Почетна » Убавина и мода » Мода » Модни додатоци – пролет/лето 2011

Модни додатоци – пролет/лето 2011

Планирањето и комплетирањето на стајлингот е комплексен, но истовремено и фасцинантен проект. За да бидете подготвени да освојувате погледи, освен комбинирањето на облеката и фризурата, треба да ја употребите и магијата на модните додатоци.

Со цел ви помогнеме да го финиширате својот изглед со модерни детали, ги селектиравме најимпресивните трендови кај модните додатоци за оваа сезона.

Очила: Мачкин погледОчила: Авијатичарски шикОчила: Голема ретро привлечностЧанти: Бонбона во ракаЧанти: Мини бела елеганцијаЧанти: Колан-чантаКапи: Брановидна елеганција од 70-титеКапи: Шармот на ПанамаНакит: Многу впечатливи белегзииНакит: Висечки обеткиНакит: Масивен накит за вратотНакит: Розово злато

Очила: Мачкин поглед

Очилата тип „мачкини очи“ ни даваат шанса да отпатуваме назад во 50-тите и 60-тите години кога овој моден детаљ ги освојувал тогашните кралици на модата.

На овој интересен тренд особено ќе се израдуваат жените со срцевидна или квадратна форма на лицето, затоа што ним најмногу им прилегаат вакви очила.

Очила: Авијатичарски шик

Авијатичарските очила веќе неколку сезони се меѓу најголемите, но и меѓу најприфатените трендови. Можеби затоа што се толку лесни за вклопување во различни стилови.

Не се колебајте дали да додадете еден ваков пар очила во вашата колекција модни додатоци. Сигурно авијатичарските очила ќе го зачуваат своето место на модната сцена барем уште неколку сезони.

Очила: Голема ретро привлечност

Големите ретро очила се омилени кај следбеничките на модата затоа што даваат гламурозен ефект. Нивната популарност започнала да се зголемува во 70-тите и 80-тите години, но и денес се исто толку прифатени колку и во тоа време кога биле вистински хит.

Поради нивната популарност, можат да се најдат во различни форми и бои. Без разлика дали ќе изберете црни, бели, во друга боја или со дезени, големите ретро очила се фантастичен аксесоар за преку целата година.

Чанти: Бонбона во рака

Силните бои ги обоија модните писти оваа сезона. А кога кон впечатливите бои ќе го додадете трендот мали чанти, ќе добиете тренд „бонбона во рака“.

Со една мала чантичка во светла слатка боја можете на едноставен начин да ја разбиете монотонијата на облеката и на безбеден начин да го следите трендот на оптимистички свежи бои. Изберете неонско сина, розова, портокалова, зелена или лимоново-жолта чантичка и носете ги вашите лични предмети со стил.

Чанти: Мини бела елеганција

Контрастен тренд на чантичките во силни бои е малата бела чантичка. Големите чанти кои собираат сè живо и диво скоро и да се повлекоа од модната сцена и направија уште повеќе место за минијатурните чантички во кои можете да го носите само најнеопходното.

Изберете мала бела чантичка со метални детали и нема да направите грешка. Сончевата сезона ги става на сцената и понежните бои како крем и песочна.

Чанти: Колан-чанта

Големите модни дизајнери понудија нов тренд кој допрва треба да се пробива кон модерните клиенти, а тоа е трендот на колан-чанти. Како што открива самото име, се работи за мали чантички кои се носат на половината со помош на колан.

Ова е интересен и практичен тренд кој ќе ви овозможи да танцувате по летните дискотеки без да размислувате каде е најбезбедно да ја оставите чантата.

Капи: Брановидна елеганција од 70-тите

Вратете се во 70-тите години со помош на шешир со брановидна широка стреа. Со него ќе се заштитите од сонцето на елегантен и префинет начин.

Најдобро е да го комбинирате со панталони со широки ногавици, траперки со висок струк или со макси фустан.

Капи: Шармот на Панама

Ако барате тренд што ќе ве издвои од другите, тогаш дефинитивно ќе ви се допадне шапката тип Панама. Традиционално овие шапки се сламени, но исто така модерни се и шапките кои само ја крадат формата на шапката Панама, а всушност се изработени од платно.

Комбинирајте ја оваа шапка со тенка ленена облека за да избегнете модна грешка.

Накит: Многу впечатливи белегзии

Накитете ги рацете со многу големи белегзии. Комбинирајте белегзии со слични нијанси или пак со слични дезени.

Никогаш нема да погрешите при изборот на бои за белегзии ако сте облечени во една боја од глава до пети, на пример во бело. Но, ако носите шарена облека, подобро е да се насочите кон белегзии во една боја или многу блиски нијанси. Во секој случај, белегзиите треба да се големи и впечатливи.

Накит: Висечки обетки

Висечките долги обетки се најактуелни оваа сезона, а на дизајнерите најомилени им беа долгите обетки со реси.

Исто така, како тренд се појавија и пердувестите обетки. Многу славни личности веќе го промовираат овој тренд, носејќи само една обетка од шарен пердув во индијански стил.

Накит: Масивен накит за вратот

Големината е важна, барем кога станува збор за модерниот накит за сезоната пролет/лето. Колку повпечатлив и поразнобоен ѓердан носите, толку подобро.

Големиот накит за на врат кој имитира јака, ѓерданите со неколку слоеви, едноставниот геометриски накит и накитот со елементи кои потсетуваат на племиња се најдобриот избор.

Накит: Розово злато

Се вели дека златото и среброто не излегуваат од мода, но секоја сезона едното е попопуларно од другото.

Розовото злато е апсолутен хит. Неговиот интересен сјај ќе освојува во текот на пролетните и летните денови.

Секако, ова не е конечната листа на актуелни модни додатоци. Во никој случај не ги прескокнувајте коланите и свилените марами, кои можете да ги носите на главата, на вратот или пак врзани за чантата. Освен тоа, модните трендови кај облеката се пренесуваат и кај модните додатоци, па актуелни се модни детали со риги и такви коишто вклучуваат блокови од различни бои.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11033 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.