Во сезоната на топли тонови, суптилна шминка и природен сјај, Марјан Петров останува еден од оние стилисти што жените ги бараат повторно и повторно. Неговата работа се препознава без да се потпише: природно, елегантно, нежно – со мерка и вкус.
Талентираниот струмичанец за Фемина раскажува за есенските трендови и довербата на клиентките, како и за работата со големи ѕвезди и посебните моменти што му ги отвориле вратите кон нови кариерни предизвици.
Имено, оваа есен е период кога косата и шминката се смируваат, се затоплуваат и добиваат природен сјај. Токму така ги опишува и трендовите што најмногу ги бараат клиентките во неговиот салон.
Марјан
„Трендови на коса овој период се потоплите бои – чоколадна, светло кафена, исто така и бакарна. После лето е најдобро да се затемни малку косата, а за лето да се осветли.
Затоа, актуелни се топлите карамел тонови, плаво-златестите тонови, сè што е најприродно. Од фризури би ги издвоил холивудските бранови, како и „messy bun“ пунџите. Кај речиси сите мои клиентки желбата е косата да биде направена со прамени и тоа два-три тона посветли од нивната природна боја, за да изгледа што е можно поприродно“ – открива стилистот за коса и шминка.
Неговите клиентки му се многу лојални и секогаш оставаат тој да ги дотера на свој начин.
Марјан
„Сите што доаѓаат во мојот салон, ми даваат целосна доверба, па оставаат на мене – јас што ќе им препорачам. Најбарана шминка ми е природната, да изгледа така, и по тоа мислам дека сум препознатлив. Сè што е помалку – тоа е и подобро“ – вели Марјан.
Но, патот до довербата не бил секогаш лесен, па имало и несигурни реакции и по некоја незгодна ситуација.
„Па нормално, имало на почетоците, кога сум започнал со шминкање, знаело на некој да не му се допадне нешто. Но, годините си го прават своето, доста вложувам во обуки и квалитетни шминки“ – потенцира тој.
Еден од највпечатливите моменти во неговата кариера е посетата на домот на Лепа Брена, нешто што го носи како живо сеќавање.
Марјан
„Досега сум работел со многу ѕвезди, но ова навистина морам да го нагласам – беше нереално сè. Од домот во Белград кај неа, како ме пречекаа, па заедно отидовме на настанот – сè беше нај-нај, на ниво. Уште не ми се верува колку е важно за нашата работа да соработуваш со толкава голема дива. Запознаваш многу народ и многу врати ти се отвораат“ – со благодарност раскажува Марјан и додава:
„Имам понуда за Белград, и сум размислувал да отворам нешто мое таму. Но, сѐ уште размислувам.“
И иако низ неговите вешти раце поминале огромен број познати македонски, балкански, а и светски ѕвезди, една соработка за него останува како семејна врска.
„Навистина не сакам да ги делам, сите ги сакам еднакво. Но, од самиот старт со мене е Слаѓа Алегро – таа ми е како дел од фамилијата“ – искрен е Петров.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
