Почетна » Семејство » Дете » Како и кога да разговарате со вашата ќерка за првата менструација?

Како и кога да разговарате со вашата ќерка за првата менструација?

Кога девојчињата ќе влезат во пубертет и ќе го започнат својот физички и емоционален развој, многу родители се чувствуваат неподготвени за да ги водат низ промените кои им претстојат. Сите сме го доживеале моментот кога за првпат капки крв се нашле на нашата долна облека, знак дека сме започнале да чекориме во светот на возрасните. Но, да признаеме, првата менструација е по малку страшен момент за секое девојче. Еден ден таа е среќно и безгрижно мало дете, а веќе следниот ден треба да го прифати своето влегување во светот на возрасните.

Не чекајте ќерка ви сама да се информира за важните настани во нејзиниот живот, затоа што така може да добие неточна претстава за она што доаѓа. Менструацијата е чувствителна тема опкружена со многу митови и невистини, па најдобро е вие да ја преземете улогата на информатор.

Мајка и ќерка

Кога треба да започнете со разговор?

Девојчињата најчесто ја добиваат својата прва менструација, која се нарекува и менарха, на 12-годишна возраст, иако таа просечна возраст станува сè помала. Важно е да се потенцира дека секое девојче се развива индивидуално и апсолутно нормално е првата менструација да настапи во периодот од 9 до 16 години.

Ако вашата ќерка не знае што треба да очекува, првата менструација може да биде само лошо искуство за неа. Затоа, од клучно значење е да ги започнете поинтимните разговори уште пред кај неа да настапи менархата.

Се препорачува да ја подготвувате вашата ќерка за промените кои ги носи пубертетот уште од мали нозе и постепено да станувате подетални. На почетокот можете да започнете со мали најави како „Набрзо твоето тело ќе започне да се менува и разубавува за да станеш девојка“. Вашата ќерка треба да биде информирана за менструацијата околу 8-годишна возраст.

Знаци кои ќе ви укажат дека „денот“ се наближува

Промените на телото на вашата ќерка ќе започнат уште пред таа да го добие својот прв менструален период и ќе ви навестат дека е крајно време да ги започнете разговорите на оваа тема.

  • Растење на градите. Истакнувањето на областа околу брадавиците и растењето на градите најчесто започнува две години пред првата менструација.
  • Срамни влакна. Иако кај 15% од девојчињата тенки срамни влакна започнуваат да растат пред развивањето на градите, најчесто влакната на интимните делови на телото се појавуваат откако градите ќе го започнат својот развој.
  • Вагинален исцедок. Повеќето девојки забележуваат бел вагинален исцедок на гаќичките неколку месеци пред првата менструација (најчесто 6 месеци).

Како да разговарате на тема „менструација“ со вашата ќерка?

Една од најчестите грешки на родителите е што ги одложуваат разговорите за пубертетот и чекаат да дојде првата менструација за да започнат посериозен разговор. Не чекајте! Подготвените и информирани девојки полесно ги прифаќаат промените.

Фрлете го строгиот превез на мајка која го воспитува своето дете и во овој важен период од животот на вашата ќерка, бидете нејзин советник и пријател. Запомнете, одржувањето на блиска врска мајка-ќерка во овој период е задолжително. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ја подготвите вашата ќерка за првата менструација:

