Барање работа по дипломирањето: Како да го зачувате разумот?
Почетна » Кариера » Барање работа » Барање работа по дипломирањето: Како да го зачувате разумот?

Барање работа по дипломирањето: Како да го зачувате разумот?

Пронаоѓањето соодветна работа по дипломирањето може да биде мачно и исцрпувачко искуство, особено во време во кое сме соочени со општа економска криза, нелојална конкуренција и сурови услови за постигнување успех. Сепак, многубројните пречки на патот треба да се сфатат како предизвик и да послужат како дополнителна мотивација за постигнување на целта.

Барање работа

Во продолжение ви нудиме совети кои ќе ви помогнат да го истренирате умот и да го сочувате разумот додека сте фатени во костец со предизвикот наречен барање работа.

  1. Сфатете го барањето работа како вистинска работа. До моментот додека да влезете на списокот на вработени лица, барањето работа е всушност ваша работа. Тоа подразбира целосна посветеност, вложување многу време и енергија, секојдневно пребарување по огласи, подготвување на CV-а и мотивациски писма прилагодени на огласите, подготовка за интервјуа пред огледало, усовршување на комуникациските вештини. Откажувањето од активната потрага по работа значително ги намалува шансите за успех.
  2. Бидете реални во очекувањата. Штотуку дипломиравте и веднаш очекувате работа од соништата, која ќе вклучува службен автомобил, скап мобилен телефон со неограничен број на импулси и дебело банковно конто? Голема грешка е целата енергија да ја насочите во пронаоѓањето на идеалната работа, наместо во пронаоѓањето на првата работа во животот. Зауздајте ги вашите очекувања и запаметете дека патот до целта е трнлив и ни малку лесен. Реалноста е дека немате ниту ден работно искуство и започнувате од дното. Колку побрзо ќе ја прифатите реалноста, толку полесно ќе се соочите со новите предизвици. Наместо да се будите огорчени и намуртени, зграпчете го денот со насмевка и оптимизам и бидете подготвени да вложите многу труд и енергија.
  3. Подгответе беспрекорно CV и мотивационо писмо – без грешки и лаги. Внимавајте да нема печатни грешки и во двата документи и не приложувајте лажни податоци. Јасно е дека сте почетник, па токму поради тоа никој нема да ви поверува доколку внесете нереални информации во врска со вашето претходно искуство, доколку воопшто не го поседувате. Побарајте препорака од вашите професори или ментори. Не знаете токму во кој момент ќе ви бидат потребни, но добро е да бидете навреме подготвени.
  4. Изгледајте претставително и онлајн. Отворете сопствен профил на социјалните мрежи за пронаоѓање работа, како LinkedIn. Експертите укажуваат дека самопромовирањето преку свој личен блог може да има огромна улога во трката наречена барање работа. Би се изненадиле кога би дознале колкумина од работодавците го проверуваат вашиот блог, фејсбук или твитер профил пред да ве викнат на интервју или непосредно по него. Бидете репрезентативни и во виртуелниот свет, колку и да ви изгледа смешно тоа.
  5. Не се преценувајте. Работното искуство не се стекнува преку ноќ. Потребно е време за да се здобиете со одредени квалитети, кои за жал, не можат да се научат во факултетските клупи и од теориите кои ви биле сервирани од страна на професорите. Пристапете понизно и пројавете интерес и желба да научите нешто ново. Никој нема да ве вработи доколку мислите дека знаете сè и сметате дека не ви е потребно никакво доусовршување или професионална надградба. Запаметете дека процесот наречен учење не запира никогаш.
  6. Не се ограничувајте на една опција. Во еден совршен свет, секој би бил на посакуваното работно место, за кое минал низ макотрпни години за време на студирањето. Сепак, запомнете дека може да помине одреден временски период додека да стигнете до идеалната работна позиција. Во меѓувреме, додека барате работа, обидете се да го пополните времето со дополнителни активности, како волонтирање или стажирање. Ќе ги проширите вашите познанства и ќе стапите во контакт со многу нови лица, кои можеби ќе ви бидат од помош во иднина. Вашето работно искуство во CV-то постојано ќе се збогатува, што секако е огромен плус и предност. Доколку се повлечете во себе и паднете во депресија поради тоа што во моментот не ја работите работата за која сте се усовршувале, голема е веројатноста дека никогаш нема да постигнете успех.
  7. Не се споредувајте со други. Некои сметаат дека клучот за успех лежи во споредбата со други лица, кои би го поттикнале вашиот натпреварувачки дух. Но, ваквата постапка може да предизвика контра-ефект и да ве доведе до очај и огорченост. Не заборавајте дека секој е индивидуа сама за себе и посебна личност. Вие и само вие сте одговорни за вашиот успех или неуспех. Споредбата со други лица нема да ви донесе никакво добро додека се борите со невработеноста. Работете на остварување на своите цели и оградете се од туѓите искуства.
  8. Не живејте со помислата „Сè е со врски“. Да, роднинските врски и политичката определеност во нашата држава се важен фактор во процесот на вработување и понекогаш ќе бидат главната причина поради која не сте ја добиле работата за која сте кандидирале. Но, тоа не треба да ве обесхрабрува. Многу компании знаат да го препознаат и оценат квалитетот, а ваша задача е да им го понудите токму тоа. Аплицирајте на сите огласи кои нудат работа во областа во која сакате да се развивате. Ништо не губите ако испратите 50 или дури и 100 CV-а повеќе.
  9. Опкружете се со позитивни лица и задржете го ентузијазмот. Наоѓањето работа никогаш не е лесна и едноставна задача. Голема е веројатноста дека ќе стигнете до солзи и до неизбежниот момент кога ќе почнете да ги преиспитувате сопствените квалитети и (не)сигурноста на иднината. Во таквите моменти, побарајте помош од блиските и пријателите на кои им верувате. Доверете им се и доколку е потребно, побарајте помош. Запаметете дека ќе има многу подеми и падови и соочете се трезвено со неуспехот и неправдата, бидејќи се само попатни станици до постигнување на големата цел.

Анкета

Анкета
Каква беше 2016 година за вас?
  • 21%
  • 44%
  • 35%
Се испраќа...

(Вкупно: 9938 гласа)

Цитат

Да бидеш себеси во свет кој константно се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување.

Ралф Валдо Емерсон

Виц

Кога жена вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема НОВИ алишта.

Кога маж вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема ЧИСТИ алишта.