8 најиритирачки нешта што ги прават заљубените парови
Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » 8 најиритирачки нешта што ги прават заљубените парови

8 најиритирачки нешта што ги прават заљубените парови

Без разлика дали сте сингл или во врска, сигурно постојат одредени навики на заљубените парови кои ви одат на нерви. Не сте единствени ако ви доаѓа да превртите очи и да кажете „Ох, леле“ кога сте во друштво на пар што постојано се бакнува, употребува љубовни прекари, зборува во множина или ако имате потреба да ѝ се развикате на пријателка ви која заборавила на вас откако започнала врска.

Јавно покажување на љубовЗаљубените парови ги иритираат околните кога претеруваат со покажувањето на љубовни чувства во јавност

Еве дел од најдосадните и најиритирачките работи што свесно или несвесно ги прават некои заљубени парови:

  1. Јавно покажуваат чувства (читај: страст) на погрешни места. Ако треба да се прави список, јавното покажување на љубовни чувства сигурно ќе биде на врвот и ќе ја освои титулата најиритирачка навика на заљубените парови. Слатко е кога заљубен пар ќе размени некој бакнеж во паркот. Но, нема ништо слатко кога до вас има двајца заљубени кои не можат да ги тргнат рацете еден од друг, се бакнуваат како да се на натпревар за најдолго бакнување, ги ставаат рацете во задните џебови на својот партнер/ка, а вие сте принудени да гледате на другата страна додека не завршат.
  2. Постојано употребуваат љубовни прекари/бебешки јазик. Луѓето треба да разберат дека љубовните прекари што ним им изгледаат слатки ги нервираат повеќето луѓе пред коишто ги употребуваат. На пример, можете да слушнете: „Сонце, порачај ми еспресо“ и веднаш потоа „Веднаш, срце мое“ или „Злато, вечер ќе одиме на роденден?“ на коешто следи „Не знам душо, ти одлучи“. Уште повеќе нервира зборувањето на бебешки јазик. „Дај да ми те цункам“ може да предизвика многу превртувања на очи во околината во која е изговорено. Милите љубовни прекари и бебешките разговори треба да останат за приватна комуникација.
  3. „Јас“ го заменуваат со „ние“. Има луѓе кои кога ќе влезат во врска веднаш го исфрлаат од употреба зборот „јас“ и зборуваат само во множина. Вие прашувате „Го гледаше ли Black Swan?“ и добивате „Да, го гледавме“. Продолжувате: „Ти се допадна?“, а следува „Да, многу ни се допадна. Не можевме да ги тргнеме очите од екранот“.
  4. Се обидуваат да „создадат“ повеќе парови или бараат парови за дружење. Паровите често сакаат да се дружат со други парови. Па, ако во нивното друштво нема такви, тие се обидуваат да ги создадат. Повеќето од нив порано или подоцна стигнуваат до разговорот „Колку би било убаво ако мојата другарка и твојот другар се во врска“ и тргнуваат во мисија „Купидон“. Други пак ги избегнуваат своите сингл пријатели и започнуваат да се дружат со друг пар со којшто едвај се познаваат.
  5. Стануваат сијамски близнаци. Со нетрпение очекувате да пристигне вашата пријателка за да ѝ ги раскажете сите детали од вчерашната луда забава или да ѝ се пожалите за љубовниот живот, и во тој момент, гледате како таа и нејзиниот сакан се упатуваат кон вас. Се разбира, таа не можела да го откачи кога тој ѝ се јавил додека се подготвувала да дојде на кафе со вас и го викнала да ви се придружи. Па, вашите приватни разговори ќе мора да почекаат за некој друг ден. А кога ќе размислите подобро, во блиското минато немало излегување без тие двајцата да се заедно – едноставно станале неразделни.
  6. Facebook љубов/исти профили. Веќе не можете да познаете дали профилот што го разгледувате е на вашата пријателка или на нејзиниот сакан. Исти фотографии, исти интереси, исти статуси, па уште и еден на друг си коментираат на истите фотографии. А коментарите изобилуваат со љубовни прекари, изјави на љубов, комплименти...
  7. Забораваат на своите пријатели сè додека не станат повторно сингл. Како што врската на вашата пријателка се продлабочува, така таа исчезнува од вашиот живот. И кога по стотото откачување ќе престанете да ѝ се јавувате за петочното и саботното излегување, гледате пропуштен повик од неа. Не си помислувајте дека решила да ви се извини. Таа се јавува за да побара билет за повторно да влезе во вашиот живот, бидејќи сега повторно е со статус сингл.
  8. Постојано се консултираат еден со друг. Вие со огромна насмевка ја известувате вашата заљубена пријателка дека организирате женска вечер, а таа наместо да ви даде одговор, го вади мобилниот за да го праша нејзиниот сакан дали има некои планови и дали ќе му смета да излезе сама. Втора ситуација: Излезени сте на шопинг и ја советувате да си го купи летното фустанче што го пробала. Но, таа решава да побара друг консултант. Ве замолува да ја фотографирате за да може ТОЈ да процени дали треба ТАА да си го купи фустанчето. Нормално е во вашата глава да помине мислата: „Мора ли за сè да побара одобрување?!?!“.

Заслужуваат да се споменат и:

  • Кажувањето на лагата „Ние никогаш не се караме“.
  • Расправиите во јавност/поставувањето на пријателите на средина во кавгите.
  • Кажувањето на шеги кои само тие двајцата си ги разбираат и на кои само тие се смеат.

Се препознавате ли во нешто? Што вас ве нервира најмногу? Имате ли да додадете нешто на списоков?

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9618 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.