Исхраната за време на доењето
Почетна » Семејство » Бебе » Исхраната за време на доењето

Исхраната за време на доењето

Мајчиното млеко е најдобрата природна храна за новороденчињата. Доењето придонесува за подобро физичко и психичко здравје и на мајката и на доенчето, па новите мајки низ целиот свет се охрабрувани да ги дојат новороденчињата најмалку 6 месеци.

Го донесовте на свет вашето бебе и одлучивте да го доите? Честитки, сте ја донеле вистинската одлука, иако најверојатно низ главата ви се вртат многу прашања за тоа што треба да јадете, а што да избегнувате додека доите. Одговорот е дека секое бебе е приказна сама за себе. Додека некои мајки откриваат дека нивните малечки имаат гасови откако консумирале грав, брокули или карфиол, или дека одбиваат да цицаат откако јале зачинета храна, други бебиња одлично ја толерираат оваа храна, но пројавуваат алергии на кикирики, кравјо млеко, соја и сл.

Разновидната и балансирана исхрана е исклучително важна и за доилките и за нивните најмили. Новите мајки треба да бидат силни и издржливи и последно што треба да им паѓа на ум е држењето рестриктивна диета за намалување на тежината. Всушност, доилките треба да внесуваат 500 дополнителни калории дневно за да осигурат доволно количество квалитетно мајчино млеко за кревките бебиња.

Доење

Не постојат универзални правила поврзани со исхраната за време на доењето, но сепак експертите даваат препораки со која храна и кои пијалаци треба да бидете повнимателни:

  • Алкохол. Ако во изминатите 9 месеци се воздржувавте од консумирањето алкохол, сега можеби ќе паднете во искушение да посегнете по омиленото вино. Немојте. Додека вие уживате, мали количества од него влегуваат во млекото, менувајќи го неговиот вкус и мирис. Алкохолот може и да ја намали лактацијата и да влијае не само на моторниот развој на бебето, туку и на неговиот сон.

    Доколку сепак одлучите да се напиете алкохолен пијалак, сторете го тоа веднаш по подојот и избегнувајте да го доите бебето додека алкохолот во голема мера не исчезне од млекото. Потребно е да изминат 2-3 часа за една чаша алкохол (330ml пиво, 150ml вино или 30ml жесток алкохол) да се исфрли од вашиот систем. Не се препорачува да пиете повеќе од 1-2 чаши алкохол неделно.

  • Кафе. Пијалаците кои содржат во себе кофеин како кафето, чајот и некои газирани сокови можат да влијаат негативно на сонот и расположението на бебето, затоа што дел од кофеинот завршува во млекото. Сведете го консумирањето на овие пијалаци на минимум или ако е возможно, целосно исфрлете ги од вашата исхрана. Особено бидете внимателни со количеството кафе кое го внесувате доколку доите новороденче или предвремено родено бебе. Не се препорачува консумирање на повеќе од 3 шолји кафе дневно.
  • Риба која содржи големо количество жива. Живата која се содржи во големи количества во месото на некои видови риби може сериозно да му наштети на нервниот систем на новороденчињата кој сè уште се развива. Избегнувајте да јадете месо од ајкула или сабјарка и насочете се кон поздрава риба како лосос, езерска пастрмка или сардина. Ограничете ја рибата на препорачаната доза од две порции неделно (340 грама).
  • Лук и кромид. Храната со силен вкус и мирис, како лук или кромид, може да го промени вкусот и мирисот на мајчиното млеко и на тој начин да влијае на желбата за цицање на бебето. Ако забележите дека бебето одбива да цица или се мршти и прави кисели гримаси откако сте јале кромид или лук, најдобро е да ги избегнувате овие миризливи намирници додека доите.
  • Зачинета храна. Иако некои мајки постојано консумираат зачинета храна и имаат задоволни и доволно нахранети бебиња, кај други, и најмалото количество силен зачин може да го вознемири бебето. Премногу зачинетата храна може да предизвика гасови, грчеви и неудобност кај некои бебиња, па потребно е да следите како реагира вашето бебе откако сте јале зачинет оброк. Доколку бебето покажува знаци на вознемиреност откако сте изеле кари, чили, цимет и сл., преферирајте незачинета храна додека тоа потпорасне.
  • Брокули, зелка, грав. Брокулите, зелката, карфиолот и гравот предизвикуваат гасови кај многу бебиња, па новите мајки често ги избегнуваат. Ако забележите дека бебето страда од колики кога ја консумирате оваа храна, избегнувајте ја 7 дена за да видите дали има подобрување. Потоа повторно внесете ја во вашата исхрана за да ги потврдите или отфрлите своите сомнежи. Доколку си потврдите дека тие намирници се причината за гасовите кај бебето, целосно избегнувајте ги додека доите.
  • Цитрусно овошје. Многу нови мајки посегнуваат по портокалите, цитронот и лимонот за да ги задоволат потребите од витамин Ц. За жал, одредени состојки кои се содржат во цитрусното овошје може да го иритираат деликатниот дигестивен систем на бебето, коешто води до нервоза, повраќање и/или пеленски осип. Бидете особено внимателни со внесувањето на цитрусно овошје и доколку забележите реакција кај бебето по нивното консумирањето, најдете други начини за да ги задоволите своите дневни потреби од витамин Ц.
  • Чоколадо. Жените го обожаваат чоколадото, но за жал, мајките кои ги дојат своите деца треба да внимаваат со ова слатко задоволство, затоа што исто како кафето, чоколадото содржи кофеин. Доколку забележите дека чоколадото е виновникот за нервозата и краткиот и немирен сон на вашето малечко, ограничете го количеството кое го внесувате. Клучот е во балансот.

Многу е важно да се спомене дека одредена храна може да предизвика алергиска реакција кај бебето, иако стигнува до него во мали количества преку млекото. Доколку бебето пројавува симптоми како осип, дијареја, колики или отежнато дишење веднаш по доењето, тоа може да има алергија на одредена храна. Најчесто алергиите кај бебињата се предизвикани од:

  • Кикирики;
  • Кравјо млеко;
  • Јајца;
  • Соја;
  • Риба;
  • Пченица.

Секое бебе е различно, па за да пронајдете поврзаност меѓу вашата исхрана и однесувањето на вашето бебе, обидете се да водите дневник за исхрана. Запишувајте сè што јадете и пиете и водете белешки како вашето бебе реагира на различните производи кои ги консумирате.

Фокусирајте се на здравата храна и пијте доволно течности (3 литри дневно) за ваше добро и за доброто на вашето бебе.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.