  • Зборувајте за менструацијата позитивно и објаснете дека тоа е нормален процес. Имајте позитивен приод кога ѝ објаснувате на вашата ќерка зошто жените добиваат менструација. Зборувајте за менструалниот период како за неизбежен и прекрасен дел од женската природа. Објаснете ѝ дека благодарение на менструацијата, еден ден таа ќе може да стане мајка. Ако ја научите вашата ќерка дека менструацијата е нормален, здрав дел од нејзиниот живот, таа ќе се чувствува помалку засрамена, а можеби и среќна што започнува да расте.
  • Не се откажувајте ако наидете на „ѕид“. Пубертетот може да биде тежок период за девојчињата и нивните родители. Хормоните стапуваат на сцена, често правејќи ги младите девојки нерасположени и раздразливи. Децата на оваа возраст често чувствуваат срам, неудобност, збунетост, лутина, тага... Многу ретко девојчињата се подготвени за разговорот на тема менструација, но факт е дека имаат потреба од него. Не се откажувајте! Ако вашата ќерка не сака да ве ислуша денес, утре обидете се повторно.
  • Искористете го сопственото искуство за да го започнете разговорот. Сите сме го почувствувале миксот од емоции кои ги носи првата менструација. Искористете го своето искуство за да иницирате разговор. Кажете нешто како „Кога бев на твои години, многу бев загрижена за мојата прва менструација, па постојано ѝ поставував прашања на мајка ми“. Потсетете ја вашата ќерка дека и вие некогаш сте биле на нејзина возраст и дека добро знаете како се чувствува и кои се нејзините стравови.
  • Не покажувајте знаци на срам и нервоза. Не ги избегнувајте зборовите „менструација“, „менструален период“, користејќи некакви „заменки“ за нив. Тоа покажува дека вам ви е непријатно да разговарате на оваа тема. А, ако вие ја избегнувате темата поради трема, тоа ќе го прави и вашата ќерка.
  • Очекувајте прашања и одговорете на нив на прост начин. Не навлегувајте во детали и објаснувања за тоа како и кога жената овулира, како се движи јајце-клетката, како влијаат хормоните итн. (освен ако вашата ќерка не сака да знае повеќе). Во почетокот доволно е да одговорите на нејзините прашања на едноставен начин. На пример, ако ве праша колку често жените имаат менструација, вие не треба да ѝ го објаснувате целиот месечен циклус, туку едноставно одговорете ѝ „Еднаш месечно“ или „Најчесто еднаш на 28 дена“. Подоцна, кога таа ќе порасне, можете подетално да ја информирате, но без да ја преплавувате со неважни факти.
  • Купете ѝ ја неопходната „опрема“ и запознајте ја со неа. Набавете ги неопходните производи за интимна хигиена во најделикатниот период од месецот. Запознајте ја со различните типови хигиенски влошки и дајте ѝ совети колку често треба да се менуваат.
  • Подгответе ја за во случај да добие менструација додека е на училиште. Никој не може да ви каже кога точно вашата ќерка ќе добие менструација за првпат. Вашата задача е да ја подготвите за да може да ги избегне непријатните ситуации. Заедно ставете влошка во дискретен џеб од нејзината училишна чанта. Кажете ѝ дека доколку си ги „извалка“ панталоните со крв на училиште може да си врзе блуза или кошула на половината додека да дојде до дома. Советувајте ја да разговара со наставничката за да ја ослободат од часовите и сл.
  • Запознајте ја со симптомите на ПМС. Иако повеќето девојчиња не чувствуваат никакви симптоми во првите години по добивањето на менструација, сепак вие треба да ја запознаете со истите. Објаснете ѝ дека некои жени чувствуваат подуеност, имаат променливо расположение, чувствителни гради итн. и дека сето тоа е сосема нормално.
  • Објаснете ѝ дека болките и грчевите се нормални за време на менструација. Кога за првпат ќе се соочат со менструалните болки, многу девојчиња мислат дека нешто не е во ред со нивното здравје. Причина за тоа е неинформираноста на младите девојки. Многу е важно да ѝ кажете на вашата ќерка дека болката и грчевите во стомакот се нормален дел од менструалниот циклус за таа да биде подготвена при евентуална појава.
  • Предупредете ја дека менструацијата на почетокот е нередовна. На почетокот девојките не добиваат менструација редовно и тоа може да биде причина за паника. За да го избегнете тоа, морате да ја информирате дека не е страшно ако ѝ доцни неколку дена или во некои случаи – недели.
  • Охрабрете ја веднаш да ве информира штом ја добие првата менструација. Многу девојчиња се срамат кога ќе добијат менструација и се обидуваат да ја држат таа новост во тајност. Ослободете ја вашата ќерка од срамот и поттикнете ја веднаш да ви каже за ваквиот настан во нејзиниот живот.
  • Никогаш не започнувајте разговори за менструација пред други луѓе. Девојките се многу чувствителни, па се препорачува деликатните разговори да останат за моментите кога сте насамо.

Овој разговор искористете го за да се зближите со вашата ќерка. Тој исто така треба да биде и почетна точка за многу разговори кои во иднина ве очекуваат. Доколку не сте разговарале на тема секс со вашата ќерка, ова е одличен период за да го сторите тоа. Запомнете, девојчињата кои се добро информирани, се склони да донесуваат поумни одлуки понатаму во животот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11196 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.