Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската модна недела – колекции есен/зима 2014-2015

Париската модна недела – колекции есен/зима 2014-2015

Екстравагантна женственост, луксуз и копнеж за иновативност ги сплотуваше колекциите презентирани во романтичниот Париз. Француската метропола ги угости илјадниците модни ентузијасти кои имаа можност одблиску да ги погледнат новите продукти на безграничната дизајнерска фантазија.

Ателјеата на куќи како Диор, Шанел, Луј Витон, Валентино и Ели Сааб обелоденија какви модни приказни создадоа за сезоната есен/зима 2014-2015.

Кристијан Диор

Раф Симонс ги збогати модните архиви на Кристијан Диор со елегантна и динамична колекција. „Оваа сезона сакам да предложам нова жена. Жена со моќ и енергија“ – објаснил тој.

Модерните силуети беа инспирирани од „новиот изглед“ (New Look) кој самиот Диор го популаризираше во 1947 година. Костумите го мамеа погледот на дамите кои истовремено целат кон женствен и моќен изглед, додека кај фустаните фасцинираа боите и богатите текстури кои понекогаш потсетуваа на јоргани.

Dior Dior

Шанел

Карл Лагерфелд обожава да ја импресионира својата бројна публика со спектакуларни амбиенти, па откако во изминативе години ја однесе во пештера со сталагмити од аметист и зачаден кварц, во авион, во уметничка галерија и во футуристички ноќен клуб од друга планета, сега посетителите ја проследија неговата ревија во огромен фиктивен супермаркет. Илјадници производи беа специјално препакувани за да добијат прикладен „шанел“ изглед. „Сè е поврзано со поп-арт“ – рекол познатиот дизајнер и објаснил дека ова е логичен чекор по уметничката галерија која ја создаде за презентирање на минатата колекција. „Тоа со уметничката галерија беше уметнички супермаркет, бидејќи уметноста стана продукт, нели?“ – изјавил тој.

Спортскиот шик кој преовладуваше во актуелната колекција висока мода на Шанел, застана и во центарот на новата колекција. Беше највидно изразен преку патиките, а присутен и на твид креациите. „Ако сакате да изгледате навистина смешно, одете со штикли во супермаркет“ – рекол Лагерфелд.

Chanel Chanel

Луј Витон

Најмногу љубопитни погледи беа насочени кон ревијата на Луј Витон, бидејќи ова беше првото модно шоу на популарниот бренд по заминувањето на Марк Џејкобс. Под диригентската палка на Никола Гескиер беше прикажана колекција со која започнува нова ера во историјата на луксузната модна куќа.

„Дрскост која води до вечност. Мора да има одредено чувство за безвременост“ – рекол Гескиер. Низ колекцијата се насетуваше влијание од стилот од 60-тите години, но Гескиер објаснил дека при креирањето низ неговата глава единствено се вртело прашањето „Што би сакале жените кои се околу него да носат?“. „Облеката мора да биде функционална“ – појаснил тој.

Louis Vuitton Louis Vuitton

Валентино

Марија Грација Киури и Пјер Паоло Пичоли продреа во нов слој од историјата на Рим, па си поиграа со поп-арт и „арлекино“ шари и дезени кои нè враќаат во ренесансата. „Секоја креација е уметничко парче. Ние сакаме да сме безвременски“ – изјавило познатото креаторско дуо.

Ревијата започна со посмели креации, но потоа завладеа романтиката и на сцената дојдоа деликатни фустани со длабоки бои и богати принтови. Самиот Валентино Гаравани бил одушевен од креациите. „Беше фантастично, навистина фантастично“ – изјавил тој откако им честитал на своите наследници

Valentino Valentino

Ели Сааб

Ели Сааб ја нарече својата нова колекција „Мрачен раскош“, а за неа пронајде инспирација во уметничките слики на Марк Ротко.

Либанскиот дизајнер си поигра со мистични цветни принтови, „омбре“ ефект и темни бои како заводливо бордо, длабоко тиркизно и безвременско црно. Крзното и кадифето ја зголемуваа динамиката и зборуваа за луксуз, додека провидните ткаенини и високите шлицови го потенцираа сексапилот.

Elie Saab Elie Saab

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11136 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.