Почетна » Семејство » Бременост » Третото тримесечје од бременоста

Третото тримесечје од бременоста

28 недела

Бремена женаВашето бебенце може да слуша звуци, па затоа не се чувствувајте глупаво ако му зборувате или му пуштате музика.

Вие: Вие веќе знаете каде има тоалет насекаде каде што излегувате, затоа што вашето бебе сè повеќе притиска врз мочниот меур и вие почесто имате потреба да уринирате.

Вашето бебе: Вашето бебе ги отвора и затвора очите. Заедно со тоа започнува и да сонува. Мускулната маса секојдневно му се зголемува и веќе има 2-3% масти по телото.

29 недела

Вие: Како што расте вашето бебе, така растете и вие. Имате чувство дека внатре во вас сè е пренатрупано. Всушност, во право сте. Најмногу ќе ви создаваат проблеми болките во грбот, грчевите во нозете и недостатокот на воздух. Бројте ги движењата што вашето бебенце ги прави во текот на еден час. Во овој период тоа треба да мрда околу 10 пати на час. Ако се движи помалку од тоа, направете консултација со вашиот гинеколог.

Вашето бебе: Бебето е зафатено со подготовки за неговиот роденден. Тоа тежи 1,2kg. Можно е да има таква навика да спие дење, кога вие со вашите движења го приспивате, а ноќе кога вие ќе се смирите тоа да започне со својата активност.

30 недела

Вие: Вие можете да забележите подување околу зглобовите и стапалата на нозете. Околу 40-75% од бремените жени страдаат од мало подување, но ако рацете и лицето ви се подуваат консултирајте се со доктор.

Вашето бебе: Главата на вашето бебе се зголемува. Тоа испушта околу ½ литар урина во амнионската течност. Тенките влакненца (лануго) полека исчезнуваат. Повеќето од времето очите на бебето се отворени и тоа гледа наоколу. Коскената срж сега е задолжена за создавањето на црвени крвни клетки. Вашето најмило е долго 35-39cm.

31 недела

Вие: Вашето тело се подготвува за важната задача – породувањето. Бракстон–Хиксовите контракции ве приготвуваат за процесот на раѓање. Тие не се вистински контракции, но ќе ве подготват за вистинските породилни контракции. Вашите нозе најверојатно ќе потечат, а ќе чувствувате и болка во грбот и потреба за често мокрење.

Вашето бебе: Белите дробови и дигестивниот систем се речиси целосно развиени. Вашето бебе е целосно долго околу 38cm, а тежи 1,6kg.

32 недела

Вие: Во овој период тешко ќе можете да си најдете положба за спиење во која ќе се чувствувате удобно. Ако немате ризична бременост, можете да спиете во каква положба што ви е удобна, дури и на стомак. Може да имате и симптоми на запек. За да ги избегнете, пијте доволно вода и јадете храна богата со фибри.

Вашето бебе: Во текот на оваа недела вашето бебе најверојатно ќе тежи 1,8kg и ќе биде целосно долго 40cm. Движењата на бебето ќе се намалат, затоа што тоа расте и има помалку простор за движење. Ланугото (тенките влакненца по телото) продолжува да паѓа, а му расте косата на главата. Рацете и нозете му се пропорционални, во споредба со големината на главата.

33 недела

Бремена женаВо третото тримесечје вие најверојатно ќе страдате од киселини, грчеви во нозете, болки во грбот и замор.

Вие: Вие сè уште страдате од киселини, грчеви во нозете, болки во грбот. Сега може и да се чувствувате премногу заморени. Вашето либидо значително ќе се покачи.

Вашето бебе: Во 33-тата недела вашето бебенце тежи веќе 2kg. Тоа го вежба процесот на дишење, со тоа што вдишува амнионска течност. Кај некои бебиња, на оваа етапа целата глава е покриена со коса, а кај некои има само малку. Додека спие бебето може да влезе во REM фазата (Rapid Eye Movement). Тоа е периодот во кој сонуваме. Сè повеќе масти се трупаат по неговото тело, за да може да ја одржува телесната температура. Вашето бебе може да детектира светлина, т.е. да разликува дали е ден или ноќ.

34 недела

Вие: Вие го поминавте критичниот дел од бременоста. Заморот ве измачува. Тој се појавува поради болките, зголемената телесна тежина или поради стресот, затоа што се ближи датата на која ќе дојде на свет вашето најмило.

