Невробик – вежби за мозокот
Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Невробик – вежби за мозокот

Невробик – вежби за мозокот

Ви се случило ли да сретнете одредена личност, но да не можете да се сетите на нејзиното име, или додека раскажувате за убав филм да го заборавите името на вашиот омилен актер кој беше во главната улога?

Повеќето луѓе се нашле во ваква или слична ситуација. Огромниот број на информации кои секојдневно ги примаме и динамичниот начин на живот кај секого предизвикуваат проблеми со помнењето. За да си ја подобрите меморијата, несомнено треба да го одржувате мозокот активен и во добра кондиција.

НевробикНевробикот ќе ви помогне да го активирате и вежбате мозокот за да го одржите во добра форма.

Активностите кои ги правите секој ден стануваат автоматски, несвесни и не бараат голема ангажираност од мозокот. Миењето на забите и приготвувањето на утринското кафе можете да ги направите што би се рекло додека спиете, бидејќи за тие активности не треба многу да мислите и со тек на време стануваат автоматски. Во таквите моменти, мозокот не вежба и не е активен и ангажиран како што би бил кога би правел нешто ново.

Невробикот го нуди токму тоа – вежбање и активирање на мозокот за да остане во добра форма.

Што е невробик?

Терминот „невробик“ е воведен од страна на американците Лоренс Кац и Менинг Рубин и претставува подобрување на интелектуалниот капацитет на мозокот преку систем од вежби.

Како што редовните физички вежби помагаат во изградувањето на мускулите на телото, така мисловните вежби, односно вежбите на невробикот, помагаат во подобрувањето на меморијата и движечките функции на мозокот. Вежбите кои се користат за таа цел се нерутински и неочекувани за мозокот, а вклучуваат различни комбинации на сетилата за вид, мирис, слух, допир и вкус, како и „емотивното сетило“.

Невробик вежбите се разликуваат од другите типови вежби за мозок, како логички сложувалки, крстозбори, судоку, игри за меморија и сл., токму поради тоа што ги користат човечките сетила и тоа на нов начин, за да го поттикнуваат мозокот да создава нови асоцијации меѓу различните типови информации.

Невробикот може да се практикува и од деца и од возрасни. Децата го користат за да ја зголемат својата концентрација со цел полесно совладување на новите знаења, а возрасните ги практикуваат овие вежби за да избегнат влошување на нивната меморија со текот на годините.

15 невробик вежби

„Мозокот сака новости. Не мора тоа да биде нешто комплицирано“ – рекол Кац. Следниве вежби се токму тоа, едноставни, но нови за мозокот.

