Почетна » Убавина и мода » Мода » Миланската недела на модата: колекции есен/зима 2012-2013

Миланската недела на модата: колекции есен/зима 2012-2013

Во Милано дизајнерите покажаа мрачни креации и ретко можеа да се видат пастелните бои со кои се карактеризираа пролетните колекции. Големите модни имиња како Армани, Версаче, Кавали и Прада ги поставија основите за трендовите за сезоната есен/зима 2012. Еве дел од колекциите кои не треба да пропуштите да ги видите:

Гучи

Фрида Џанини на пистата го донесе романтизмот, но го прилагоди на модерното време. Мрачна и романтична, гламурозна и носталгична. Како и креациите, така и шминката и фризурата ја потенцираат темната страна на креативноста на Џанини.

Ревијата започна со девојка со очила која носеше долга кадифена сукња и кратко палто во милитаристички стил, продолжи со женствени фустани кои пленеа со женственост и деликатен спој на проѕирни материјали, цветни дезени и кадифе, за да заврши со елегантни тоалети кои повеќе отскриваа отколку што покриваа, а сепак беа полни со префинетост и класа.

Гучи Гучи

Роберто Кавали

Животинските мотиви повторно ја окупираа можеби најгламурозната колекција на Кавали. Екстравагантни и богати би биле најдобрите зборови за да се опишат динамичните креации од крзно и кожа на 71-годишниот дизајнер. Изгледот на манекенките беше надополнет со црни мрежести хулахопки. „Ги сакам мрежестите хулахопки. Тие се многу секси“ – објаснил Кавали.

Наоми Кембел го означи крајот на ревијата со вечерна тоалета во пурпурна боја со длабоко V-деколте и црни ракавици високи до лактите. „Ако се доделуваше Оскар за најдобар модел на светот, тогаш ќе ѝ го дадеа на Наоми Кембел, без двоумења“ – изјавил Кавали.

Роберто Кавали Роберто Кавали

Долче и Габана

Дизајнерското дуо Доменико Долче и Стефано Габана донесе типичен италијански раскош на Миланската недела на модата. „Тие беа како аристократски жени од 19 век“ – со овие зборови го опиша изгледот на манекенките Хариет Квик од Вог.

Црните креации кои како да беа на места потопени во злато, проѕирните ткаенини, цветните дезени и модните додатоци за коса ја акцентираа инспирацијата на Долче и Габана од италијанската култура.

Долче и Габана Долче и Габана

Версаче

Донатела најави „секси рок вибрации на позадина од мрачна заводливост“. Фризурите со високи шишки во стилот на Руни Мара, крстовите кои се појавија на фустаните, чизмите и модните додатоци, како и високите мрежести хардкор чорапи ја доловија драматичноста на колекцијата и ѝ дадоа готски шмек.

За првпат по смртта на Џани Версаче во 1997 година, Донатела имаше храброст да се наврати на тој трагичен период и да ја искористи како инспирација неговата последна колекција.

Версаче Версаче

Прада

„Задоволство. Сите имаат теории за своите колекции во денешно време, но мене ми е смачено од теории. Колекцијата е за задоволството од модата“ – изјавила Мјуча Прада.

Сите присутни на ревијата на Прада со нетрпение очекуваа да видат што ќе им понуди познатата дизајнерка, бидејќи таа секоја сезона ги диктира трендовите. 62-годишната креаторка ги изненади со палта и туники со висок струк, панталони со должина до над глуждовите, фустани и сукњи облечени над панталони, црни, но и шарени креации со геометриски принт. Обувките беа приказна за себе. Поткачени на рамна платформа некои од нив беа во машки стил, а некои во стил „Мери Џејн“.

Прада Прада

Ботега Венета

Томас Мајер претстави елегантна колекција во која секоја креација ја истакнуваше женската силуета. Фустаните беа кроени блиску до телото на манекенките и секој од нив изгледаше практично и носливо.

Винтиџ луксуз од 40-тите години на минатиот век помешан со модерна привлечност го дефинираше правецот во кој Мајер ја развиваше колекцијата за да на крајот да добие громогласни аплаузи.

Ботега Венета Ботега Венета

Емилио Пучи

Питер Дандас претстави егзотични црни креации во кои монотонијата на еднобојноста беше разбиена со отсечоци. Припиените фустани кои го оцртуваа телото на манекенките го имаа оној посакуван холивудски гламур што продава.

„Беше многу свежо и имаше многу мажествени кројки“ – изјави Грен Брнс за прикажаните креации во кои беа вметнати елементи на машкиот стил.

Емилио Пучи Емилио Пучи

Џорџо Армани

Армани ја именува својата колекција „Easy Chic“ и испрати на пистата манекенки со ниски обувки со врвки во машки стил и со големи „федора“ шапки на главите. Елегантни бермуди, кратки блескави сакоа, едноставни фустани со должина до над колената поминаа пред очите на публиката во бои од црна и сива, до корална, розова и оптимистички портокалова.

„Модерната жена сака да се облекува во андрогин стил и машка облека, но сепак таа не сака да ја жртвува женствената нежност и леснотија“ – пишувало во описот на колекцијата на Армани.

Џорџо Армани Џорџо Армани

Жил Сандер

Раф Симонс ја прикажа својата последна колекција за Жил Сандер и со тоа ги подгреа шпекулациите дека можеби конечно Диор ќе постави наследник на Галијано. На местото на Симонс ќе се врати дизајнерката Жил Симонс, која го основа овој моден бренд.

Со прекрасна едноставност Раф ја освои наклоноста на модните критичари и многу беа оние што прокоментираа дека ова е неговата најдобра колекција досега. Минималистичката колекција беше романтична и нежна, збогатена со ретро привлечност.

Жил Сандер Жил Сандер

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11161 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.