8 погрешни причини за стапување во брак
Почетна » Семејство » Брак » 8 погрешни причини за стапување во брак

8 погрешни причини за стапување во брак

Бракот е љубовен сојуз со кој две личности се обединуваат во едно. Сојуз кој треба да е исполнет со љубов, почит и разбирање и кој кога е изграден врз здрави темели, може да биде совршена институција.

Но, додека едни го кажуваат судбоносното „Да“ затоа што нивните срца се исполнети со љубов и затоа што знаат дека ја пронашле вистинската личност со која сакаат да создадат семејство и цел живот да се радуваат и плачат заедно, други скокаат во брачните води поттикнати од притисокот на возраста, околината или желбата за сигурност.

Невеста

Еве ги најчестите погрешни причини за стапување во брак:

1

Биолошкиот часовник одбројува

Тик-так, тик-так... сите жени го слушаат својот биолошки часовник како одбројува и го чувствуваат притисокот на времето. Гласното одбројување на часовникот и фактот дека се приближуваат кон 30-тиот роденден или веќе ги дувнале свеќите на 30-тата роденденска торта без сомнение се доволно силни причини за многу жени да стапат во брак, со цел да го родат своето прво дете пред да биде предоцна.

Зошто е тоа погрешно? Стапувањето во брак значи да се пронајде вистинската личност со која ќе го споделите остатокот од животот и со која ќе изградите здрава семејна средина за растење на среќни деца. Ако застанете на лудиот камен само поради тоа што стареете, може да завршите во несреќен брак без љубов, во кој ниту вашите деца не би биле среќни.

2

Подобрување на финансиската состојба

Длабоко во човековата природа е потребата за преживување, а потрагата по финансиска стабилност е еден начин да се задоволи таа потреба. Независно дали станува збор за посилниот или за понежниот пол, факт е дека за многу млади луѓе парите се главен мотив за стапување во брак. Некои одат во крајност и се мажат/женат само и само затоа што со бракот ќе се збогатат. Има такви кои го прават тоа по своја желба и такви кои се охрабрени од своите родители.

Зошто е тоа погрешно? Парите не можат да ви купат среќа и љубов. Може да завршите во куќата од соништата и со полн плакар најубава облека, но без љубов и без верен сопруг покрај себе. Освен тоа, никогаш не можете да бидете сигурни колку време ќе трае финансиската стабилност. Тоа е како да градите куќа врз песок. Не заборавајте дека во секој момент може да дувне ветер и да го однесе песокот, а со тоа и вашата куќа ќе исчезне.

3

„Бегство“ од родителскиот дом и осамостојување

Многу млади луѓе се чувствуваат заглавени во својот дом и зависни од родителите, па бракот го гледаат како начин да избегаат од нив и да создадат свој дом во кој сè ќе биде совршено (барем според нив).

Зошто е тоа погрешно? Бракот не значи слобода. Тој со себе носи нови проблеми, нови предизвици и нови обврски, па ако не сте подготвени за нив, ќе се најдете во една голема каша од која нема да знаете како да излезете. Освен тоа, пребрзаното мажење со погрешна личност е грешка која може скапо да ве чини. Постојат многу начини да станете посамостојни и независни од родителите, а стапувањето во брак не е најправилниот избор.

4

Бракот е логичен следен чекор

Благодарение на нашиот балкански менталитет, многу девојки стапуваат во брак веднаш откако ќе завршат факултет или откако ќе си најдат работа, затоа што тоа се смета за природен тек на случувањата во животот – факултет, вработување, брак, деца... Некои дури и се под притисок на своите родители кои со нетрпение очекуваат свадба, внучиња итн.

Зошто е тоа погрешно? Стапувањето во брак не е детска игра. Тоа е сериозна работа и треба да биде одлука само и единствено на оние кои стапуваат во него, а не на нетрпеливите луѓе од нивното опкружување. Па, ако младиот пар одлучи дека треба да почека, тогаш другите треба да го почитуваат таквото решение.

5

Непланирана бременост

Непланираната бременост принудува многу парови да го променат својот љубовен статус од „во врска“ во „во брак“. Веста за растењето на нов живот често дава старт на свадбени подготовки, без да им остави простор на паровите да размислат за иднината.

Зошто е тоа погрешно? Навистина е логично партнерите да стапат во брак откако ќе ја чујат веста дека ќе имаат бебе, но не по секоја цена. Ако помеѓу нив има нерешени проблеми, ако постојано се караат, а понекогаш дури и насилно се однесуваат, тогаш тој брак подобро е да не се случи. Секое дете има право да расте во хармонична атмосфера и да има живот исполнет со љубов. Децата не ги решаваат проблемите и не ги менуваат луѓето, освен ако тие не сакаат да се променат. Не треба да стапите во брак само затоа што тоа навидум е „правилното нешто“. Правилното нешто е да му дадете добар живот на вашето дете, а тоа понекогаш може да се случи иако со партнерот сте разделени.

6

Првична физичка привлечност и сексуални побуди

Физичката привлечност е важна за започнување на врска, но не и за склучување брак. Многу парови стапуваат во брак поради моментална заљубеност или силна сексуална и физичка привлечност, иако се познаваат само неколку месеци.

Зошто е тоа погрешно? Сексуалното задоволство и физичката привлечност се важни за секој брак, но тие не треба да бидат основата врз која ќе се гради тој. За бракот да трае, основата треба да биде изградена од доверба, искреност, љубов, а понекогаш и подготвеност да се жртвуваат сопствените потреби во името на бракот. Во моментите на почетната заљубеност вие може да мислите дека сте го пронашле идеалниот маж, а само неколку месеци подоцна, кога пеперутките ќе престанат бесно да летаат во вашиот стомак, да сфатите дека пред вас стои личност со која не би сакале да го поминете цел живот. Дајте си време!

7

Страв дека одбивањето на предлогот за брак води до осаменост

Многу девојки го прифаќаат предлогот за брак поттикнати од стравот од осаменоста. „Што ако ме напушти затоа што нема да прифатам?“, „Дали ќе најдам друг, подобар од него?“ – овие и илјадници други стравови минуваат низ женската глава и го претвораат одговорот „Не сум сигурна“ во судбоносно „Да“.

Зошто е тоа погрешно? Ако пред да стапите во брак не сте сигурни и велите „Да“ само затоа што не знаете дали ќе најдете некој друг, цел живот ќе ве измачуваат прашања од типот „Што ако не се омажев за него?“. Од друга страна, заедно со женската рака мажот би требало да го добие и женското срце, па ако тој не може да почека додека неговата избраничка не биде сигурна во својот голем чекор, можеби воопшто не го заслужува нејзиниот позитивен одговор.

8

Надеж дека бракот ќе го промени партнерот

„Кога ќе стапиме во брак ќе стане поодговорен“, „Бракот ќе го натера да работи“, „Кога ќе стапиме во брак сакал-несакал ќе престане со шетањето и пиењето и ќе се удоми“ – за жал, многу жени стапуваат во брак со лажна надеж дека бракот ќе донесе позитивна промена кај партнерот.

Зошто е тоа погрешно? Бракот не ги менува луѓето, освен ако тие не го сакаат тоа. Ако запливате во брачните води поттикнати од оваа причина, ризикувате да завршите во брак кој е огледало на вашата врска, само со таа разлика што ќе носите бурма и ќе имате извод од матичната книга на венчаните.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 6268 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.