Децата и пријателството: помогнете му на вашето дете да стекне пријатели
Почетна » Семејство » Дете » Децата и пријателството: помогнете му на вашето дете да стекне пријатели

Децата и пријателството: помогнете му на вашето дете да стекне пријатели

Пријателството е важен и незаменлив дел од животот на секое дете. Друштвените вештини кои тоа ги учи од најрана возраст, особено способноста да стекнува пријатели, се витални за неговиот иден развој.

Исто како и возрасните, и децата имаат различен однос кон дружењето и ширењето пријателства – некои се екстравертни, лесно пронаоѓаат нови пријатели и без проблеми комуницираат со сите нив, додека други се интровертни, срамежливи, тешко ги прават првите чекори во зоната на пријателството и често нивната мисија за ново пријателство завршува со повредени чувства.

Ако вашето дете се прибира дома со солзи во очите, изговарајќи емотивни зборови што ниту еден родител не сака да ги чуе, како „Мене никој не ме сака“, тогаш време е за ваша родителска интервенција.

Детско пријателствоВие како родител треба да ги охрабрувате искрените детски пријателства

Како да му помогнете на вашето дете да шири пријателства?

Колку и да сакате, не можете вие да ги создавате новите пријателства наместо вашето дете, но затоа пак, можете да креирате можности и нежно да го подучувате вашето најмило како да привлекува нови другарчиња.

  1. Отворете го вашиот дом за неговите гости. Не ги затворајте вратите на вашиот дом за неговите пријатели и детските игри. Напротив, пронајдете друштвена игра како „Монопол“ и „Не лути се човече“, а потоа поттикнете го вашето дете да ги покани своите другарчиња на заедничка игра. На тој начин ем ќе имате можност да го запознаете неговото друштво, ем ќе го зацврстите пријателството меѓу нив. Запомнете децата до 6-7 годишна возраст тешко можат сами да се организираат, па потребно е да го направите тоа наместо нив.
  2. Не ги игнорирајте поканите за родендени и редовно правете му роденденски забави. Неправедно е кон вашето дете ако поради зафатеност решите да го прескокнете роденденот на неговото другарче. Ако вие имате премногу обврски, договорете се сопругот да го однесе вашето дете на договореното место за забава. Таквите забавни средби се од суштинско значење за развивањето на пријателствата во предучилишна и училишна возраст. Од друга страна, со организирањето на роденденска забава за него вие всушност создавате можност за детето да го прошири својот круг на пријатели.
  3. Вклучете го во групни активности каде може да стекне пријатели. Секоја активност која го поттикнува друштвениот дух како играње кошарка, фудбал, посетување на часови по странски јазици или танцување е добредојдена, затоа што создава заеднички интереси, теми на разговор и го проширува детскиот круг на пријатели.
  4. Искористете ги детските трендови. Ако тренд меѓу неговите врсници е собирањето на сликички од фудбалери, одредена компјутерска игра или гледање на популарна детска серија, овозможете му го истото и на вашето дете. На тој начин ќе создадете заеднички интерес меѓу него и неговите врсници.
  5. Играјте со вашето дете, исто како да сте негов врсник. Кога ќе се вклучите во неговата омилена игра, ќе можете одблиску да видите како се однесува тоа, каде прави грешки во контактите и на тој начин ќе можете полесно да го подучите.
  6. Но, не се вклучувајте кога игра со другарчињата. Стојте подалеку кога тоа си игра со другарчињата и набљудувајте отстрана. Ако му се мешате во играта, може кај него да поттикнете срам и недостаток на самодоверба.
  7. Никогаш не го принудувајте да се вклучува во групни активности ако не сака. Не смеете да го терате со сила да се вклучува во групни активности како играње фудбал, затоа што може дополнително да го вознемирите и да му создадете стрес.
  8. Не ги оценувајте друштвените способности на детето само според бројот на пријатели. Некои деца сакаат да имаат стотици пријатели, но на некои им се доволни само 2-3. Погрешно е да мислите дека вашето дете е недружељубиво само затоа што е задоволно со две другарчиња. Не го форсирајте да го зголемува своето друштво. Понекогаш помалку е повеќе.
  9. Станете комуникациски тренер и смирено објаснете му ги основните друштвени правила. Во искрените детски кругови нема место за деца кои не знаат да си играат, постојано се караат, ги удираат другите, наредуваат или навредуваат, плачат кога не е нешто како што тие сакаат, кодошат и сл. Многу е важно да го научите вашето дете на основните друштвени правила како несебичност, позитивен однос, добри манири, фер игра, чување на туѓи тајни итн.
  10. Бидете пример за добар пријател. Обидете се да бидете љубезни, трпеливи и пријателски расположени кон луѓето околу вас, слушајте ги и покажувајте интерес кон она што ви го кажуваат. Никогаш не ги озборувајте пријателките пред вашето најмило. Децата најмногу учат од своите родители, па за да го научите детето на добри друштвени вештини и самите треба да ги поседувате истите.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.