Почетна » Убавина и мода » Тело » Како да изгледате прекрасно на секоја фотографија?

Како да изгледате прекрасно на секоја фотографија?

Во минатото фотоапаратите најчесто се користеа само за специјални прилики и сите се обидуваа да зачуваат филм само за најинтересните моменти. Денес, дигиталните фотоапарати ни ги променија навиките за фотографирање.

И најобичното излегување на кафе или на мезе со пријателите денес се овековечува на фотографии, а тие фотографии не завршуваат во стар запрашен албум, туку веднаш се појавуваат на Facebook пред очите на сите љубопитни познаници.

Па, не е ни чудно што луѓето сакаат да изгледаат што подобро на фотографиите и им се уништува расположението кога ќе видат фотографија која не ги покажува во добро светло.

Жена што позира за фотографијаАко сакате да изгледате послаби и да покажете поубава фигура, не го насочувајте телото директно кон фотоапаратот

Наместо да ја мразите опцијата за тагнување на фотографиите на Facebook или да ги „закопувате“ фотографиите од себе во папка на вашиот компјутер која никој не може да ја пронајде, прочитајте ги следниве трикови кои ќе ви помогнат да изгледате одлично на секоја фотографија:

  1. Усовршете ја „Red Carpet“ позата. Никогаш не треба да застанувате со целото тело насочено кон објективот ако сакате да изгледате послаби и да покажете поубава фигура на песочен часовник. Холивудските дами најдобро знаат како да го прикажат своето тело и треба да учиме од нив. Еве што треба да направите за да доловите добра поза:
    • Застанете исправени и едната нога поставете ја понапред од другата.
    • Свртете се под агол од 45° од фотоапаратот.
    • Целата тежина на телото префрлете ја на задната нога.
    • Издолжете ја предната нога и свиткајте ја малку кај коленото за да изгледа природно.
    • Горниот дел од телото насочете го кон фотографот, при што едното рамо треба да е поблиску до објективот од другото.
    Ева ЛонгоријаЕва директно свртена кон фотоапаратот Ева ЛонгоријаЕва застаната под агол од 45°
    БијонсеБијонсе директно свртена кон фотоапаратот БијонсеБијонсе застаната под агол од 45°
  2. Користете ги рацете за да направите подобра поза. Кога позирате, поставете ја едната или двете раце на колковите. Така ќе создадете илузија дека нозете ви се подолги. Единствено треба да внимавате да не ги држите прстите раширени, туку собрани. Доколку имате тесна половина со која се гордеете, ставете ја едната рака над колкот за да ја истакнете половината.
  3. Наместо да ги прилепувате до телото, држете ги рацете подалеку од него за да ви изгледаат послаби. Посвечената облека најчесто бара да ги разголите рацете. Па, кога се сликате, потребно е да внимавате и рацете да ви изгледаат послаби. За да го постигнете тоа, никогаш не треба срамежливо да ги притискате рацете кон телото. Ако ви е непријатно да ги поставувате на колковите, пуштете ги рацете опуштено покрај телото и малку подраширете ги настрана. За да изгледаат подобро оформени, стегнете ги малку мускулите, но само ако можете да го направите тоа без да изгледате здрвено.
  4. Истакнете ја подобрата страна од лицето. Освен ако не сте среќничка со апсолутно симетрично лице, треба да ја пронајдете вашата подобра страна од лицето. Застанете пред огледалото и разгледувајте го лицето од сите агли. Сигурно едната страна ќе ви изгледа значително подобро од другата. Па, кога се фотографирате, свртете ја малку главата на спротивната страна за да ја истакнете подобрата страна од лицето. Обично за подобра страна се смета онаа на којашто го носите патецот од косата.
  5. Не дозволувајте создавање на „двојна брадичка“. Еве што можете да направите:
    • Истегнете го вратот и малку наведнете ја брадата надолу. Истегнувањето на вратот ќе ви помогне да не изгледате згрчено како желка потскриена во својата „куќарка“, но не треба да претерувате со истегнувањето.
    • Ставете го врвот на јазикот на горната вилица, веднаш зад предните заби. Така областа под вилицата малку ќе се стегне.
  6. Навалете ја главата малку настрана ако ве фотографираат оддолу. Некои луѓе сакаат да експериментираат и да направат позабавни фотографии, па сликаат оддолу. Во таков случај, гледајте надолу и навалете ја главата налево или надесно за да избегнете да се види внатрешноста на вашите ноздри. Исто така, однесете ја главата малку понапред за да го избегнете создавањето на „двојна брада“.
  7. Погледот насочете го над објективот. Не гледајте директно во објективот, туку малку над него. Така ќе го избегнете ефектот „црвени очи“
  8. За „корпоративен“ изглед, фотоапаратот треба да биде малку пониско од вашите очи. Ако сакате да изгледате поавторитетно, побарајте од оној што ве фотографира да го држи фотоапаратот малку пониско од вашите очи. Искористете го овој трик за фотографијата на профилот на LinkedIn или пак за вашето CV.
  9. Преферирајте мат кожа, а блескави усни. Ако нешто треба да свети на вашето лице кога се фотографирате, тоа се вашите усни. Сјајната кожа не изгледа убаво на фотографии, па користете мат пудра. Пред да се сликате, посетете го WC-то и напудрете го лицето. Ако немате пудра, едноставно земете чиста салфетка и со неа притиснете ја кожата на лицето. Ставете малку сјај на усните за да добиете свеж изглед.
  10. Не ја потценувајте моќта на искрената насмевка, но смејте се и со очите. Фотоапаратот ќе „улови“ ако вашата насмевка е лажна и фотографијата нема да го има шармот што го посакувате. Фотографите советуваат секогаш кога позирате да си мислите на нешто позитивно, нешто што лесно успева да ве насмее. Ако сакате да имате заводничка насмевка, замислете си дека го гледате вашиот сакан или згодниот шанкер од минатонеделната забава. Но, ако се фотографирате со семејството, мислете си на некоја случка што секогаш ви е забавно да си ја спомнете – нешто што направило вашето милениче, виц и сл. Тајра Бенкс постојано ги советува учесничките во America’s Next Top Model да се смеат со очите, дури и има измислено термин за тоа – „smeyes“.

И се разбира, вежбајте. Не е глупаво да вежбате пред огледалото за да ја најдете вашата најдобра поза и најдобра насмевка.

А кога ќе се најдете пред фотоапарат, заборавете на комплексите, не мислете дали ќе трепнете или дали фотографијата ќе испадне добра, туку само релаксирајте се и искрено насмевнете се.

Дополнителен совет

Ако позирате за семејна фотографија којашто знаете дека долги години ќе виси на ѕидот, изберете облека која никогаш не излегува од мода. Ако облечете нешто што е модерно во моментов, но знаете дека е само сезонски тренд, по неколку години ќе сметате дека изгледате смешно.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11169 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.