Помогнете му на вашето дете полесно да го преброди разводот
Почетна » Семејство » Дете » Помогнете му на вашето дете полесно да го преброди разводот

Помогнете му на вашето дете полесно да го преброди разводот

Разводот е емотивен и трагичен завршеток на љубовна врска крунисана со брак, кој влијае на целото семејство, особено на најмладите членови. Крајот на бракот носи промени кои децата не ги разбираат целосно. Многу често разводот значи дека детето нема да минува толку време со едниот родител како дотогаш, преселување на детето во нов дом или ново училиште, па дури и соочување со финансиски проблеми поради скратувањето на семејниот буџет. Сите овие промени се трауматични за децата и може да имаат негативен ефект врз нивниот развој.

Развод

Доколку сте родител и се соочувате со развод, треба да знаете дека вашето дете има потреба од родителска грижа повеќе од кога било. Доколку се чувствува сигурно и сакано, ќе се справи полесно со разделбата, независно од неговата возраст. Колку и да сте потиштени од разводот, важно е да не заборавате дека и вашето дете минува низ тежок период и дека има голема потреба од вашето внимание и поддршка.

Како да му ја соопштите лошата вест?

Соопштувањето на веста за разводот предизвикува нервоза и страв кај повеќето родители и тие тешко се справуваат со тој предизвик. Што ќе му кажете на вашето најмило зависи од неговата возраст и карактерот. Помалите деца не бараат многу информации, додека кај поголемите е неизбежно откривањето на повеќе детали. Нема лесен начин за соопштување на веста, но следниве совети ќе ви помогнат да се справите со стресната задача:

  • Започнете го разговорот заедно со поранешниот партнер. Оставете ги негативните чувства настрана и заедно со сопругот седнете да разговарате со вашето дете. Ова е многу тешка задача, особено кога причината за разделбата е неверство, но е од клучно значење за детето. Ако е неопходно, претходно извежбајте го својот говор за полесно да ги контролирате емоциите како вина, гнев и прекорување.
  • Бидете искрени, но не премногу. Кажете му на вашето дете дека понекогаш чувствата на возрасните се менуваат и дека поради тоа тие треба да живеат разделени. Важно е да му потенцирате дека со разводот НЕ се менуваат чувствата меѓу родителите и децата. Во никој случај не покажувајте омраза или презир кон вашиот партнер.
  • Објаснете му дека тоа не е виновно за разводот. Децата на разведени родители често се обвинуваат себеси за разделбата. Затоа, многу е важно да му објасните на детето дека разводот на никаков начин не е поврзан со него или некоја негова постапка.
  • Очекувајте микс од реакции. Можеби вашето дете во почетокот ќе биде позагрижено за новото училиште или новиот дом, а вистинскиот ефект од разводот да се појави подоцна. Помогнете му да ги искаже своите чувства со зборови, велејќи му „Мене можеш да ми кажеш сè“.

Што не треба да правите пред вашето дете?

Запомнете дека разводот е процес, а не само еден настан, па вие континуирано треба одблиску да го следите однесувањето на вашето дете за да можете да му симнете дел од емотивниот товар.

Неизбежно и вие ќе се чувствувате повредени од разделбата и во вас ќе се создаде бура од емоции, како лутина, срам, осаменост, гнев, страв... Но, таа бура мора да ја потиснете во себе и да не дозволите да го обземе и вашето дете. Еве што не треба да правите кога минувате низ развод:

  • Не му се доверувајте на вашето дете за проблемите и несогласувањата што ги имате со партнерот. Доколку имате потреба за разговор или совет, обратете се кај некој од вашите најдобри пријатели или најдете добар психолог.
  • Не ја избегнувајте комуникацијата со поранешниот партнер. За време и по разводот веројатно последното нешто кое би сакале да го правите е да комуницирате со вашиот партнер. Но, таа комуникација е неопходна за правилен развој на детето.
  • Но, избегнувајте ги кавгите со него пред вашето дете. Експертите тврдат дека бројот на конфликти на кои децата се сведоци за време и по разводот е клучен фактор во нивното прилагодување. Колку помалку кавги гледа тоа, толку полесно ќе го преживее периодот на вашата разделба.
  • Не зборувајте лошо за партнерот пред вашето дете. Запомнете дека вашиот поранешен сопруг е сè уште татко на вашето дете, па навредите упатени кон него можат да ги повредат и чувствата на вашето дете. Доколку имате некој проблем, решавајте го насамо со сопругот. Не дозволувајте детето да биде сведок на конфликтите и фрустрациите.
  • Не го користете детето како шпион или курир. Ако имате нешто да му кажете на вашиот поранешен сопруг или ве интересира што се случува во неговиот живот, директно обратете му се нему. Детето не треба да биде курир кој ќе ви ги пренесува пораките, а уште помалку шпион кој ќе ве известува што се случува во домот на другиот. По престојот на вашето дете во домот на поранешниот партнер, добро е да му поставувате општи прашања (На пример: „Како си помина?“, „Дали се забавуваше?“ и сл.), но во никој случај не треба да се однесувате како полициски инспектор.
  • Не го присилувајте детето да избере страна. За правилен развој на детето потребни се двајца родители и затоа не треба да инсистирате да се определи за еден од вас. Исто така, многу е важно присуството на двајцата родители на настани значајни за детето, како родендени или училишни претстави и активности.
  • Не ги менувајте правилата. Задржете колку-толку добри односи со бившиот и поставувајте ги правилата заедно, како што сте го правеле тоа и досега. Договорете се кои ТВ програми се дозволени, кога треба да се оди на спиење, како се казнува лошото однесување итн. Не ги менувајте веќе воспоставените правила. Поради разводот некои родители „замижуваат“ пред грешките на децата, но тоа може да доведе до уште поголема несигурност. Многу е важно да поставите одредени правила и граници, но не помалку важно е тие правила да се исти во домовите на двајцата родители.
  • Не го запознавајте детето со нови партнери, освен ако не сте сигурни во сериозноста на вашата или новата врска на поранешниот партнер. Децата кои се сведоци на честа промена на партнери од страна на нивните родители имаат тешкотии во создавањето на долготрајни романтични врски кога ќе пораснат. Затоа, почекајте пред да го запознаете со вашиот нов партнер или со новата партнерка на вашиот поранешен сопруг.

Доколку забележите дека вашето дете тешко се справува со разводот, побарајте професионална помош. Кај помалите деца може да се јават знаци како мокрење во креветот, додека кај постарите може да се појави промена во однесувањето, како агресивност, бес, повлеченост, депресија или проблеми на училиште. Психологот ќе му даде можност на детето да ги изрази своите емоции и ќе му помогне да ја прифати актуелната ситуација.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.