Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската недела на модата: колекции пролет/лето 2013

Париската недела на модата: колекции пролет/лето 2013

Париз е четвртата жешка дестинација која ја посетија највлијателните во модната индустрија во текот на изминативе месец дена. Градот на светлината, како и секогаш, беше домаќин на последната модна недела на којашто беа презентирани колекциите пролет/лето 2013. Погледнете ги највпечатливите колекции кои ги освоија модните критичари:

Кристијан Диор

Очекувањата беа високи за првата ready-to-wear колекција на Раф Симонс за Диор, а според критичарите, почитуваниот белгиски дизајнер не разочара. „Беше сè што очекував, но на многу начини беше сосема неочекувано“ – изјавила Александра Шулман, уредничката на британскиот „Вог“.

Духот на слободата и чувството на ослободување беа двигател на креативноста на новиот главен дизајнер на Диор. „Основната идеја беше слободата, но исто така и сензуалноста, сексуалноста, иднината, модерното, движењето“ – објаснил Раф. Сјајни мини фустани кои имаа футуристички шмек, едноставни црни костуми и кратки фустани, креации со волуменозни цветни здолништа и новитетот опишан како „сако-фустан“ го запечатија крајот на ерата на Галијано.

Dior Dior

Шанел

Венци од големи бисери ги красеа рацете и вратовите на манекенките на грандиозната писта на Шанел, направена од соларни панели и „декорирана“ со ветерници. Карл Лагерфелд изостави многу карактеристични Шанел елементи, но им даде доминантно место на бисерите. „Нема синџирче. Нема плетенка, нема пластични Шанел копчиња, само бисери, бисери, бисери“ – рекол 79-годишниот дизајнер. Со вешто редење на слоеви, искусниот дизајнер постигна тридимензионален изглед на креациите, меѓу кои особен впечаток оставаа кратките сакоа со дополнителен волумен кај рамениците.

Големата хулахоп чанта (на втората фотографија) беше медиумски хит. Откако сите си го поставија прашањето „Што ли имаше на ум Карл?“, тој го даде одговорот: „Таа е за на плажа. Ви треба простор за крпа за на плажа? Можете да ја ставите чантата во песокот и да обесувате на неа разни нешта“.

Chanel Chanel

Стела Мекартни

Деликатни, но спортски креации и опуштени заоблени силуети доминираа во колекцијата на Стела Мекартни. „Тоа е разговор помеѓу маж и жена, помеѓу храброста и кревкоста“ – изјавила славната дизајнерка за новата колекција.

Палетата на бои не беше така широка – белата, сивата, зелената, портокаловата и црната беа сосема доволни за модерната фантазија на Мекартни да се прелее на модните писти.

Stella McCartney Stella McCartney

Луј Витон

Шах-мат. Колекцијата на Луј Витон потсетуваше на шаховска табла, но инспирацијата на дизајнерот Марк Џејкобс всушност не лежи во шахот, туку има корени во уметноста на Даниел Бурен.

Девојките на Џејкобс настапуваа на пистата во двојки и сите изгледаа елегантно и ретро. Стилот од 60-тите години очигледно е привремена опсесија на Џејкобс. Но, додека во Њујорк Марк се посвети на ригите, во Париз тој им ја даде силата на квадратите.

Louis Vuitton Louis Vuitton

Александар МекКвин

Пчелите и пчеларството ѝ послужија како инспирација на Сара Бартон. Прочуената наследничка на Александар МекКвин ги избрала пчелите поради нивното „матријархално општество каде што владеат жените“, но и затоа што „сите жени се како пчели работнички“.

Медени нијанси ги обојуваа невообичаените креации, кои на екстремен начин ја акцентираа женската фигура, додека сите манекенки на главите носеа шапки со превез, инспирирани од облеката на пчеларите. „Беше прекрасно, неверојатно, генијално – од филмот со пчели на позадината, до облеката, ве оставаше без здив“ – изјавила Лусинда Чемберс, модната директорка на британскиот „Вог“.

Alexander McQueen Alexander McQueen

Антони Вакарело

Антони Вакарело не се плаши да го разголи женското тело. Неговите фустани со екстремно висок шлиц креваа врева на многу свечени настани изминатава сезона, па белгискиот дизајнер си го зголеми влијанието во светот на модата.

Вакарело ги создавал креациите мислејќи на „девојка која влегува во океан и на тоа како материјалот се навлажнува околу нејзините нозе и создава силуета којашто е тесна, но како што се движи нагоре станува поразлабавена“.

Anthony Vaccarello Anthony Vaccarello

Ели Сааб

„Наследничка“ – тоа беше темата на ревијата на Ели Сааб. Но, не станува збор за богата наследничка која се излежува по цел ден во свилени пижами и има во својот плакар само гламурозни фустани за вечерни забави. Сааб избра наследничка која напорно работи преку ден за да презентира еднобојни комбинации од кошули закопчани до јаката и женствени панталони и здолништа.

Вечерната облека ја сочинуваа нежни фустани кои веднаш би ги поврзале со името Сааб. Нежната чипка и свилените траки поставени на колковите и над половината го потенцираа романтичниот карактер на свечените креации, кои следеа сензуална силуета. Ревијата на Сааб стави крај на модниот месец кој во Њујорк, Лондон, Милано и Париз ги обелодени колекциите пролет/лето 2013.

Elie Saab Elie Saab

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11218 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.