Почетна » Диети и фитнес » Слабеење » 10 начини да го забрзате вашиот метаболизам

10 начини да го забрзате вашиот метаболизам

„Имам бавен метаболизам“ – сигурно многупати сте го слушнале ова од луѓе кои се борат со вишокот килограми.

Метаболизмот всушност го одредува количеството енергија, односно калории, коишто секојдневно му се потребни на телото. Околу 70% од тие калории се искористуваат за основните функции на телото, како дишење, циркулација на крвта, растење и обновување на клетките и сл. Тоа се нарекува и базален метаболизам. Дополнителни 10% се користат за варење и апсорпција на храната, а останатите (околу 20%) служат за да може телото да биде физички активно.

Среќна женаЖените имаат побавен метаболизам од мажите, па затоа треба повеќе да се трудат да го одржат брз

Метаболизмот сам по себе не ја одредува вашата тежина. Телесната тежина зависи од бројот на внесени и бројот на согорени калории. Метаболизмот е механизам којшто ги согорува калориите и одлучува колку калории му се потребни на телото. Проблемот со вишокот килограми настапува кога внесувате повеќе калории отколку што му се потребни на вашето тело.

Постојат неколку важни фактори кои влијаат на вашиот метаболизам. Тоа се:

  • Возраст. Метаболизмот се забавува со 5% секоја деценија по 40-тата година од животот. Причината за тоа е што телото губи од мускулната маса.
  • Пол. Мажите имаат побрз метаболизам од жените. Се смета дека метаболизмот на мажите е за 10-15% побрз од метаболизмот кај жените.
  • Гени. Некои луѓе едноставно имаат брз метаболизам од раѓање, а други – не.
  • Градба на телото. Луѓето кои имаат повеќе мускули имаат и побрз метаболизам.

Без разлика дали сакате да согорувате дополнителни калории или пак се подготвувате за неизбежното забавување на метаболизмот предизвикано од возраста, има неколку начини на коишто можете да го забрзате вашиот метаболизам:

  1. Секогаш појадувајте. Тоа е правило кое мора да го почитувате ако сакате да слабеете, да ја одржувате вашата тежина и да имате брз метаболизам. Нашето тело прави сè што може за да преживее. Кога го прескокнувате појадокот, вие всушност му кажувате на своето тело дека немате пристап до храна и тоа автоматски го забавува согорувањето на калории. Во текот на ноќта телото го намалува бројот на согорени калории, а преку појадокот вие на едноставен начин го забрзувате метаболизмот. Добро познат факт е дека луѓето кои појадуваат се послаби од луѓето кои го прескокнуваат појадокот.
  2. Не јадете помалку од 1200 калории дневно. Минималниот број на калории коишто жените треба да ги внесуваат секојдневно е 1200. Ако држите строга диета и внесувате помалку калории, вашиот метаболизам ќе се забави со цел да штеди енергија. За да пресметате точно колку калории ви се потребни дневно, искористете го нашиот калкулатор за дневни потреби на калории.
  3. Јадете 5-6 мали оброци. Поради зафатеност, многу луѓе прескокнуваат оброци во текот на денот и јадат само кога имаат време. Така го „убиваат“ својот метаболизам. Самото џвакање, варење и апсорбирање на храната го забрзува метаболизмот. Колку почесто јадете, толку побрз ќе биде вашиот метаболизам. Најдобро е да јадете 3 големи оброци и да имате 2 мали ужини.
  4. Зачинете ја храната и олутете се. Научниците тврдат дека лутите пиперчиња и зачинетата храна го забрзуваат метаболизмот со 20% во текот на 30 минути по консумирањето.
  5. Пијте зелен чај. Зелениот чај го стимулира метаболизмот. Истражувањата покажуваат дека зелениот чај помага во топењето на мастите во телото, а плус тоа е одличен сојузник во борбата против многу болести. Пијте 4-5 чаши зелен чај дневно.
  6. Пијте ладна вода. Постојано треба да се грижите да внесувате доволно вода во телото за да ја избегнете дехидратацијата. Водата ќе ви помогне полесно да се ослободите од токсините кои се појавуваат во телото кога се согоруваат масни наслаги. Ладната вода барем малку го забрзува метаболизмот, затоа што телото троши повеќе енергија за да се загрее.
  7. Внесувајте повеќе протеини. За телото да ги свари протеините, потребна му е 25% повеќе енергија. Теоретски, оброк кој содржи многу протеини повеќе го забрзува метаболизмот отколку оброк кој содржи многу јаглехидрати (двата оброка да содржат ист број калории). Почесто во главните оброци вклучувајте риба или пилешко, а како ужина консумирајте јаткасти плодови, како ореви.
  8. Не седете долго време. Ако поголем дел од денот го поминувате во седечка положба, било тоа да е на работа или дома пред компјутер или телевизор, вашиот метаболизам станува побавен. Истото се случува дури и ако редовно вежбате. За да го избегнете ова, на секои 20-30 минути станувајте, прошетајте се околу собата во која се наоѓате и истегнете се.
  9. Спијте доволно. Луѓето кои не спијат 7-8 часа дневно се посклони кон трупање на вишок килограми. Истражувачите откриле дека жените кои спијат 6 часа дневно имаат 12% поголема веројатност да натрупаат несакани килограми, а жените кои дневно спијат 5 часа и помалку – 32% поголеми шанси да достигнат наднормална телесна тежина. Прочитајте повеќе за спиењето и вашето здравје.
  10. Практикувајте аеробик и не ги избегнувајте вежбите со тегови. Аеробик вежбите вклучуваат активности како брзо одење, возење велосипед, трчање, пливање и сл. Ваквите вежби го забрзуваат метаболизмот и помагаат да согорите повеќе калории во периодот додека ги практикувате. Вежбите со тегови ќе ви помогнат да го забрзате метаболизмот на долгорочен план, затоа што тие создаваат мускулна маса, а добро знаете дека колку поголема е мускулната маса, толку побрз е метаболизмот. Ако сакате да слабеете, практикувајте аеробик вежби 5 пати неделно по 30 минути, а правете вежби со тегови 2-3 пати неделно.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11129 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.