Почетна » Убавина и мода » Тело » Нега на сува и испукана кожа на рацете

Нега на сува и испукана кожа на рацете

Сувите испукани раце имаат лош изглед, делуваат непријатно и се рапави на допир, ги уништуваат деликатните женски хулахопки, а во некои случаи може да предизвикаат чешање или болка.

Факт е дека рацете се незаменлива алатка при исполнувањето на секојдневните активности и скоро е невозможно целосно да ги заштитите од штетни влијанија како силните хемикалии со кои често доаѓаме во допир. За среќа, постојат многу начини на кои можете да ја негувате кожата на рацете за да се гордеете со нив.

Негувани раце кои не се суви и испуканиНа рацете им е потребна секојдневна нега

Причини за сува кожа на рацете

Пред да започнете да го елиминирате проблемот испукани раце, треба да знаете што предизвикува кожата да се суши и да стане рапава на допир. Најчестите причини се:

  • Употреба на силен сапун и жешка вода. Сапуните кои содржат силни хемикалии и жешката вода ги отстрануваат од рацете природните масла и природната влажност, оставајќи зад себе сува кожа.
  • Пречесто миење на рацете. Дури и да не користите силен сапун, ако многу често ги миете рацете, кожата може да стане сува.
  • Редовна изложеност на детергенти и средства за чистење. Исто како сапуните, и детергентите и средствата за чистење ја сушат кожата.
  • Егзема. Егземата може да предизвика црвенило, сува кожа и чешање.
  • Возраста. Кожата се менува како што старее. Хормонските промени кои настапуваат за време на менопаузата може да предизвикаат сува кожа.
  • Сончање. Долгото изложување на сонце ја намалува влажноста на кожата и не само што може да ја исуши, туку може и да доведе до појава на кафеави дамки.
  • Сув воздух. Екстремните ладни или жешки денови и малата влажност на воздухот се фактори кои придонесуваат за сушење на кожата на рацете.
  • Дехидратација. Кога вашето тело е дехидрирано, тоа се одразува и на кожата. Прекумерната употреба на алкохол или кафе може да ја засили дехидратацијата.
  • Константно користење на рацете за работа. Фризерите многу често страдаат од сува кожа на рацете затоа што постојано се во контакт со силни хемикалии. Но, исто така и градежните работници, земјоделците и останатите лица со слични професии се соочуваат со овој проблем.

Домашна нега на суви раце

Кога некој ќе ги допре вашите раце, тие треба да бидат нежни и да зрачат со женственост. Изберете си некој од понудените „рецепти“ и вратете им ги нежноста и свилениот допир на вашите раце.

  1. Ексфолијација со шеќер и маслиново масло

    Преку ексфолијацијата кожата ќе се ослободи од мртвиот слој на клетки кои лежат на површината и ќе им го отвори патот на кремовите и другите средства непречено да се впијат во неа.

    Измешајте 3 лажици шеќер со две лажици маслиново масло и истријте ги рацете. Масирајте ги со кружни движења 5 минути, а потоа измијте ги со топла, но не жешка вода.

  2. Омекнување со паста од мед и банана

    Медот има чудотворно дејство врз кожата, па топло се препорачува и за нега на сува кожа на рацете.

    Потребни ви се: 1 лажица мед, 1 банана, 1 лимон и 1 лажица путер. Изрендајте ја бананата и во неа додајте ги медот и путерот и исцедете го сокот од лимонот. Измешајте добро, а потоа нанесете ја смесата на рацете. По 20 минути, измијте со топла вода. Веднаш ќе почувствувате омекнување на кожата.

  3. Свилен допир со вазелин

    Вечерта пред да седнете да се одморите пред телевизорот, измијте ги рацете, избришете ги така што да не се целосно суви и премачкајте ги со вазелин. Нема да можете да престанете да си ги допирате рацете една од друга бидејќи ќе го засакате нивниот свилен допир.

    Доколку страдате од екстремно сува кожа, пред спиење нанесете на рацете подебел слој вазелин и ставете памучни ракавици. Утрото ќе забележите огромно подобрување.

  4. Навлажнување со жолчка и бадемово масло

    Изматете жолчка од јајце и со неа премачкајте ги рацете. Оставете ја 20-тина минути, а потоа измијте со млака вода. На крајот премачкајте ги рацете со бадемово масло.

    На овој начин кожата ќе ја добие потребната влажност.

Совет:

Нанесувајте хидратантен крем веднаш по миењето на рацете или по туширањето. Тогаш кожата ќе го впие најдобро. Не ја сушете целосно кожата и убаво разнесете го кремот со нежни движења.

Рацете се веројатно најупотребуваниот и најекспонираниот дел од човечкото тело. Никогаш не ја занемарувајте нивната нега.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9526 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.