Почетна » Убавина и мода » Лице » Како да се ослободите од двојната брадичка (изразен подбрадок)?

Како да се ослободите од двојната брадичка (изразен подбрадок)?

Мразите кога ќе погледнете фотографии на кои наместо една, имате и втора брадичка? Ако одговоривте потврдно, не сте единствени. Непривлечниот изразен подбрадок може да додаде и килограми и години кон целосниот изглед, па тоа принудува многу луѓе да бараат ефективни начини за намалување на таканаречената двојна брадичка.

Иако подбрадокот најчесто е проблем за лицата со прекумерна телесна тежина, трупањето на масно ткиво под брадата се појавува и кај лица кои се во одлична форма, бидејќи големо влијание има и генетскиот фактор.

Жена со убава линија на вратот

Стареењето и губењето на еластичноста на кожата е уште една од причините кои предизвикуваат овиснување на кожата на вратот. Ние жените вложуваме многу за зачувување на младешкиот изглед на кожата на лицето и за одржување на добра форма на телото, но вратот може да ја издаде нашата возраст и да го направи нашето лице позаоблено. Поради тоа, неопходно е дел од нашето време за разубавување да му го посветиме на вратот.

Во продолжение ќе најдете вежби и совети кои ќе ви помогнат да го намалите непосакуваниот подбрадок и да ја зачувате убавината на кожата на вратот.

Вежби за затегнување на мускулите на вилицата и вратот

За да имате мазен женствен врат и стегната кожа и да не се срамите од масни наслаги под брадичката, потребно е да практикувате вежби за затегнување на мускулите на вилицата и вратот. Тие се многу едноставни, но и забавни, па ако еднаш започнете, сигурно ќе сакате да продолжите да ги вметнувате во вашите секојдневни активности.

Туркање со челото

  1. Ставете ја десната дланка на челото и притиснете.
  2. Започнете да туркате со челото нанапред, а со дланката создавајте отпор за мускулите на вратот да „работат“, а вашата глава да стои в место.
  3. Задржете се во таква положба 10 секунди.
  4. Повторете ја вежбата 5 пати.

Бакнежи нагоре во воздух

  1. Застанете или седнете исправени. Наведнете ја главата наназад така што погледот да ви биде насочен кон таванот.
  2. Соберете ги усните цврсто како кога испраќате бакнеж.
  3. Држете ги усните собрани и истакнати 10 секунди, а потоа опуштете ги.
  4. Повторете ја вежбата 5 пати.

Подигнувањето на брадичката нагоре и испраќањето на бакнежи ги затегнува и тонира мускулите на вилицата и вратот.

„Џвакање“

  1. Застанете или седнете исправени. Наведнете ја главата наназад така што погледот да ви биде насочен кон таванот.
  2. Започнете да имитирате џвакање со затворени усни.
  3. Повторете го движењето 20 пати.

Плазење со јазикот

  1. Држете ја главата во природна положба.
  2. Отворете ја устата колку што можете повеќе.
  3. Исплазете го јазикот колку што можете нанапред.
  4. Задржете се во таа положба 10 секунди.
  5. Повторете ја вежбата 5 пати.

Долни усни нагоре

  1. Застанете или седнете исправени.
  2. Долните усни подигнете ги нагоре колку што можете повеќе.
  3. Задржете ги во таа положба 10 секунди, а потоа опуштете ги.
  4. Повторете ја вежбата 10 пати.

Долна вилица нанапред

  1. Застанете или седнете исправени и додека ги држите усните споени една со друга, разделете ги забите така што ќе ја спуштите долната вилица надолу.
  2. Турнете ја долната вилица нанапред при што долните заби да ви се понапред од горните.
  3. Задржете се во таа положба 10 секунди.
  4. Повторете ја вежбата 5 пати.

Бавна ротација со главата

  1. Седнете или застанете исправени и започнете да ја ротирате главата.
  2. Многу бавно правете кругови прво налево, а потоа надесно.
  3. Направете 20 круга, притоа внимавајќи сите мускули на вратот да се затегнуваат.

Како вашата двојна брадичка да не се гледа на фотографии?

Изразениот подбрадок додава килограми, па многу жени се нервираат кога фотографиите овековечиле некоја нивна лоша поза, односно кога ја уловиле нивната двојна брадичка во полн сјај. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ја сокриете двојната брадичка од објективите:

  • Насмевнете се со јазикот поставен зад горните предни заби. Поставете го врвот на јазикот на горната вилица, веднаш зад предните заби и тогаш насмевнете се. Така подбрадокот се стегнува и тој ќе остане невидлив за фотоапаратот. Можеби на почетокот ќе ви биде чудно да се смеете на ваков начин, но откако ќе повежбате пред огледалото, ќе видите дека сепак изгледате природно.
  • Прикријте го подбрадокот со шминка. За нас жените е полесно, бидејќи можеме да користиме мејкап трикови за да го маскираме подбрадокот. Нанесете потемно руменило на областа веднаш под вилицата и брадичката. Започнете да контурирате зад левото уво и завршете зад десното.
  • Носете ролка или марама. Блузите со висока јака можат целосно да го покријат вратот и да ви овозможат воопшто да не се грижите за двојната брадичка. Истата функција можат да ја имаат и модерните марами.
  • Кога некој ве фотографира оддолу... Придвижете ја главата малку нанапред и навалете ја на едната страна. Така вратот ќе се затегне и вашиот подбрадок нема да излезе на виделина. Навалувањето на главата настрана ќе ви помогне фотографијата да не ја вклучува внатрешноста на вашите ноздри.

Дополнителни совети

  • Одржувајте исправена положба на телото. Седењето во неправилна положба е една од причините за опуштање на мускулите по целото тело, вклучително и мускулите на вратот. Подгрбавеноста е лоша не само за ‘рбетот, туку и за изгледот. Научете како да седите исправени, со исправени глава и рамена.
  • Внесувајте храна богата со витамин Е. За да си го подобрите изгледот и еластичноста на кожата, потребно е да внесувате доволно количество витамин Е, а најдобар начин да го направите тоа е преку исхраната. Богат извор на витамин Е се јаткастите плодови (бадеми, лешници и кикирики), авокадото, спанаќот, брокулите и слаткиот компир.
  • Вежбајте и ако имате вишок килограми, ослабете. Прекумерната телесна тежина е можеби најчестата причина за појава на многу видлив подбрадок. За негово елиминирање, потребно е прво да го доведете своето тело во форма. Со слабеењето ќе ги намалувате и масните наслаги кои се натрупале под брадичката. Се разбира, од големо значење тука е и исхраната. Минимизирајте го внесувањето на мрсна храна и насочете се кон здравите овошни плодови и зеленчуци.
  • Користете крем со заштитен фактор и на вратот. На плажа го заштитуваме лицето, но забораваме да ја заштитиме нежната кожа на вратот. Долгото изложување на сонце ја намалува еластичноста на кожата и со текот на годините таа може да овисне. Затоа, додека се сончате, задолжително заштитете ја и кожата на вратот.

И за крај...

Не си создавајте нереални очекувања за вашиот изглед, не си создавајте комплекси непотребно. Многу луѓе имаат изразен подбрадок во одредени ситуации или на одредени фотографии. Овиснувањето на кожата на вратот е дел од нормалниот процес на стареење. Грижете се за својот изглед, но не одете во крајности.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11344 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.