Одвикнување од пелени и подготовка на детето за нокшир
Почетна » Семејство » Дете » Одвикнување од пелени и подготовка на детето за нокшир

Одвикнување од пелени и подготовка на детето за нокшир

Малечките растат брзо и доаѓа време кога пелените треба да се исфрлат од употреба, a дечињата да научат како самостојно да користат нокшир.

Најголемото прашање кое ги мачи родителите е „Кога да започнам со одвикнување од пелените?“. Иако не може да се даде дефинитивен одговор зашто секое дете се развива различно и во различни услови, повеќето деца покажуваат знаци на подготвеност за користење на нокшир на возраст од 18 до 24 месеци.

Девојче на нокшир

Преминувањето од пелени кон нокшир е процес кој најчесто се одвива подолг временски период и знае да биде макотрпен, често обесхрабрувачки, но клучот е во трпението и смиреноста. Еве неколку корисни совети за вашето дете полесно да се прилагоди на големата промена:

  1. Обрнете внимание дали детето е физички и емотивно подготвено. Збогувањето со пелените треба да го направите во партнерство со вашето дете. Најважно е да започнете со „тренирање“ кога ќе увидите дека вашето малечко е подготвено. Некои од знаците кои ќе ви укажат дека детето е подготвено за нокшир се:
    • Ви покажува кога мора да изврши нужда со зборови, звуци, гримаси на лицето или со држењето на телото (чучнување, поставување на раката во гениталната регија);
    • Не поднесува пелените да му се мокри или валкани;
    • Покажува интерес за нокширот и тоалетната школка;
    • Може да следи основни инструкции;
    • Сака да започне да носи гаќички;
    • Пелените му остануваат суви околу два часа во текот на денот;
    • Може само да ги турне панталоните и да седнува и станува само од нокширот.
  2. Запознајте го со нокширот и неговата намена. Доколку имате можност, одберете нокшир кој ќе му се допадне на вашето дете, на пример со неговиот омилен лик од цртаните филмови. Охрабрете го детето да седи на нокширот, со или без пелени. Некои родители тврдат дека ефективна тактика е понекогаш да се ставаат валканите пелни во нокширот, за детето подобро да ја сфати неговата намена.
  3. Практикувајте рутинско седење на нокшир. Побарајте од вашето дете да седнува на нокширот во одредени периоди од денот – веднаш по будењето наутро, пред излегување од дома, по оброк, пред капење, пред спиење. Така ќе му создадете навика. Добра идеја е да му дадете играчка за да се занимава додека седи на нокширот за побрзо да му помине времето.
  4. Секогаш кога ќе забележите дека детето има потреба да оди во тоалет, земете го и притрчајте до нокширот. На тој начин детето ќе започне да ги препознава знаците кои треба да му укажат дека треба да прекине со сите други активности и да замине во тоалетот.
  5. Избирајте облека која е лесна за соблекување. Не му отежнувајте на вашето дете, облекувајќи го во алишта со патенти, петлици или колани. Додека се учи да користи нокшир, избирајте панталони со ластик за да му биде едноставно соблекувањето.
  6. Пофалете го за секое успешно користење на нокширот, но никогаш не го казнувајте за грешките. Со ентузијазам и одушевување пофалете го вашето малечко секогаш кога ќе изврши нужда во нокширот. Можете да му речете „Браво, сега си големо момче/девојче“. Од друга страна, никогаш не треба да го казнувате за „грешките“. Останете смирени и не избувнувајте пред вашето дете, затоа што може да го уплашите и збуните. Во таква ситуација речете му „Добро, сега заборави. Следниот пат ќе седнеш на нокширот навреме“.
  7. Не заборавајте на хигиената. Штом вашето дете започне да користи нокшир, време е да го подучите и како да се брише правилно со тоалетна хартија, но најважно е да му создадете навика за миење на рацете.
  8. На почетокот сè уште ќе ви требаат пелени во текот на ноќта. Многу е полесно да го научите детето да останува суво и чисто во текот на денот, отколку за време на спиењето. Па, на почетокот препорачливо е да користите пелени во текот на ноќта. Поставете го нокширот блиску до креветчето на вашето дете и советувајте го да станува кога ќе има потреба да изврши нужда. Кажете му дека може да ве повика вас за да му ги соблечете пелените и да му помогнете во процесот.
  9. Имајте реални очекувања. Некои деца преминуваат од пелени кон нокшир за неколку недели, на други им се потребни и по 7-8 месеци. Не очекувајте брз напредок и бидете подготвени за „инциденти“. Останете позитивни и трпеливо минувајте низ процесот, секогаш напоменувајќи му на детето колку сте горди на неговите мали, но значајни постигнувања.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.