Почетна » Убавина и мода » Мода » 13 најдоминантни модни трендови – пролет/лето 2014

13 најдоминантни модни трендови – пролет/лето 2014

Недозволиво е срамежливоста на пролетното сонце да ви го замре ентузијазмот за модни експерименти и да ви го згасне копнежот по новитети кои би ги инкорпорирале во стилот на облекување.

А, актуелната модна сезона навистина има со што да нè израдува и инспирира. Од фузијата на уметнички дух, спортски шик, цветна фантазија, умерена провокативност и безвременска елеганција произлезе уникатен моден микс од тенденции.

Џинс манија

Да, фармерките се незаменлив актер во секоја урбана модна приказна, но оваа сезона се издигнати на пиедестал и добиваат нов бран почит дури и од луксузните модни куќи. Искинати, со крпеници, „бојфренд“, тесни и еластични... буквално нема ограничувања кај фармерките.

Всушност, преферирајте сè што е од деним и нема да погрешите. Со фармерска кошула или јакна следете го трендот „деним на деним“. За составување на добитна комбинација основното правило вели да комбинирате фармерки и кошула кои се во сосема различна сина нијанса и по можност со различна текстура.

Трендови пролет/лето 2014

Цветна фантазија

Ботаничките градини нека ја распламтат вашата желба за цветен изглед. Запливајте во светот на цветните принтови и скротете ја пребирливоста затоа што овој тренд не остава простор за грешки. Тропските принтови ги доживуваат своите пет минути, па со фантазијата летнете и до далечните егзотични локации за инспирација.

Сепак, цветните дезени не се доволно, одете еден чекор понапред со 3D цветни апликации.

Трендови пролет/лето 2014

Воздржана провокативност: разголено стомаче

Врвните креатори смело го предложија, славните дами со одушевување го прифатија и модните блогерки во него се вљубија, па разголеното стомаче прерасна во примамлив предизвик.

Кратки маички, корсети, блузи и кошули се комбинираат со панталони и здолништа со висок струк за да се зачува умерена провокативност во изгледот. За префинет изглед важно е да не претерате со разголувањето. Исто така внимавајте на тоа колку е тесна облеката. Доколку носите премногу тесно здолниште или панталони, претпочитајте широка кратка маичка, и обратно.

Трендови пролет/лето 2014

Бескрајна пастелна приказна

Нежните пастелни нијанси бомбастично влегоа во модниот свет пред неколку сезони и поради нивната неодоливост никој не се ни обидува да ја потисне нивната сила.

Бебешката сина и розовата боја ставете ги на врвот, а не ги заборавајте привлечните корални, лимонесто-жолти, ментол и млечно-зелени нијанси.

Трендови пролет/лето 2014

Уметничка креативност

Графитите на градските ѕидови и колоритноста и играта со формите во уметничките галерии се префрлија на модните писти, а тоа резултира со динамични дезени кои го задржуваат погледот.

Разнобојните траги од четки на Шанел и женските лица на креациите на Прада го ставија уметничкиот „принт“ во темелите на новата модна сезона.

Трендови пролет/лето 2014

Шик комбинезони

Нема сите да го дочекаат со раширени раце трендот комбинезони, но тоа не значи дека не вреди да им се даде шанса. Иако знаат да бидат малку проблематични, комбинезоните неретко гарантираат елегантен изглед.

Богатата понуда на различни модели комбинезони за различни прилики придонесува кон нив да се насочуваат сè повеќе модни ентузијастки.

Трендови пролет/лето 2014

Дамски широки/палацо панталони

Широките панталони убедливо ги заменуваат неудобните тесни панталони. Вратете си ја слободата при движење со женствени панталони од лесен материјал кои игриво ги оцртуваат вашите нозе при секој чекор.

„Палацо“ панталоните повторно примамуваат со својот ретро шарм. Овие развеани панталони кои се родиле во 30-тите години, а стекнале огромна популарност во 60-тите и 70-тите години, се враќаат со идејата за постигнување на дамски изглед.

Трендови пролет/лето 2014

Плисирана женственост

Плисето е помодерно отсекогаш. Богатата „хармоника“ структура на плисираните креации константно си го зголемува бројот на обожавателки.

Плисираните здолништа се вистински хит, но треба внимателно да се избираат бидејќи лесно може да додадат неколку килограми во вашиот изглед.

Трендови пролет/лето 2014

Спортски дух

Спортската облека повторно им послужи како извор на инспирација на креаторите. Мрежести блузи кои потсетуваат на дресови, „бомбер“ јакни, панталони и комбинезони со странична трака или врвца на колковите се само дел од комплексниот спортски тренд.

Многу неочекувано, патиките ги заменија обувките со високи потпетици на пистите, дури и пронајдоа место во високата мода. Не се противете, дајте им пауза на стапалата и ставете го комфорот на преден план.

Трендови пролет/лето 2014

Слоган/лого опсесија

Провокативни слогани и фрази и логоа се видливо испишани во центарот на многу креации од најновите колекции. За уникатен изглед, можете сами на обичен блузон или едноставна маица да го испечатите животното мото или конкретна порака со која се поврзувате.

Трендови пролет/лето 2014

Деликатна транспарентност/чипка

Транспарентните материјали го мамат погледот и дискретно разголуваат дел од телото. Токму поради игривиот карактер тие им даваат нова димензија на креациите.

Чипката шармира со нежноста и богатата текстура и веќе неколку сезони наназад е меѓу најзабележителните трендови. Ако досега не сте ѝ дале место во својот плакар, сега е крајно време за нов чипкаст фустан.

Трендови пролет/лето 2014

Футуристички сјај / Златна треска

Облеката со металик отсјај и иридесценција отсекогаш се поврзувала со гламурозен изглед и посвечени прилики, но сега сјајните материјали се резервирани и за секојдневната облека.

Златната треска е уште еден сјаен тренд кој се издвојува сезонава. Блескавата боја на овој благороден метал во најмала рака нека ги обои вашите модни додатоци.

Трендови пролет/лето 2014

Црно-бел дуалитет

Не стивнува популарноста на класичната црно-бела комбинација, на огромна радост на многумина. Безвременската привлечност на оваа комбинација е особено силна бидејќи се поврзува со едноставна елеганција и стои во основата на минималистичкиот стил.

Од друга страна, црно-белата игра може толку многу да се засили, што да се претвори во динамичен принт со хипнотизирачки ефект. Во секој случај, јасно е дека црно-белиот тренд ја продолжува својата доминација.

Трендови пролет/лето 2014

Трендови кои заслужуваат да бидат споменати:

  • Реси и инспирација од „Дивиот Запад“
  • Ретро точкест принт
  • Мрежести плетени блузи
  • Етно мотиви
  • „Кожена“ јакна во пролетна боја
  • Блескави кристали како накит за облека.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9527 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.