Почетна » Убавина и мода » Тело » Бричење на нозете: 17 совети за мазни нежни нозе

Бричење на нозете: 17 совети за мазни нежни нозе

Иако денес постојат најразлични начини за отстранување на непосакуваните влакна, бричењето останува најраспространетиот, најбрзиот и најевтиниот метод за добивање на мазна кожа на нозете. Жените го претпочитаат бричењето основно затоа што е безболно.

Жена што се бричиБричењето е најраспространетиот, најбезболниот и најевтиниот начин за отстранување на влакната

Бричењето на нозете и не е нешто комплицирано, но следниве совети ќе ви помогнат да извлечете максимален ефект и да ги избегнете непријатните исеченици и иритации по кожата:

  1. Бричете се веднаш по или за време на туширањето. Топлата вода ги отвора фоликулите и ги омекнува влакната. Затоа, идеалното време за бричење е веднаш по туширањето или за време на туширањето, односно 5-10 минути откако сте влегле под туш. Бричењето треба да биде последното нешто што ќе го направите под туш. Во минатото, во берберниците често можеа да се видат мажи чие лице е завиткано со влажна топла крпа. Па, црпете инспирација, т.е. ако не планирате да се туширате, завиткајте околу нозете крпа натопена со топла вода.
  2. Започнете со ексфолијација. Ексфолирањето на кожата пред бричење е многу важно, затоа што така ќе го отстраните мртвиот слој на кожата и потоа ќе можете да ги избричите влакната колку што е можно поблиску до кожата. Ако не направите ексфолијација, мртвата кожа многу побрзо ќе го „полни“ вашиот брич и не само што нема прецизно да ги отстраните влакната, туку и брзо ќе ја уништите острината на жилетот. Освен тоа, со ексфолијацијата ќе извадите надвор и дел од поткожните влакненца.
  3. Секогаш користете пена или гел за бричење. Производите за бричење придонесуваат сечилото да се движи лесно и без пречки, го намалуваат ризикот од исеченици и иритација, а освен тоа и ја хидратираат кожата. Кажете му не на бричењето на суво ако не сакате црвенило. Многу експерти препорачуваат за подобри резултати и жените да користат четка за нанесување на пената за бричење. Откако ќе се премачкате со пена или гел, оставете влакната да омекнат неколку минути пред да започнете со бричење.
  4. Ако немате пена или гел за бричење, искористете регенератор за коса. Регенераторот за коса е одлична замена за пената за бричење. Нанесете врз нозете и оставете го барем 5 минути за да ги омекне влакната.
  5. Пред да го ставите бричот на ногата, осигурете се дека кожата не ви наежена. Наежената кожа е најчестата причина за појава на црвенило и мали „рецки“. Кога кожата е наежена, фоликулите на влакната се издигнуваат нагоре, па вие со жилетот поминувате премногу блиску и отсекувате мали делчиња од кожата. За да го избегнете тоа, туширајте се со топла вода. А ако забележите дека кожата ви се наежила, почекајте додека не ви одмине.
  6. Бричете се во спротивна насока од насоката на растење на влакната. За да добиете супер мазна кожа, движете го бричот од глуждовите нагоре кон колената. Сепак, ако имате чувствителна кожа, препорачливо е да се придржувате кон правилото кое вели да се бричите во истата насока во која растат влакната.
  7. Движете го бричот лесно, без да притискате. Ако има потреба да притискате врз кожата, тоа значи дека жилетот не е доволно остар.
  8. Не поминувајте двапати на едно исто место. Бричот треба да е доволно остар за со едно поминување да ги отстранува сите или скоро сите влакна. Ако некое влакненце успее да се спаси, подоцна средете го со пинцета, но не поминувајте повторно со бричот. Така ќе го избегнете црвенилото.
  9. Често мијте го бричот. Многу луѓе забораваат да го мијат бричот. Бричете се со долги потези кои ќе започнуваат од глуждовите, а ќе завршуваат кај колената. По секој потег мијте го бричот за да ги отстраните избричените влакна. Доколку не го миете бричот, влакната и мртвата кожа која се насобира на сечилото ем ќе ви попречи да се избричете целосно, ем може да ви ја воспали кожата.
  10. Бидете бавни и трпеливи. Да, ние жените секогаш брзаме, но ако планирате да се бричите, подобро е бидете бавни и да задоцните 2-3 минути, отколку да излезете со исеченици или црвени линии.
  11. Посебно внимание обрнете им на глуждовите и колената. Поради нивната форма, овие делови од нозете може најлесно да настрадаат од жилетот. Кога ја бричите кожата околу колената, задолжително свиткајте ги, бидејќи така кожата ќе биде позатегната.
  12. По бричењето, не користете сунѓер или луфа. Кожата многу добро се ексфолира со бричењето и не само што воопшто нема потреба потоа да ја триете со сунѓер, туку и ако го правите тоа, може непотребно да ја раздразните.
  13. Измијте се со топла, па со ладна вода. Топлата вода ќе го отстрани целосно производот за бричење што сте го искористиле. Потоа, намалете го притисокот на топлата вода и измијте се со поладна. Ладната вода делува освежително и ги затвора порите.
  14. Исушете ја кожата и намачкајте се со бебешко масло. Ако имате време на располагање, оставете ја кожата да се исуши сама. Во спротивно, искористете крпа, но не ја тријте кожата. Бебешкото масло е најбезбеден избор за нега на кожата по бричењето. Некои лосиони и млека за тело се парфимирани и може да ја надразнат кожата. Бебешкото масло ќе ја омекне кожата и ќе ви го даде нежниот кадифен изглед кој го посакувате.

Дополнителни совети:

  • Не се бричете наутро веднаш по будењето. Како што и сигурно имате забележано, наутро кожата е малку отечена, па нема да можете да ги избричите влакната блиску до коренот. Или бричете се навечер пред легнување, или почекајте барем половина час по будењето пред да започнете со бричење.
  • Редовно менувајте ги жилетите. Ако забележите дека бричот веќе не се лизга непречено по кожата и дека треба да притискате за да се избричите блиску до кожата, тогаш земете нов брич или сменете го жилетот. Недоволно остриот брич може да ја иритира кожата и да предизвика непријатно црвенило, а поради тоа што ќе притискате повеќе, може и да завршите со исеченици.
  • Ако влакненцата се долги, прво потстрижете ги со ножичка. Доколку се бричите за првпат или не сте ги отстраниле влакната на нозете подолго време, најпрво потстрижете ги со ножичка за полесно бричење.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9491 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.