Мисијата на Антонио Пандовски е успешна.
Македонецот, кој трчаше 600 километри од Скопје до Острог, пристигна на својата крајна цел и беше пречекан од волонтери и поддржувачи од Македонија. Антонио гордо го вееше македонското знаме додека пристигнуваше во Острог мотивиран да им помогне на малите херои кои се лекуваат на Детската Клиника.



Поттикнат од прераната смрт на мајка си и нејзината неостварена желба да го посети Острог, Антонио на 2 јули тргна од пред Соборниот храм во Скопје, а по пристигнувањето на целта напиша:
„Таа веќе не е со нас, ама беше со мене во секој чекор. Мајка ми не ме држеше за рака... ама ме носеше низ секој километар. Кога ја прегрнав сестра ми ја почувствував и неа.“
„Толку солзи, толку тишина, толку зборови што не мораа да се изговорат. Овој момент беше победа на љубовта што таа ја вгради во мене. И денес, таму под Острог, со срце полно, само едно ми одекнуваше во глава: Успеав, мамо. Ова беше за тебе“.


Сите средства собрани преку донации ќе бидат наменети за набавка на неопходна медицинска опремаза дечињата болни од рак.
Зад Пандовски застана Фондацијата „Ице Бегов“ од Гевгелија кои на својот профил напишаа:
600 километри. 18 дена. Еден човек. Илјадници срца.
Денес Антонио Пандовски стигна во Острог. Последниот чекор од подвигот што го започна за нашите мали херои.
Од Скопје до Острог, со срце кое трча за секое дете на Клиниката за детски болести.
600 км надеж.
600 км љубов.
600 км верба дека заедно можеме.
Средствата се уште се собираат. Следните 3 недели се наша шанса – твоја, моја, на сите нас – да бидеме дел од оваа приказна.
Поддржи ја мисијата. Донирај. Сподели. Охрабри уште некој.
Од срце благодариме на сите кои досега донираа, волонтираа, споделуваа, охрабруваа – оваа победа е и ваша.
За децата. За хероите. За нас.




