Како да го намалите стравот од доктори кај вашето дете?
Почетна » Семејство » Дете » Како да го намалите стравот од доктори кај вашето дете?

Како да го намалите стравот од доктори кај вашето дете?

Не е изненадувачки фактот што децата се плашат од доктори, кога и многу возрасни лица чувствуваат голема вознемиреност во текот на лекарските прегледи. За повеќето деца одењето на доктор е страшно искуство, но за некои е вистински кошмар.

Стравот од разделба со родителот, стравот од болка, стравот од непознатото и стравот од самиот доктор како ново лице ги паничат децата за време на редовните прегледи или вакцинации. Исплашените деца не соработуваат со докторите, па освен што прегледите се непријатно доживување за нив, тие се стресни и за самите родители.

Девојче на доктор

Доколку вашето дете се плаши од доктори, можете да ги избегнете или намалите стравот и плачењето со помош на следниве совети:

  • Подгответе го однапред, но дајте му точни информации за она што доаѓа. Една од основните причини за појавата на страв е тоа што децата не знаат што да очекуваат. Кога вашето малечко е подготвено за она што претстои, поверојатно е да соработува. Информирајте го предвреме за прегледот и искрено одговорете на неговите прашања. На пример, ако ве праша дали докторот ќе му стави инјекција, кажете ја вистината.
  • Не го лажете и не давајте ветувања кои не можете да ги одржите. Доколку вашето малечко треба да прими вакцина, не му велете „Нема да боли, ти ветувам“, затоа што кога ќе ја почувствува болката од иглата тоа ќе се чувствува предадено, а вие ќе го изгубите својот кредибилитет кај него. Бидете искрени и кажете му дека ќе боли малку и само една секунда.
  • Купете пластичен докторски прибор и играјте „доктор-пациент“. Преправајте се дека го слушате срцето и дишењето на вашето дете со стетоскоп, дека го проверувате неговото грло, очите и забите. На тој начин детето ќе учи што се случува во докторскиот кабинет. Дозволете му да ги користи пластичните медицински инструменти за да им врши преглед на своите омилени играчки и другите членови од семејството. Поседувањето пластичен докторски прибор ќе го запознае вашето дете со стетоскопот, термометарот, шприцот итн., а играта доктор-пациент ќе го увери дека лекарските прегледи не се толку страшни.
  • Никогаш не користете „лош доктор“ за да го заплашите вашето дете. „Биди мирен оти ќе го викнам докторот“, „Ако не престанеш да плачеш, ќе те однесам кај докторот да ти стави инјекција“... Ви звучи познато? За да ги смират своите деца, мајките често користат „чудовишта“ (чичкото полицаец или лошиот доктор со инјекцијата), не сфаќајќи дека тоа води до појава на фобија кај малите деца. Докторот не треба да биде средство за заплашување ако сакате следниот преглед да го претворите во пријатно доживување.
  • Создајте позитивна слика за медицинското лице. Очекувањата кои ги создавате кај детето, во голема мера го определуваат резултатот. Свртете ги очекувањата на вашето најмило во позитивна насока, зборувајќи за одењето на доктор со истата возбуда со која зборувате за одењето на одмор или во зоолошка градина. Претставете го докторот како пријател кој сака да му помогне, а не да го повреди, како лице кое отстранува болка и кое лекува луѓе.
  • Купете сликовница или гледајте цртан филм во кој главниот лик оди на доктор. Тоа ќе му укаже на детето дека дури и неговите херои одат на доктор и дека го чувствуваат она што тоа го чувствува.
  • Останувајте до него на прегледите, но не покажувајте нервоза. Многу често малите деца се плашат не од самиот доктор, туку од евентуалната разделба со родителите. Кога имате можност, држете го вашето дете во скутот. Поверојатно е тоа да верува дека нема да се случи ништо лошо ако мама и тато се тука за да го заштитат. Но, внимавајте на своето однесување. Децата имаат неверојатна способност да ги „намирисаат“ емоциите на родителите. Ако вие сте вознемирени, тоа ќе се одрази и на него.
  • Дозволете му да ја земе со него омилената играчка. Дајте му на докторот прво да ја прегледа играчката. На тој начин вашето малечко ќе се увери дека ништо лошо не се случува за време на прегледот.
  • Пофалете го за неговата храброст. Позитивните зборови придонесуваат детето да се чувствува гордо со своето ново „постигнување“. Кажете му дека се гордеете со него и дека е вистински херој.
  • Понудете стимул. Како ќе се однесувате по завршувањето на прегледот на одреден начин определува каква ќе биде наредната посета на лекар. Кога ќе заврши прегледот, опсипете го детето со љубов, бакнежи и прегратки и однесете го на пријатно место – зоолошка градина, парк, кино. Доколку после секој преглед, правите нешто забавно, детето ќе го асоцира одењето на доктор со забава.

Никогаш не го игнорирајте стравот на детето и не го нарекувајте смешен или бесмислен. Трпеливо снабдувајте го детето со информации за работите кои го плашат и со тек на време стравот ќе се намалува.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.