Почетна » Убавина и мода » Мода » Обувки – есен/зима 2010-2011

Обувки – есен/зима 2010-2011

Кога станува збор за трендовите на новата сезона, не можеме да ги прескокнеме обувките, затоа што често токму тие се пресудни за да создадете оригинална модерна комбинација.

За да изберете модерни чевли или чизми кои ќе го надополнат и подобрат вашиот стил, потребно е да ги знаете најновите трендови за претстојната сезона.

Чизми високи до бедрата

Чизми високи до бедрата

Чизмите високи над колената, коишто беа огромен хит минатата зима, се задржаа меѓу доминантните трендови и оваа година. Подиумите на модните недели, кои ги диктираат трендовите за оваа есен и зима, беа преплавени со најразлични стилови на високи чизми.

Најголем впечаток оставија високите чизми изработени од елегантен велур или пак чизмите од кожа коишто имаа врвци до бедрата. Добрата вест е што не мора да носите високи потпетици за да го следите овој тренд. Високите чизми со рамни потпетици делуваат исто толку елегантно и женствено.

Наједноставно можете да ги комбинирате со хеланки и со кратка сукња или широки кратки панталончиња.

Чизми со крзно

Чизми со крзно

Дизајнерите како да се заљубија во крзното кога ги создаваа своите креации за сезоната есен/зима. Крзното доминираше на јакни, палта, ракавици, чанти, а се разбира и на чизми.

Подеднакво модерни се како целосно крзнените чизми, така и чизмите кои се обложени со крзно во горниот дел.

Овој тренд не треба да ве вознемирува ако сте поборник за правата на животните, затоа што дизајнерите се погрижија вештачкото крзно да биде попривлечно и поактуелно од природното.

Чевли со шпиц

Чевли со шпиц

Големо изненадување оваа сезона е големиот кам-бек на чевлите со шпиц. Балетанки со шпиц, високи чевли со шпиц и чизми со шпиц. Модерни се и моделите со остар шпиц, но и моделите кои се малку заоблени.

Сигурно некаде чувате барем еден пар чевли од овој тип. Извадете ги и ставете ги на дофат на рака, па нема да мора да го празните вашиот паричник за да го следите овој тренд.

Чевли со мала штикла

Чевли со мала штикла

Ако сте обожавателка на ултра високите потпетици кои ја издолжуваат и убаво ја дефинираат женската фигура, тогаш сигурно нема да ви се допадне тоа што оваа сезона високите потпетици треба да им направат место на пониските.

Новиот хит се чевлите со штикла од 3 до 5 сантиметри. Овој тип на чевли, коишто ги популаризира легендарната Одри Хепберн, ќе им се допаднат на жените кои бараат удобност и елегантност. Особени популарни се чевлите кои се спој на погоре споменатиот тренд со овој, т.е. шпиц-чевли со мала штикла.

Ниски чевли во машки стил

Ниски чевли во машки стил

Славните личности ги обожаваат ниските чевли тип „Оксфорд“. Тие се класични чевли во машки стил, но кои сепак делуваат женствено. Некои од нив имаат и детали од чипка, свила или пак се изработени од светликави материјали за да се направи одличен баланс меѓу машкото и женственото што се обединети во овој стил.

Чизми до глуждови со врвци и ремчиња

Чизми до глуждови со врвци и ремчиња

И овој тип обувки кријат во себе машки карактеристики, а некои – војнички стил. Врвците се особено популарни за декорирање на чизмите со висина до глуждовите, но исто така и за високите чизми до бедрата.

Чизмите со многу ремчиња се „ин“ оваа сезона. Тие ќе ви дадат поспортски и лежерен изглед.

Модифицирани кломпи

Модифицирани кломпи

Кломпите започнаа да добиваат популарност уште во сезоната пролет/лето, но тие дефинитивно се есенски чевли и сега ќе станат поголем хит. Освен класичните модели, оваа сезона се истакнуваат „модифицираните“ кломпи, со детали како врвци, ремчиња и сл.

Актуелни ќе бидат и чизмите чија основа се кломпи, т.е. долниот дел им е направен од дрво и формата наликува на кломпи.

Чорапи кои ѕиркаат од обувките

Трендот на носење чорапи во комбинација со сандалки и отворени чевли, кој за прв пат се појави минатата сезона, сега ќе добие поголема популарност. Иако многумина сè уште не можат да поверуваат како комбинирањето на кратки чорапи и сандали е моден хит, факт е дека тоа е популарен тренд кој го следат многу големи дизајнери.

Модните експерти советуваат дека најлесен начин да бидете во тренд оваа есен е да ги земете своите омилени пролетни или летни чевли и да ги искомбинирате со кратки чорапи, со цел чорапите да ви се гледаат кај прстите или да „ѕиркаат“ над чевлите. Така ќе се заштитите од студот, а плус овој тренд ќе ви даде време да се снабдите со потопли обувки за зимата.

Можете да комбинирате интересни кратки чорапи или чорапи со должина до колената со сите есенски чевли, со и без штикла, а исто така модерно е да ги извадите чорапите да се гледаат над чизмите.

Некои дизајнери се обидуваат да наметнат тренд на носење плетени чорапи, но не се знае колку ќе биде прифатен, барем на нашите простори.

И за крај...

Запомнете, стиловите и трендовите се различни нешта. За да оставите позитивен впечаток на модерна личност, треба умешно да ги прилагодите трендовите на вашиот стил на облекување.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11169 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.