Модни додатоци – пролет/лето 2010
Почетна » Убавина и мода » Мода » Модни додатоци – пролет/лето 2010

Модни додатоци – пролет/лето 2010

Чанти

Многу жени не можат да замислат да излезат од дома без чанта и тоа е сосема оправдано. Оваа сезона заборавете на големите чанти кои собираат сè што ќе посакате. За да бидете модерни, ќе мора малку да го намалите секојдневниот „багаж“. Имајќи во предвид дека кај шминката актуелен е природниот изглед, нема да ви биде тешко да го редуцирате бројот на козметички продукти кои постојано ги носите со себе.

Чанти
  • Мали чанти. Мали плик чанти, мали чанти со долго синџирче и мали чанти со долго ремче кои се носат преку телото. Бидејќи големината веќе не е во мода, важни ќе бидат деталите и боите. Деталите во форма на цвеќе, патентите или ресите ќе ѝ дадат индивидуалност на вашата чанта.
  • Чанти во светли бои и цветни дезени. Пролетната свежина можете да ја внесете во облеката преку чанта во силна светла боја или чанта со цветен дезен.
  • Чанти од перфорирана кожа. Во актуелните колекции на многу брендови, меѓу кои и на Prada, Jimmy Choo и Burberry, присуствуваа модели на чанти со перфорирана кожа. Многуте мали дупчиња им даваат модерен изглед на чантите, без разлика дали прават некаква дефинирана форма или пак едноставно се распрснати насекаде. Во зависност од изгледот кој сакате да го постигнете, можете да изберете и чанти со поголеми дупчиња. Ако не сте обожавателка на кожата, изберете чанта од синтетички материјали.
  • Реси. Огромен хит се чантите со реси. Без разлика на бојата, чанта со реси е „must have“ за оваа сезона.
  • Чанти со синџирче. Чантите со синџирче можат да бидат исто толку елегантни и гламурозни, колку и секојдневни. Долгото синџирче кое ќе ви овозможи да ја носите чантата преку телото присуствуваше скоро во секоја колекција пролет/лето 2010 на познатите дизајнери.

Накит

На секојдневниот изглед можете веднаш да му придадете гламур и елегантност преку накитот. Пролетните трендови, како што најверојатно и претпоставувате, се насочени кон цветни детали и многу боја за да го заробуваат погледот.

Накит
  • Многу големи белегзии. Популарен тренд кој ако го прифатите, веднаш ќе ви даде модерен изглед. Пролетта ни дава можност да излеземе од зимската депресија, а нема подобар начин да се постигне тоа од светлите бои. Носете многу белегзии во различни бои на една рака. Ако боите се премногу нападни, внимавајте да не носите толку шарена облека, за да не оставите лош впечаток.
  • Пластичен и сребрен накит. Веќе неколку години наназад златото се избегнува. Оваа сезона среброто е голем хит, како што видовме во актуелните колекции на големите дизајнери. Пластичниот накит е одличен за секој ден, за на плажа, но и за вечерен полежерен изглед.
  • Тиркизен накит. Тиркизната е бојата која доминира оваа година. За да ги следите модните трендови, изберете белегзии, обетки, модни додатоци за коса или брошови во тиркизна боја.
  • Долги ланчиња и ѓердани во неколку реда. Избирајте сребрени долги ланчиња, шарени ланчиња во неколку бои, ланчиња во форма на тенко синџирче... Сè што ќе падне в очи е дозволено и препорачливо.
  • Висечки обетки. Висечките обетки ќе му дадат женственост и гламур на вашиот изглед. Можете да ги носите со елегантна облека, но и со фармерки и високи потпетици.
  • Големи прстени. Оваа сезона модните додатоци треба да бидат истакнати и да доминираат во вашиот изглед. Голем прстен во форма на пеперутка е одличен моден додаток.
  • Обетки во форма на цвеќе. Мора да имате барем еден пар обетки во форма на цвеќе. Без разлика каква е бојата, тие ќе ви дадат класичен изглед, а одлични се и за секојдневни и за вечерни комбинации.

