10 нешта кои ќе ви се случуваат во текот на бременоста
Почетна » Семејство » Бременост » 10 нешта кои ќе ви се случуваат во текот на бременоста

10 нешта кои ќе ви се случуваат во текот на бременоста

Зачудувачки е како две цртички имаат моќ да ви го променат животот. Позитивниот тест за бременост веднаш ве фрла во ново поглавје од животот, исполнето со секојдневни изненадувања. Покрај физичките промени предизвикани од симптомите на бременоста, во животот на идните мајки настапуваат и ред други промени.

Бремена жена

Еве што можете да очекувате додека сте во блажена состојба:

  1. Ќе бидете опсесивно љубопитни за развојот на вашето бебе. Постојано ќе трагате по информации за големината, тежината и развојот на фетусот. По секој преглед ќе брзате да проверите дали она што ви го кажал гинекологот е нормално, а срцето ќе ви се стега при секое слушање на непознати медицински термини, бидејќи екстремно ќе се плашите за здравјето на нероденото бебенце.
  2. На почетокот мрдањето на бебето ќе ви испраќа незаборавни пријатни сензации, но подоцна ќе ви предизвикува болка. Насмевката ќе ви стане поширока отсекогаш кога за првпат ќе го почувствувате мрдањето на бебето во стомакот. Нежните клоцања се бесценети. Но кога бременоста ќе напредне, бебешкото клоцање понекогаш ќе боли. Не се изненадувајте ако започнете „расправија“ со вашето бебе за да го убедите да ја промени положбата и да не ве клоца по ребрата или мочниот меур.
  3. Либидото ќе ви се менува. Градите ќе ви се зголемат, косата ќе ви блесне, кожата ќе ви придобие здрав сјај, а вашата сексуална самодоверба ќе се искачи на ново ниво. Во вториот триместар од бременоста ќе се чувствувате како божица во спалната, но сè додека не помислите на вашето малечко. Тогаш ќе се роди стравот и прашањата како „Што ако го повредиме?“, па веројатно барем неколку пати ќе следат одложувања на сексуалниот чин. Промените кај желбата за секс зависат од триместарот во кој се наоѓате. Најверојатно во првиот и третиот триместар нема ни да помислувате на акција во спалната.
  4. Независно колку пати сте повториле „Нема да бидам од оние мајки кои без престан зборуваат за бебиња“, ќе зборувате. Бременоста ќе ви носи неизмерна среќа, а промените кои ќе настапуваат неизбежно ќе се вгнездуваат во вашите разговори. Колку и да се контролирате, нема да можете да не споделите како напредува бебето, какви чувства ви раѓа бременоста, што последно сте купиле за бебето... Убавото е што луѓето ќе ве разбираат, па нема потреба споделувањето да ви го активира чувството на вина.
  5. Ќе се чувствувате како мајка уште пред да го донесете бебето на свет. Бременоста е подготовка за мајчинството. Знаете дека здравјето на вашето бебе сега е во ваши раце. Еден нов живот е целосно препуштен на вас, а вие ќе давате сѐ од себе за најдобро да се справите. Инстинктивно ќе ја ставате раката на вашиот стомак кога ќе почувствувате опасност во обид да го заштитите малото суштество во вашиот стомак, ќе внимавате на здравјето затоа што сега тоа не е само ваше здравје, ќе го избирате најсветлиот пат до дома, затоа што знаете дека тој е најбезбеден, не за вас, туку за вашето најмило. Ќе ги разбирате сите мајки околу вас и неизбежно ќе помислувате „Сега и јас сум една од вас“. Ќе научите да се справувате со испрекинатиот сон и да ставате нечии потреби пред вашите. Секое мрдање на бебенцето ќе ве поврзува сѐ повеќе со него, а вие ќе знаете дека станувате мајка.
  6. Но, нема да го забележите истото кај сопругот. Тој ќе ги почувствува вашите емоции и кај него ќе се разбудат родителските инстинкти дури откако физички ќе го допре бебето за првпат.
  7. Нема да можете да си објасните зошто кај сите се раѓа желба да споделат хорор приказна за бременоста или породувањето. За само неколку недели веројатно ќе ги слушнете најлошите искуства на мајките од вашиот град. Приказните за 20-часовни породувања и болни распукувања во интимната регија ќе ве накострешуваат, но за жал тешко ќе можете да ги избегнете, бидејќи трудничкото стомаче на некој начин ќе ги кани луѓето да споделуваат искуства.
  8. Солзите често ќе ви ги полнат очите. Ќе плачете за секоја тажна приказна што ќе ја слушнете, за секое бебе кое се изборило за да стигне на овој свет, за секоја храбра мајка која дала сѐ од себе за да го спаси своето чедо... Ќе плачете на секоја лоша вест на телевизија затоа што ќе се потсетувате колку светот е опасно место за живеење, а вие мора да го родите вашето малечко во него. Зборовите на саканиот лесно ќе допираат до вас, дури и ако не биле кажани со лоша намера. Не заборавајте дека понекогаш тој е во право кога се жали дека сте премногу чувствителни без причина.
  9. Луѓето одеднаш ќе станат пољубезни. Непознати лица ќе започнат да ви приоѓаат со љубезен тон, а некои од колегите со кои никогаш не сте размениле ниту збор одеднаш ќе се заинтересираат за вас и за бебето. Ќе имате предност во продавниците, а луѓето ќе ги изразуваат своите желби за полесно породување. Сето тоа ќе прави да се чувствувате сакани.
  10. Ќе бидете построги со партнерот, но истовремено и поблиски отсекогаш. Нема да ги толерирате неговите лоши навики како порано. Секогаш кога ќе видите каков хаос остава зад себе, вашата коса ќе се крева нагоре и ќе помислувате „Како оваа личност ќе биде столбот на нашето семејство?“. Секогаш кога тој ќе изреагира непромислено, во вас ќе се раѓа една мисла „Како тој ќе му биде пример за однесување на нашето дете?“. За секоја негова грешка, вие ќе имате сто критики. Додека хормоните лудуваат во вас, можно е и да се запрашате дали сте го избрале вистинскиот човек. Но, таквите чувства ќе исчезнуваат со истата брзина со која се појавуваат. Помислата дека вие двајцата ЗАЕДНО сте заслужни за нов живот ќе ве зближува на магичен начин. Вашата врска ќе биде поразлична, но многу повозвишена, затоа што сега станувате семејство.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 9008 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.