  1. Туширање со затворени очи. Обидете се да се туширате со затворени очи. Кога не можете да гледате, другите ваши сетила ќе станат поактивни и туширањето ќе доведе до поголемо ангажирање на мозокот. Другата опција е навечер да ги исклучите светлата и да се обидете да се движите низ вашиот дом активирајќи ја вашата меморија и вашето сетило за допир.
  2. Четкање на забите со другата рака. Редовно ги миете забите со десна рака? Сега започнете да ги миете со левата (левичарите обратно). За многумина ова е многу тешка вежба и бара целосно внимание првиот пат кога ќе се обидувате да ја направите. Овие вежби активираат многу врски на „другата“ страна од мозокот кои обично не ги користите и поради тоа при нивното извршување ќе се чувствувате чудно. Дополнително, можете да ја чешлате косата или да ја јадете супата со недоминантната рака.
  3. Нова утринска миризба. Помирисајте нова миризба рано наутро за да го разбудите вашиот мозок. Ако досега сте станувале со миризбата на кафе или чај, заменете го тој мирис со некој друг. Земете ароматизирана свеќа или етерично масло и помирисајте го веднаш по будењето. На овој начин вашиот мозок започнува да прави врски со други познати миризби и да работи активно.
  4. Телевизор без звук. Пуштете го телевизорот, но исклучете го звукот. Обидете се да разберете за што се зборува според изразите на лицето и движењето на устата на оној што говори.
  5. Нестандардни одговори. Започнете да давате нови одговори и различно да реагирате на оние ситуации во кои досега рутински сте одговарале или реагирале. Обидете се да измислите нови одговори дури и на најрутинските прашања кои секојдневно ви ги поставуваат луѓето што ги среќавате, како на пример: „Како си?“ или „Што има ново?“.
  6. Промена на околината. Променете го распоредот на предметите околу вас, без разлика дали е тоа во вашиот дом или на работното место. Само едно мало поместување на кантата за отпадоци ќе ви докаже колку рутински е вашиот живот – честопати ќе ја барате кантата на нејзиното поранешно место. Друга опција е да го преуредите вашето биро. Со тоа го принудувате мозокот да формира нова ментална мапа и да работи поактивно.
  7. Запомнете нов телефонски број со помош на арома. Можете да ја активирате меморијата преку спојување на одредена арома со одредена задача. На пример, ако сакате да запомните нов телефонски број, секогаш кога ќе го вртите, помирисајте една иста ароматизирана свеќа.
  8. Ротирање околу масата. Во многу семејства, секој член си има свое место околу масата и кога е време за ручек или вечера сите седнуваат на своето место. За промена, сменете си ги местата со другите членови. Менувањето на местото на седење менува многу нешта, од видикот на трпезаријата, до тоа како посегнувате по солта или лебот.
  9. Јадење со затнат нос/затворени очи. Направете си овошна салата и јадете ја додека со едната рака го држите носот затнат. Елиминирајќи го сетилото за мирис, вие повеќе ќе се концентрирате на вкусот, текстурата и тврдоста на овошните парчиња. Или пак затворете ги очите и обидете се да погодите каков плод јадете само според вкусот. Така многукратно ќе ја зголемите активноста на мозокот.
  10. Таинствена монета. Ова вежба за мозокот можете да ја правите насекаде. Земете неколку монети или банкноти и затворете ги очите. Изберете една монета или банкнота и обидете се со помош на допир да одредите колкава нејзината вредност.
  11. Нов пат. Пронајдете нов пат до вашето работно место. Патот не мора да биде подолг, туку само различен од досегашниот. Ако одите на работа со градски превоз, обидете се да ги затворите очите и да си го замислувате патот по кој поминувате. Отворајте ги очите само за да видите колку успешно се справувате со вежбата.
  12. Нова средина. Посетете место каде никогаш не сте биле. Ако немате можност да го сторите тоа, одете во нова продавница кога треба да пазарувате. Новите визуелни дразби се добар тренинг за мозокот и ја забавуваат деменцијата поврзана со годините.
  13. Модно разнообразие. Облечете си нови алишта или пробајте нови комбинации кои не сте ги носеле досега. Докажано е дека тоа не влијае само на емоционалната состојба на човекот, туку и на неговото размислување. Пробајте, можеби различниот изглед ќе ви донесе нов начин на размислување. Дури и несвесно вашиот мозок ќе работи активно правејќи нови комбинации од облека и модни додатоци.
  14. Ново темпо. Идејата тука е да се движите со различно темпо од вообичаеното. Ако досега сте биле бавни во извршувањето на вашите активности, сега зголемете ја брзината, и обратно. Така ќе станете посвесни за активностите кои ги извршувате и ќе го активирате вашиот мозок.
  15. Поразлично хранење. Сè што е ново е возбудливо за мозокот и ја буди неговата љубопитност, а воедно и неговата активност.

    • Изедете го како вечера она што обично го јадете за појадок;
    • Измешајте во блендер две овошја кои никогаш не сте ги јаделе заедно. На пример, круша и портокал;
    • Јадете со недоминантната рака;
    • Вечерајте на светлина од свеќа;
    • Јадете со музика;
    • За промена, јадете во апсолутна тишина (без зборување, без музика, без ТВ) и концентрирајте се на звуците од гризењето на храната и нејзиниот вкус.

Се разбира, постојат безброј невробик вежби. Разбудете ја вашата креативност и самите измислете нови. Покрај тоа што ќе ви помогнат во подобрувањето на работата на мозокот, овие вежби се и многу забавни.

Анкета

Анкета
Каков е вашиот став за вакцина против КОВИД-19?
  • 14%
  • 22%
  • 65%
Се испраќа...

(Вкупно: 4944 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.