Почетна » Убавина и мода » Шминка » Мејкап трендови – пролет/лето 2014

Мејкап трендови – пролет/лето 2014

Декоративната козметика која ќе привлекува во текот на топлите месеци следи привлечен микс од трендови кои беа актуелни во изминативе сезони. Новитетите изостануваат, мејкап артистите се стремат кон минимализам, но сепак има и возбудливи тенденции кои ќе ве поттикнат да ја нагласите својата индивидуалност.

Деликатна пастелна шминка

Пастелната шминка е фантастичен начин да донесете малку боја на лицето без да преминете одредени естетски граници.

Нежни корални и розови кармини, деликатни сенки за очи во млечни нијанси и светло розово руменило нека ви стојат на дофат на рака во следните неколку месеци. Кога-тогаш ќе посакате да проверите што можат тие да направат за вашата убавина.

Мејкап трендови

Портокалови усни

Свежите портокалови усни магнетски ќе ги привлечат експериментаторките. Црвениот кармин е непоместлива сила кај трендовите, но портокаловите нијанси ќе внесат нов бран игривост во вашиот изглед.

Претпочитајте мат финиш ако карминот е во силна портокалова боја, а додајте сјај доколку сте избрале млечна нијанса.

Мејкап трендови

Сафирен поглед

Имате желба да ја збогатите својата колекција шминки со нова сенка? Нека тоа биде сенка во сина или тиркизна нијанса. Сините сенки, особено оние кои потсетуваат на сафир, се еден од најсилните трендови.

Речиси не постои козметичка компанија која не вклучи сини сенки во своите палети.

Мејкап трендови

Недопрена убавина

Потенцирајте ја природната убавина и со минимална шминка сокријте ги само несовршеностите. Топлите сончеви денови не се за тешка шминка.

Експертите се категорични дека за урбан изглед е сосема доволно да користите само коректор или пак течна пудра во комбинација со маскара. Умерено нанесете и руменило за да добиете здрав изглед на кожата.

Мејкап трендови

Моќта на 60-тите години

Шеесеттите години на минатиот век се неисцрпна инспирација кога станува збор за убавината. Во текот на топлите месеци црпете ретро идеи за ајлајнер тип „мачкини очи“ и трепки како на кукла.

Очите оцртани на горниот капак со молив или туш денес шармираат со ист интензитет како што тоа го правеле пред неколку децении. Трепките кои потсетуваат на кукла ќе ги доловите со неколку слоеви маскара или со популарните вештачки трепки.

Мејкап трендови

Рокенрол бунтовнички поглед

Зачадената темна шминка која асоцира на гранџ стилот си освои место меѓу трендовите. Оцртајте ги очите со темен молив, а потоа многу внимателно размачкајте го за да добиете „меки“ недефинирани линии.

Комплетирајте го изгледот со темна сенка за очи. Најактуелни се виолетовите нијанси.

Мејкап трендови

Полни и совршено обликувани веѓи

Нагласените веѓи се сѐ попопуларни, а тоа поттикна многу жени да се насочат кон тетовирање или дури и трансплантација за да добијат што пополни веѓи.

Усовршете ја вашата рутина за подобро дефинирање на веѓите со молив или сенка за очи за да им дадете моќен изглед.

Мејкап трендови

24-каратен ѕвезден поглед

Блескавиот златен поглед освојува. Претворете се во златна кралица, користејќи светкави бакарни и златни сенки за очи.

Златната шминка на сензуален начин ќе го надополни вашиот летен бронзен тен.

Мејкап трендови

Ангелски очи: бели „крилја“/бела сенка

Никогаш не сте се осмелиле да посегнете по белиот ајлајнер? Сега соберете храброст и дајте му шанса да ви стане сојузник во процесот на разубавување. Оцртајте го долниот капак за да се ослободите од поспаниот изглед и визуелно да ги зголемите очите, или пак осветлете го внатрешниот агол од окото за свеж поглед. Сепак, најинтересен начин да го имплементирате овој тренд во вашиот изглед е да нацртате „крилја“ на очните капаци (бел мачкин поглед).

Доколку белиот ајлајнер не е по ваш вкус, побезбедна варијанта на овој тренд се белите сенки. Мејкап артистите советуваат дека белите сенки одлично се комбинираат со црвен кармин.

Мејкап трендови

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10618 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.