Почетна » Семејство » Дете » 5 нешта кои не треба да му ги кажувате на вашето дете

5 нешта кои не треба да му ги кажувате на вашето дете

Поради невнимание или фрустрација, сите понекогаш кажуваме нешта за кои подоцна жалиме и посакуваме никогаш да не излегле од нашата уста. Зборовите се исти како камења. Ако еднаш ги фрлите, не можете да ги вратите назад, а тие можат да повредат некого.

Мајка и ќеркаРаботите кои му ги кажувате на вашето дете имаат големо влијание врз неговото оформување како личност

Скоро секој родител доживеал таков момент – да каже нешто за кое подоцна ќе жали, знаејќи дека тоа го повредило, налутило или збунило неговото дете. Воспитувањето не треба да вклучува зборови кои можат да болат. Еве неколку работи кои не треба да му ги кажувате на вашето дете:

„Огледај се малку на сестра ти/брат ти/другарка ти!“

Од родителите кои имаат две или повеќе деца често можете да слушнете „Види ја сестра ти колку е паметна и мирна, огледај се малку на неа“, „Погледни како сестра ти убаво си ги врзува патиките“, „Сестра ти од 3 години престана да користи цуцла“... Ако го споредувате вашето дете со неговото братче или сестриче, тогаш го поттикнувате ривалството меѓу нив, отворате простор за повеќе расправии и појава на љубомора. Дури ако во вашата глава поминуваат такви мисли, не дозволувајте истите да бидат кажани на глас.

Секое дете е различно, има свој карактер, свој темперамент и се развива со различно темпо. Ако го споредувате со некое друго дете, тоа му потскажува дека посакувате да било поинакво, па не само што може да го збуните, туку со тоа влијаете негативно на неговата самодоверба.

„Аман, остави ме малку на мира!“

Многу е лесно вашето дете да ве изнервира и да му се развикате „Не досадувај!“, „Дај ми 5 минути да одморам од тебе!“ или „Остави ме на раат!“. На пример, вие зборувате на телефон или се обидувате да ги пресметате куќните трошоци, а вашето дете по десетти пат доаѓа да ви раскаже што му се случило со играчката. Од време на време секој родител има потреба од малку простор. Но, повторувањето на ваквите остри реченици не му испраќа позитивна порака на вашето дете и му остава впечаток дека не сакате да зборувате со него и да ги ислушате неговите проблеми.

Каснете си го јазикот и обидете се да му одговорите посмирено. На пример: „Мама има работа сега, ќе зборуваме по 10 минути“.

„Затоа што јас така велам!“

На прашањето „Зошто?“, родителите често избираат да одговорат „Затоа што јас така велам“, наместо да им даваат долги објаснувања на своите деца. На пример, детето прашува зошто не може да јаде чоколадо пред ручекот, а вие наместо да му објасните дека тоа ќе му го намали апетитот, дека кога е гладно ќе изеде повеќе чоколадо отколку што треба и сл., му одговарате: „Затоа што јас така реков“.

Зборовите „Затоа што јас така велам“ нему му испраќаат порака „Јас сум голем, ти си мал... Јас имам моќ, ти немаш... Јас кажувам, а ти треба само да ме слушаш“. Целта е вашето дете да има почит кон вас и кон она што го кажувате, а не да ве гледа како некој диктатор. Објаснете му на детето зошто му забранувате да прави некои работи и зошто го принудувате да прави други.

„Што знаеш ти? Ти си дете.“

Кај секое дете доаѓа фаза во која тоа си мисли дека знае сè. Кога ќе научат нешто ново, децата веднаш сакаат да им го раскажат тоа на сите други кои не го слушнале. Понекогаш и си измислуваат работи, лажат и кажуваат погрешни информации. Но, ако вие му повторувате „Ти си дете, уште ништо не разбираш“, во неговата глава започнуваат да се вртат мисли како: „Можеби навистина не знам ништо и сум глупав“. Децата грешат, а ваша задача е да ги учите и образувате.

„Чекај татко ти да дознае за ова, па ќе видиш!“

Кога децата ќе погрешат нешто, потребно е да се справите со ситуацијата веднаш за да може детето да сфати дека неговото дејство ги предизвикало непосакуваните последици. На пример: кога ќе го удри братчето, веднаш треба да го искарате, а не да чекате вашиот партнер да се врати од работа. Додека таткото се врати, голема е веројатноста детето да заборави што направило, па да не го поврзе викањето и карањето со самиот акт на удирање на братчето. Освен тоа, заканите од типот „Чекај само да се врати татко ти“ раѓаат страв и вознемиреност кај детето.

И последно, ваквиот тип на дисциплина го намалува вашиот авторитет и му испраќа порака на детето дека вас треба помалку да ве слуша, а својот татко многу повеќе.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9504 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.