Очила за сонце

Освен што ги штитат вашите очи, очилата за сонце имаат голема улога во создавањето на модерен урбан изглед. Дури и да сте го избегнувале овој моден додаток, силното сонце ќе ве принуди да си обезбедите барем еден пар добри очила. При купувањето на очила прво земете ја во предвид формата на вашето лице, но не ги игнорирајте модните трендови за сезоната.

Очила
  • Светли шарени рамки. Зелената пролет и сонцето се знак дека треба да се внесе свежина и боја во стилот на облекување. Голем моден хит се очилата со рамки во светли бои во стилот на 80-тите. Рамките со цветни дезени исто така се неодоливи, па не се воздржувајте и експериментирајте. Најдоброто е тоа што за тренди изглед не мора да ја усогласувате бојата на рамките со бојата на облеката.
  • Проѕирни или розови рамки. Ако вашата цел е романтичен нежен изглед, изберете очила со розови или проѕирни рамки, како што тоа го направија многу познати дизајнери во своите колекции за оваа сезона.
  • Авијатичарски очила. Овој модел на очила продолжува да биде моден хит. „Авијаторките“ лесно можат да се вклопат во секој стил на облека и најдоброто е што ги има во различни бои за сечиј вкус. Нема воопшто да погрешите ако побарате бојата на стаклата да се прелива од посветло во долниот дел кон потемно во горниот.
  • Големи, големи очила. Колку поголеми очила, толку подобро. Овој тренд успеа во голема мера да се задржи и оваа година. Познатите дизајнери и славните личности го следат упорно и очигледно немаат намера да го напуштат. Сепак, освен големи очила, оваа сезона се препорачуваат и очилата со нормална големина. Внимавајте, големите очила не се за секого!
  • „Ленонки“ или „мачкини очи“. Доколку сакате да имате невообичаен изглед и да привлечете внимание кон себе и особено кон вашето лице, изберете очила тип „Џон Ленон“ со тркалезни рамки или пак очила тип „мачкини очи“.

Избирајте очила со посветли детали или во нестандардни форми. Ако барате ексцентричен изглед и сакате да сте во центарот на вниманието, изберете очила со рамка во форма на цвеќе или пак со футуристички изглед во стил на Лејди Гага.

Што друго е модерно?

Модни додатоци - колани и марами
  • Колан. Коланите веќе неколку сезони се користат за да се акцентира посакуваната женска фигура на песочен часовник. И оваа сезона нема да биде исклучок. Дебелината на коланот не е важна. Ако имате убава фигура, изберете си светли бои кои ќе се разликуваат од бојата на облеката, а кои ќе ги усогласите со бојата на чантата или накитот. Во спротивно, изберете потемни нијанси. Освен на фустан или туника, особено ќе бидете модерни ако го комбинирате коланот со долга кошула. Некој истакнат детаљ како цвеќе или интересна тока може да придонесе уште повеќе да го истакнете својот индивидуален стил.
  • Марама. Пролетта и летото не може да поминат без марамите. Тие беа незаменливи преку зимата, но сега материјалите стануваат потенки и поелегантни. Користете марама околу вратот, на главата или пак како замена за колан.
  • Хеланки и дезенирани хулахопки. Ако сакате да се чувствувате послободно кога седите, хеланките даваат многу удобност. Сè уште е тренд комбинирањето на хеланки со широка туника. Дезенираните хулахопки се одличен начин да потенцирате дека сте зависничка од модата.

Хм... и уште нешто. Како што веќе споменавме тука, носењето на кратки чорапи со сандалки е супер модерно, но тој тренд најверојатно ќе го прифатат само похрабрите. Па ако сте една од нив, кон модните додатоци додајте и еден пар интересни кратки чорапи.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 38%
  • 17%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 3435 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.