Почетна » Убавина и мода » Коса » Исхрана за здрава и сјајна коса

Исхрана за здрава и сјајна коса

Убавата коса нè прави посреќни, посамоуверени, а се разбира и поатрактивни. Токму поради тоа, секоја жена сонува да има раскошна сјајна коса за која сите ќе ѝ завидуваат и редовно е во потрага по соодветен продукт за нега на косата.

Но, за да се гордеете со блескава коса (каква што гледате на рекламите за шампони), не треба само да ѝ се доверувате на козметиката. Она што го ставате во устата е подеднакво важно како и она што го ставате врз вашата коса.

Убава косаИсхраната игра важна улога во негата на косата

Исхраната многу влијае на косата – како што може да го влоши, така таа може и да го подобри изгледот на вашите прамени. Затоа, погрижете се да се храните балансирано и да ги внесувате витамините и минералите кои го стимулираат растењето на цврсти и здрави влакна. Еве што треба да консумирате:

  • Лосос и ленено семе. Рибата е незаменлива ако сакате да се храните здраво, а лососот е најдобриот избор. Оваа мрсна риба е одличен извор на омега-3 масни киселини, витамин Б12 и железо. Сите тие заедно „работат“ за да ви го дадат посакуваниот сјај на косата. Омега-3 масните киселини го одржуваат здравјето на скалпот. Недоволната консумација на храна богата со омега-3 масни киселини може да направи вашиот скалп да стане сув, а вашата коса безживотна. За да го избегнете тоа, имајте риба на вашето мени барем 3 пати неделно. Доколку не сте во можност толку често да консумирате риба, лененото семе е добра замена, затоа што во изобилство содржи омега-3 масни киселини.
  • Јајца и пилешко месо. Косата основно е составена од протеини, па логично е консумирањето на храна богата со протеини да биде ефективен начин за стимулирање на растот на косата и намалување на нејзиното опаѓање. Јајцата се богати со витамини од групата Б, особено со Б12 и биотин (Б7). Биотинот уште се нарекува и витамин Х (Х-то доаѓа од „Haar und Haut“, што на германски значи коса и кожа). Се смета дека недостатокот на биотин предизвикува опаѓање на косата. Освен јајцата, богат извор на биотин е и џигерот. Пилешкото месо е неверојатен извор на протеини кои можат да ви помогнат еднаш засекогаш да се ослободите од кршливата коса.
  • Телешко месо и остриги. Телешкото месо и остригите го подобруваат изгледот на косата, затоа што се богати со цинк. Добро познато е дека недостатокот на цинк води до опаѓање на косата, а се смета дека се бори и против предвременото побелување на косата. Освен телешкото и остригите, цинкот е присутен и во јаткастите плодови (ореви, бадеми) и јагнешкото месо.
  • Леќа. Можеби ќе ви звучи чудно, но леќата е храна што не треба да ја избегнувате ако сакате здрава коса. Таа е богата со фолна киселина, којашто го подобрува здравјето на црвените крвни зрнца кои ги снабдуваат кожата и скалпот со потребниот кислород. Исто така, фолната киселина е важна и за обновување на клетките, па важна е и за растењето на косата.
  • Ореви и бадеми. Оревите и бадемите, како и останатите јаткасти плодови, содржат во себе омега-3 масни киселини (кои делуваат како регенератор на вашата коса) и цинк (којшто го спречува ретчењето и опаѓањето на косата). Освен ореви и бадеми, не пропуштајте во вашата ужина да вклучите и бразилско оревче.
  • Моркови. Морковите содржат витамин А, којшто го стимулира создавањето на себум на скалпот. Себумот од своја страна овозможува косата да ја задржи природната влажност и го подобрува здравјето на скалпот. Преголемото или премалото лачење на себум ја оштетува косата. Недостатокот на витамин А може да се манифестира и преку појава на првут и сува коса. За да го избегнете сето тоа, заменете ги нездравите грицки со моркови.

Дополнителни совети

  • Консумирајте храна богата со витамин Ц. Витаминот Ц ја зголемува способноста на телото да го апсорбира цинкот.
  • Пијте 8 чаши вода дневно. Водата помага косата да изгледа здрава, сјајна и да ја задржи својата влажност.
  • Вежбајте редовно. Вежбањето го намалува стресот, којшто може да биде причина за опаѓање на косата.
  • Не држете строги диети. Диетите најчесто препорачуваат внесување на многу мал број на калории и вклучуваат храна која не содржи цинк, витамин А или омега-3 масни киселини, па поради сето тоа, вашата коса страда. Често се случува диетата да предизвика опаѓање на косата кај жените.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11057 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.