6 нешта кои вашиот тинејџер нема да ви ги каже
Почетна » Семејство » Дете » 6 нешта кои вашиот тинејџер нема да ви ги каже

6 нешта кои вашиот тинејџер нема да ви ги каже

„Мали деца – мали проблеми, големи деца – големи проблеми“. Кога луѓето ви го кажуваа ова додека трчавте по малечката ќерка или син, најверојатно со иронична насмевка на лицето си помислувавте дека не знаат што зборуваат. Но, откако вашето мало детенце стана тинејџер, сигурно ви стана кристално јасно што мислеле околните кога ви велеле дека големите деца носат големи проблеми.

Тинејџерските години не се тешки само за тинејџерите, туку и за нивните родители. Родителите се тие кои мораат да се соочуваат секојдневно со екстремните емоции, бунтовничкиот дух и однесувањето од типот „вие немате поим низ што поминувам, јас знам што е најдобро за мене“.

ТинејџеркаТинејџерите кријат многу работи од своите родители

Комуникацијата родител-тинејџер често се сведува само на кавги кои завршуваат со трескање на вратите. Но, колку и да изгледа комуникацијата со вашето дете како невозможна мисија, сепак може да се оствари.

Првото нешто што родителот треба да го направи е да се обиде да проникне во главата на својот тинејџер и да открие колку што може повеќе работи за детето, кои тоа никогаш нема да ги каже на глас. На крајот на краиштата, и вие некогаш сте биле тинејџер, па имате добра основа од каде да тргнете.

Еве кои работи најверојатно се случуваат во животот на вашиот тинејџер, но тој никогаш нема да ви ги каже:

  • „Не сум толку примерен ученик“
    Ретки се децата кои од своите родители не сокриле барем една оценка или барем еден инцидент во текот на училишните денови. Затоа, реално е да сметате дека вашиот тинејџер не е совршениот ученик. Ако во прашање се неколку пониски оценки, тогаш немате никакви проблеми. Но, од време на време заинтересирајте се малку повеќе за неговиот успех, за да не се случи да останете шокирани кога ќе дознаете дека всушност не се работи само за неколку лоши оценки.
  • „Сакам поголема приватност“
    Тинејџерите сакаат да поминуваат голем дел од своето време сами, барем кога се дома. Кога тој ќе се затвори во својата соба, не му влегувајте без да тропнете, не му досадувајте со зборовите „цел ден си внатре, излези малку да те видиме“. Оставете го да ужива во својата приватност. Никогаш не ги допирајте неговите лични работи, оние кои ги чува во своето биро или во својот плакар. Освен ако не се сомневате дека може да крие нешто многу сериозно, никогаш не треба да пребарувате низ неговите фиоки или неговиот ранец, затоа што ако дознае дека го правите тоа, сигурно ќе започне војна.
  • „Љубопитен сум за некои работи поврзани со спротивниот пол и сакам да знам нешто повеќе за сексот, но тешко ми е да разговарам за мојот љубовен живот со тебе“
    Кога хормоните на вашиот тинејџер ќе започнат да вријат, тој сигурно ќе се интересира сè повеќе за сексот. Во таквите моменти, започнете да иницирате разговори за да го едуцирате, но не го принудувајте да ви открива информации за неговиот љубовен живот. Информирајте го за сексуално преносливите болести и за заштитата, но не очекувајте да ви каже дали планира да ја изгуби својата невиност. Можете и да користите туѓи искуства за да го советувате. На пример, „кога мојата другарка од детството одеше со Х, ѝ се случи...“.
  • „Понекогаш лажам само и само да не ги слушам твоите лекции“
    „Чии се цигарите во твојата чанта?“, „Пиеше ли вечерва?“, „Кога се врати вчера?“. Голема е веројатноста дека на сите овие прашања ќе добиете лажен одговор. Зошто? Затоа што вашиот тинејџер не сака уште еднаш да слуша колку се штетни цигарите, колку е лошо да пие на таа возраст или колку нема почит кон вашите правила за вечерното излегување.
  • „Мразам кога моите години ги употребуваш во своја корист“
    Многу родители ги користат годините на детето во своја корист. Еден ден употребуваат реченици како „веќе имаш 16 години, престани да се однесуваш како дете, сега си возрасен“, а наредниот ден „имаш само 16 години, не си доволно зрел да го правиш тоа“. Таквите изјави создаваат фрустрации кај вашиот тинејџер.
  • „Покрај строгите зборови, сакам да слушнам и пофалби кога ќе направам нешто правилно
    Тинејџерите имаат ниска самодоверба и најмногу од сите имаат потреба да слушнат комплимент или пофалба. Затоа, не бидете само строг родител кој секогаш има подготвено нова лекција. Бидете родител кој знае да го пофали своето дете, а не само да го критикува. Тинејџерите можат да ги прифатат вашите критики и строги зборови, но само доколку освен нив знаете да делите и пофалби и прегратки.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 2419 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?