Ургентна контрацепција – таблети „ден потоа“
Почетна » Здравје » Интимно » Ургентна контрацепција – таблети „ден потоа“

Ургентна контрацепција – таблети „ден потоа“

Денес постојат различни начини за спречување на несакана бременост: презервативи, орална контрацепција, дијафрагма и сл. Но, доколку не сте искористиле ниту еден од овие контрацептивни методи или ако настане „незгода“ (скинат кондом) и не сакате да ризикувате да останете бремена, добро е да знаете дека имате опција за спречување на бременост по незаштитен сексуален однос. Станува збор за т.н. ургентна или итна контрацепција.

Девојка со контрацептивна таблета „ден потоа“Таблетите за итна контрацепција треба да се примаат само во крајни случаи.

Што претставува ургентната контрацепција?

Ургентната контрацепција претставува користење на таблети (наречени „ден потоа“) со цел да се спречи несакана бременост поради незаштитен сексуален однос. Таблетите ги содржат истите хормони кои ги има во антибебе таблетите наменети за редовна контрацепција.

Во зависност од тоа во која фаза од менструалниот циклус се примаат, тие ја спречуваат бременоста на различни начини:

  • Хормоните од таблетите можат да ја спречат или одложат овулацијата, т.е. испуштањето на јајце-клетка, а бременост не може да настапи ако нема созреана јајце-клетка.
  • Хормоните може и да предизвикаат згуснување на цервикалната слуз. Густата цервикална слуз ќе им попречи на сперматозоидите да достигнат до јајце-клетката.
  • Исто така, хормоните можат и да ја ослабат обвивката на матката, за да не може оплодената јајце-клетка да се задржи.
  • Потребно е да се напоменe дека овие таблети не предизвикуваат абортус. Тоа значи дека ако веќе сте бремена, примањето на таблетите „ден потоа“ нема да предизвика прекратување на бременоста.

Кога треба да се применува?

Како што кажува и нејзиното име, итната контрацепција треба да се користи само во крајно итни случаи. Во никој случај не треба да се примаат таблетите „ден потоа“ како редовна контрацепција или да се земаат профилактично, затоа што може да имаат негативно влијание врз вашето здравје. Применете ја итната контрацепција ако сте имале незаштитен однос и вашиот партнер ејакулирал во вас.

Иако овие таблети се нарекуваат „ден потоа“ или „утрото потоа“, тие се ефикасни до 72 часа по сексуалниот однос. Колку поскоро се испијат, толку повеќе се зголемува нивната ефективност.

Во зависност од фирмата која што ги произведува може да има една или две таблети. Првата таблета се прима колку што е можно поскоро по сексуалниот однос. Ако има втора таблета, таа обично треба да се испие 12 часа по првата.

Колку е ефективна?

Доколку таблетите се земаат според посочените упатства и во рок до 72 часа, ефективноста варира околу 75-89%. Никогаш не можете да бидете 100% сигурни дека таблетите од овој тип ќе ја спречат бременоста, но се доста ефикасни.

Негативни страни на ургентната контрацепција

Кај многу жени, по примањето на таблети за итна контрацепција се појавуваат странични ефекти како: гадење, болка во стомакот, замор, главоболка, чувствителни гради, задржување на течности и вртоглавица.

Освен тоа, може да настапат и промени во менструалниот циклус. Голем дел од жените добиваат менструација истата седмица кога ги примиле таблетите, но кај некои се јавува и одложување на менструацијата.

Со помош на овие таблети можете да ја спречите несаканата бременост, но не и евентуалното пренесување на сексуално преносливи болести. Затоа, најдобриот начин да останете со мирна глава е да користите докажано ефективни мерки за заштита како кондомите.

Совети

  • Многу е важно да запомните дека таблетите „ден потоа“ треба да се користат само во краен случај. Не си дозволувајте да се најдете во ситуација да треба два пати да користите итна контрацепција во краток период.
  • Иако таблетите можат да се купат и без рецепта, најдобро е пред да ги употребите да се консултирате со гинеколог. Доколку забележите дека некои странични ефекти се појавуваат подолго време, веднаш закажете си термин на доктор.
  • Таблетите „ден потоа“ можат да ја спречат бременоста, но не и да ве заштитат од СПБ, па добро размислете пред да решите да практикувате незаштитен секс.

Анкета

Анкета
Дали го вакцинирате вашето дете?
  • 67%
  • 14%
  • 19%
Се испраќа...

(Вкупно: 4039 гласа)

Цитат

Вистински пријател е оној кој ја гледа тагата во твоите очи, додека сите останати веруваат во насмевката на твоето лице.

Анонимен

Виц

Како се нарекува маж кој одбива да користи презерватив?

- Татко.