Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската недела на модата

Париската недела на модата

На париската недела на модата беа покажани делата на големи дизајнерски имиња, кои ја воодушевија публиката. Погледнете дел од неверојатните креации презентирани на модните писти на овој голем настан.

Alexander McQueen – колекција есен/зима 2010

Колекцијата на Александар МекКвин беше прикажана со мала приватна презентација, наместо со големо шоу, како што претходно било планирано. Неговата последна колекција била скоро завршена кога МекКвин извршил самоубиство, а неговите соработници дале сè од себе 16-те креации да бидат прикажани во најдобро светло. Некои модни критичари ја опишаа колекцијата како „незавршена симфонија на живот и смрт“. Креациите на МекКвин имаат поетска, средновековна убавина и главно се инспирирани од византиската уметност.

Chanel – колекција есен/зима 2010

Легендарниот Karl Lagerfeld застана зад колекцијата на француската марка Chanel. Целата колекција и шоуто беа инспирирани од глобалното затоплување. Поканите за шоуто беа направени со скица од загрозената поларна мечка, која самиот Lagerfeld ја нацртал. Неверојатна колекција од вештачко крзно беше прикажана на писта која што пресоздаваше пејзаж од Арктикот.

Elie Saab – колекција есен/зима 2010

Популарниот дизајнер Elie Saab, кој што е познат по своите креации за црвениот тепих, на Париската недела на модата ја претстави својата најнова колекција. Многу критичари ја опишаа како „темната страна на Saab“, затоа што на модната писта доминираше црната боја. И овој пат неговата колекција ја истакнуваше убавината на женското тело преку проѕирните лесни материјали, високите шлицови, тантелата.

Givenchy – колекција есен/зима 2010

Колекцијата на Givenchy е дизајнирана од контрадикторниот Riccardo Tisci, кој што на умешен начин успеа да ја потенцира моќта и софистицираноста на современата жена. Силната колекција не може да се каже дека не остави впечаток кај присутните. Модниот директор на списанието Вог, Лусинда Чемберс, за колекцијата изјави: „ги имаше сите ангели и демони кои очекувавме да ги видиме од него, но споени на прекрасен начин“.

Yves Saint Laurent – колекција есен/зима 2010

Колекцијата на Yves Saint Laurent беше дизајнирана од Stefano Pilati и очигледно беше инспирирана од облеката на монахињи. Уникатната колекција беше најавена со мотото „A woman in motion. Dynamic. Contemporary. Aware“. Многу од креациите вклучуваа моден додаток златен долг синџир за врат со привезок во форма на жена во движење.

Stella McCartney – колекција есен/зима 2010

„Ова шоу е посветено на мојот сакан, децата, семејството, тимот и пријателите. Ова е исто и за Ли... Ни недостогаш!“ – со овие зборови Stella McCartney му оддаде почит на неодамна починатиот Александар МекКвин. Нејзината колекција покажа дека едноставноста на формата и префинетите материјали се одлична комбинација која секогаш носи пофалби.

Louis Vuitton – колекција есен/зима 2010

Познатата марка Louis Vuitton на Париската недела на модата беше претставена од колекцијата на дизајнерот Marc Jacobs. Со оваа колекција тој сакаше да покаже дека краткото мини и супер слабите тинејџерки не се и не треба да се карактеристика на стилот на 21-от век. Ниту една негова креација не ги разголуваше ниту колената на манекенките, меѓи кои беа и Laetitia Casta, Elle Macpherson и Lara Stone. „Дизајнерите секогаш велат дека прават колекции за жени, но секоја девојка на модните писти е под 20 години. Сакав разновидност од години и големини. Баравме прекрасни жени, жени кои се чувствуваат среќни да стават шминка, да се облечат и да стават аксесоари врз себе. Малку е старомодно, знам, но мислам дека е убаво за промена“ – изјавил младиот дизајнер во интервју за Telegraph.

Christian Dior – колекција есен/зима 2010

Неверојатниот John Galliano ја дизајнираше колекцијата есен/зима на марката Dior. Одличниот спој на ретро и романтичност му донесе на Galliano само пофалби. Колекцијата имаше со што да се истакне и да остане запаметена – креации со лесни материјали, високи чизми над колената, набори и долна облека во улога на горна, кожни мантили и многу детали. Сексапилност, романтика и женственост преточени во одлични креации.

Emanuel Ungaro – колекција есен/зима 2010

На шоуто на Emanuel Ungaro отсуствуваше холивудската ѕвезда Линдзи Лохан, која што минатата година беше моден советник за оваа марка. Медиумите известија дека Линдзи воопшто и не била поканета да присуствува. Колекцијата беше дело на шпанската дизајнерка Estrella Archs и општо земено не беше добро прифатена од модните критичари, кои сметаа дека „на настанот каде што се појавуваат креациите на некои од најголемите имиња во светот на модата, нема место за ваква колекција“.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10615 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.