Вашето бебе: Ако бебето се роди во текот на 34-тата недела, најверојатно ќе биде добро. Ќе му биде потребна специјална грижа и ќе биде поставено во инкубатор поради неговите нецелосно развиени бели дробови, но ќе преживее. Вашето бебе во овој период развива имунитет кон некои мали инфекции. Ноктите на рацете му ги достигаат врвовите на прстите.

35 недела

Вие: Во овој период вие имате проблеми со спиењето, возбудени сте во исчекување на големиот настан и станувате сè почувствителни (ве иритираат најобични нешта). Искористете го овој период да уживате со вашиот партнер во тишината и спокојството, затоа што ќе помине долго време пред повторно да го имате тој мир.

Вашето бебе: Веќе сте во 35-тата недела од бременоста. Бебињата родени во текот на оваа недела, во 99% од случаите се здрави. Тежината на бебето веќе е 2,5kg. Белите дробови се скоро целосно развиени. Најверојатно веќе е поставено со главата надолу и чека за да излезе.

36 недела

Вие: Нема да се чувствувате удобно во својата кожа, но има уште малку пред да станете бескрајно среќна мајка. Одмарајте се колку што можете повеќе. Во овој период може да имате проблеми со хемороидите и честото мокрење.

Вашето бебе: Вашето бебе продолжува да трупа масти по телото. Тоа ќе му помогне да си ја одржува телесната температура, кога ќе ја напушти матката. Соодветно на тоа и неговата тежина се зголемува. Сега вашето малечко тежи 2,8-3kg.

37 недела

ЕмбрионВо 37-та недела кожата на вашето бебенце не е веќе збрчкана.

Вие: Цервиксот ќе започне да се отвора, за да се подготви за породувањто. Вашите гради се зголемуваат со цел да бидат подготвени за доењето. Тие ќе бидат и чувствителни на допир. Најдобро е да ги миете само со вода, а не со сапун. Сапунот ќе ја направи сува кожата на брадавиците и тие ќе напукаат и ќе се иритираат.

Вашето бебе: Кожата на вашето бебенце е розова и веќе не е збрчкана. Бебето продолжува да го вежба дишењето. Ако се роди во текот на оваа недела, тоа ќе се смета за созреано дораснато бебе. Сепак, тоа не значи дека бебето е целосно развиено. Во останатите недели тоа ќе продолжи да трупа масти по телото.

38 недела

Вие: Во овој период може да испадне дел од слузавиот чеп, со кој е затворено грлото на матката во текот на бременоста. Тој чеп е густа колекција на слуз и го штити бебето од инфекции. Чепот може да падне недели, денови или часови пред породувањето.

Вашето бебе: Во секое време може да настапи долгоочекуваниот настан – породувањето. Ако се породите во текот на оваа недела, вашето бебе ќе се смета за целосно развиено.

39 недела

Вие: Вие се чувствувате огромна и неудобно ви е да правите било што. Нестрплива сте и не можете да дочекате да го држите во раце она малечко што толку време расте во вас.

Вашето бебе: Во овој период вашето бебе ќе се движи помалку. Мускулите на неговите раце и нозе се силни. Тенките влакна (лунаго) паѓаат од неговото тело. Сите органи се подготвени за да функционираат надвор од матката. Тежината на бебето е околу 3,1kg.

40 недела

Бремена женаСамо 5% од бебињата се раѓаат на предвидената дата.

Вие: Само 5% од бебињата се раѓаат на предвидената дата. Дури 95% од нив се раѓаат 2 недели пред или после предвидената дата. Затоа, ако веќе поминала вашата дата – не паничете. Можеби уште утре ќе станете мајка.

Вашето бебе: Вашето бебе е подготвено да излезе од матката и да добие нов дом.

41 недела

Вие: Веројатно сте фрустрирана и уморна од бременоста. Не се грижете. Многу скоро сè ќе заврши. На оваа етапа постои можност породувањето да се предизвика вештачки. За да го забрзате процесот можете да јадете зачинета храна, да пешачите или да имате секс.

Вашето бебе: Бебињата кои се подолго носени се раѓаат со поголема телесна тежина и со повеќе коса од останатите.

Кога ќе се случи породувањето и не е толку важно, важно е дека вие ќе станете мајка. Честито!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11169 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.