Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската недела на високата мода – колекции есен/зима 2014-2015

Париската недела на високата мода – колекции есен/зима 2014-2015

Кога модата ќе се издигне на ниво на уметност, се раѓаат импресивни креации кои се темелат на поетска романтика, драматизам, авангардност, безвременска класика... Париските писти беа преплавени од екстравагантни креации кои може да чинат колку стан во Лондон или луксузен автомобил.

Прошетајте со поглед низ дел од највпечатливите колекции висока мода есен/зима 2014 на реномираните дизајнери кои со неоспорливиот талент ја добиваат честа да бидат вклучени во Париската недела на високата мода.

Версаче

Донатела Версаче неочекувано се насочи кон стилот од 50-тите години, поточно кон високата мода на легендарниот дизајнер Чарлс Џејмс, кон неговата љубов кон структурираната естетика и кон неговиот несекојдневен пристап при конструирањето на креациите. „Тој ме наведе да мислам на нови волумени и нова конструкција, но погледнати низ очите на Версаче“ – рекла 59-годишната креаторка. „Ја обожавам високата мода од 50-тите. Според мене, таа беше најсовршена кога станува збор за кројот и конструкцијата“ – објаснила таа.

Драматични форми, асиметричност, „нов волумен“ типичен за 50-тите години, кристален гламур, провокативност, колекцијата на Версаче привлекува со динамичност. Корсетираните силуети, високите шлицови, многуте отсечоци и хибридните „фустан-панталони“ кои невоздржано го разголуваа телото се доказ дека Донатела никогаш нема да ја напушти идејата за истакнат сексапил.

Versace Versace

Кристијан Диор

Над 150.000 орхидеи го разубавуваа просторот резервиран за ревијата на Кристијан Диор. Раф Симонс скокаше од деценија во деценија, од век во век за да пронајде инспирација од далечното минато и да ја претстави во модерна верзија. „Оваа колекција е инспирирана од историјата. Ми беше предизвик да погледнам назад во историјата и да видам како можам да модернизирам одредени естетики“ – коментирал тој.

Силуети инспирирани од времето на Марија Антоанета, астронаутски комбинезони, палта со изглед типичен за францускиот суд во 18-ти век, фустани „излезени“ од 20-тите години на минатиот век... Симонс талкаше низ минатото за да го привлече вниманието на современата жена.

Диор
Dior Dior

Шанел

Колекцијата на Шанел ротираше околу концептот „Ле Корбизје оди во Версај“. „Тоа е како модерна скулптура, во модерни материјали, но со барокни елементи“ – изјавил Карл Лагерфелд.

Креациите со чисти силуети беа декорирани со извезени детали со цветни и барокни мотиви, а „бициклистички“ ѕиркаа под здолништата и фустаните, додека манекенки чекореа во апостолки со панделки. Невестата на 80-годишниот дизајнер беше во блажена состојба.

Chanel Chanel

Ели Сааб

Колекцијата „Palais Des Lumières“ на Сааб беше инспирирана од Париз, градот на светлината. Блескави кристали деликатно трепкаа како ѕвезди на секоја од креациите достојни за дамите со најпрефинет стил. Огромните лустери, кои го разубавуваа просторот резервиран за ревијата, го интензивираа впечатокот дека колекцијата висока мода е создавана со идеја да ги примами жените кои сакаат да изгледаат како модерни кралици.

Елегантната градација на боите кај фустаните со „омбре“ ефект заслужува комплименти, додека прецизно нижениот динамичен микс од бисери, кристали и мониста е вреден за восхит. Модниот бал на Сааб вклучуваше многу волуменозни балски креации, но исто така не беа прескокнати ниту кратки фустани со А-линија, ниту фустани со силуета на сирена. Модниот спектакл заврши со екстравагантна невестинска креација.

Elie Saab Elie Saab

Armani Privé

Џорџо Армани е лојален обожавател на сивите нијанси, но овојпат изненади со моден танц на фатални жени облечени строго во црни, црвени и бели креации. Елегантни женски костуми со женствени силуети и модернистички кратки панталони го означија стартот на ревијата. „Моите клиентки, без оглед на возраста, имаат убави нозе. Па, си помислив дека треба да ги покажеме“ – објаснил модниот ветеран.

Драматичното и слоевито редење на тул резултираше со волуменозни креации кои ја сокриваа женската силуета, но од друга страна тесните долги фустани ја акцентираа женската линија. Точки со различен размер се провлекуваа низ целата колекција.

Armani Prive Armani Prive

Жан Пол Готје

Готје максимално премина на темната страна. Театралниот дизајнер во темелите на колекцијата постави вампирска елеганција и смела провокативност. „Елегантен вампир во луксузни тренерки“ – вака тој ја опиша ревијата, која заврши со брадестата Кончита Вурст.

Стиловите на Мерилин Менсон и Мортиша Адамс се преплетуваа во дел од стајлинзите. Црно кадифе, црвени кристали и златни синџири ја зачинуваат мрачната модна бајка на Готје.

Jean Paul Gaultier Jean Paul Gaultier

Зухаир Мурад

Зухаир Мурад донесе на модната сцена беспрекорно елегантна колекција која можеби не се потпира на иновативност, но затоа пак е вистински рај за женските очи. Сензуални силуети, сексапилно разголување со V-деколтеа и високи шлицови, игрива асиметричност претставена преку фустани со еден ракав или на едно рамо, интригантни балски креации со набор на колковите, деликатни блескави детали, пајажинеста и мрежеста текстура, провокативна транспарентност... Зухаир е непогрешлив.

Модното шоу започна со црно-бела динамика, продолжи со неофутуристички принтови, а заврши со креации во бордо, кралска сина, тиркизна и сива боја. „Црешата на тортата“ во колекцијата есен/зима 2014 беше феноменална невестинска креација.

Zuhair Murad Zuhair Murad

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9504 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.