Како до секси мазни нозе?
Почетна » Убавина и мода » Тело » Како до секси мазни нозе?

Како до секси мазни нозе?

Мажите не можат да ги тргнат очите кога во видикот ќе им се појават мазни убаво тонирани нозе. Секоја жена ги посакува за да може самоуверено да ги носи своите најнови летни парчиња облека.

Ако се прашувате како можете да им дадете секси изглед на вашите нозе, подолу следуваат неколку мали, но практични совети.

Мазни нозеЗа среќа, денес постојат многу различни методи кои можат да ни помогнат да имаме мазни нозе.

Отстранување на несаканите влакна

Несаканите влакна по телото се меѓу најголемите женски проблеми. За жал, сите ги имаме и постојано трошиме многу време и пари обидувајќи се да се ослободиме од нив. Но за среќа, постојат многу различни методи кои можат да ни го донесат посакуваниот резултат – мазни нозе.

  • Бричење. Најраспространет и најевтин метод за отстранување на несаканите влакна е бричењето. За разлика од минатото кога влакната се отстранувале со парче школка со изострени рабови, денес можеме да го практикуваме овој метод со модерни бричови со по неколку сечила. Иако влакната израснуваат само по неколку дена, многу жени го претпочитаат бричењето затоа што не носи болка.

    Совети:

    • Пред да се бричите, истуширајте се со топла вода. Тоа ќе ги омекне влакната и ќе ги отвори порите на кожата.
    • Употребувајте крем или гел за бричење наместо сапун. Сапунот ја суши кожата, одземајќи ѝ ја природната влажност.
    • Користете остар брич, по можност со неколку сечила. Така ќе ги отстраните влакната без да треба да поминувате по неколку пати на истото место и со тоа ќе ја редуцирате иритацијата на кожата.
    • Иако повеќето жени се бричат во насока спротивна од насоката на растење на влакната, се препорачува токму обратното – бричење во насока на растењето на влакната. На тој начин ќе ги минимизирате шансите за појава на поткожни влакна, црвенило и исекотини.
  • Депилација со крем. Алтернатива на бричењето е депилацијата со крем, гел или пена. Единствено што треба да внимавате при користењето на овој метод е времето за коешто и ќе го оставите продуктот на дејствува на кожата. Секогаш треба да го прочитате упатството и строго да ги почитувате инструкциите. Обично не се препорачува кремот да стои врз кожата подолго од 3-5 минути.

  • Депилација со восок. Некои жени веднаш се накострешуваат кога ќе слушнат за депилација со восок. Навистина овој метод е болен, но гарантира мазна кожа подолг период. Добрата вест е што со текот на времето и со редовното практикување болката се намалува, а влакната стануваат видливо потенки.

    Совети:

    • Пред депилација, направете пилинг и ексфолирајте ја кожата. Ексфолијацијата ќе ви помогне да ги отстраните мртвите клетки од површината на кожата, а плус тоа помага и за спречување на појавата на поткожни влакна.
    • Истуширајте се со топла вода или пак натопете крпа со топла вода и ставете ја врз областите кои имате намера да ги депилирате. Потоа влакната полесно ќе излегуваат од кожата.
    • Восокот секогаш се нанесува во правец на растењето на влакната, се лепат лентите и се повлекуваат со брз потег во обратен правец.
    • Откако ќе завршите, нанесете крем или масло наменети за по депилација. Така ќе ја намалите иритацијата на кожата и ќе го потпомогнете затворањето на порите.
  • Депилација со електричен депилатор. Многу жени во денешно време поседуваат електричен депилатор. Тој исто како и депилацијата со восок овозможува да добиете мазни нозе подолг период. Ваквите типови на депилација во 90% од случаите создаваат црвени точки по кожата и треба да се практикуваат еден ден пред да ги разголите вашите нозе во јавност.

Овие се најраспространетите методи за отстранување на влакната. Освен нив, постојат и пософистицирани методи за подолготрајно ослободување од несаканите влакна, но тие чинат повеќе и треба да ги извршуваат професионалци.

Ексфолијација

Ексфолијацијата е лесен и едноставен начин да добиете мека и нежна кожа. Можете да си ја ексфолирате кожата со помош на готови козметички продукти или пак со пилинзи приготвени дома. Во секој случај, тоа ќе ви помогне да ги отстраните мртвите клетки од кожата и да извадите некои од поткожните влакненца.

Правете си ексфолијација додека се туширате. Нанесете го пилингот и со кружни движења масирајте се. Масажата ќе ви помогне и да го намалите непријатниот целулит. Масажа може да си правите и со помош на четка непосредно пред туширање.

Посветете им најголемо внимание на областите на колената и на глуждовите, затоа што таму кожата е најгруба.

Убав тен

Несомнено нозете изгледаат подобро ако имате златен тен. Но, тоа не значи дека треба веднаш да седнете да се печете под сонцето или пак да закажете термин за солариум. Насочете се кон поздравата и побезбедната алтернатива – кремовите за самопотемнување.

Доколку нозете ви се премногу бели, изберете си крем што нуди мало потемнување со цел да поцрнувате постепено. Најдобро е да го употребувате кремот веднаш по ексфолијација, за да се впие подобро.

Нанесувајте го рамномерно. На колената нанесете крем за потемнување измешан со хидратантен крем. Така ќе го избегнете несаканото прекумерно потемнување на колената.

Вежбање

Не е доволно вашите нозе да се мазни за да изгледаат привлечно. Потребно е да ги обликувате со помош на редовна физичка активност.

Практикувајте долги прошетки, трчање во природа, возење велосипед или планинарење. Сите тие активности ќе ви донесат поголема мускулна маса и подобар изглед.

Доколку пак немате навика да спортувате надвор, практикувајте вежби за зацврстување на нозете во домашни услови.

И се разбира, најдобар пријател на убавите секси нозе се високите потпетици. Но, пред да го облечете вашето омилено кратко фустанче и модерните сандали, не заборавајте и на изгледот на вашите стапала. Педикирот ќе ја потенцира убавината на вашите нозе и ќе покаже дека се грижите да изгледате совршено до најмалите детали.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.