс, но сексот не е основната причина поради која луѓето изневеруваат.

Се крие многу вистина во тоа дека луѓето изневеруваат ако немаат добар сексуален живот со партнерот, но изневеруваат и ако чувствуваат дека не се доволно почитувани или ценети. Во кратки црти, луѓето изневеруваат за да го пронајдат она што им недостига во врската, било да е тоа добар секс или поголема емотивна поврзаност.

Неретко се случува и т.н. емоционално неверство. Во таков случај нема сексуален контакт, но постои емотивна интимност и сексуална тензија.

МИТ 8: Мажите секогаш изневеруваат со попривлечни жени од својата партнерка

Не е точно. Погледнете ги само љубовниците на Тајгер Вудс и неговата поранешна сопруга која ја изневеруваше.

Мажите изневеруваат не затоа што сметаат дека нивната партнерка е помалку привлечна, туку затоа што бараат нешто различно, нешто возбудливо или често изневеруваат само затоа што им е забрането. Експертите предупредуваат дека дури и ако луѓето имаат совршен партнер, повторно можат да изневерат само затоа што им е преку глава од тоа да имаат совршен партнер и постојано да се обидуваат и тие да го достигнат тој перфекционизам.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11107 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.